Едно од најголемите преструктуирања во историјата на американската забавна индустрија влегува во завршница. Paramount Skydance и Warner Bros. Discovery се обединуваат во нов медиумски гигант кој ќе го носи името Skydance, а трансакцијата, чија вредност заедно со долгот се проценува на околу 110 милијарди долари, треба да биде затворена денеска, 6 октомври.
Со спојувањето под ист корпоративен покрив ќе се најдат некои од најпознатите имиња во светската филмска, телевизиска и стриминг индустрија. Новата компанија ќе ги контролира Warner Bros. Pictures и Paramount Pictures, како и HBO, HBO Max, CNN, CBS, MTV, Nickelodeon, Comedy Central, Discovery, Showtime, Paramount+ и Pluto TV.
Во исто медиумско семејство со тоа ќе се најдат и некои од највредните филмски и телевизиски франшизи во светот, од „Хари Потер“, „Господарот на прстените“, „Игра на тронови“ и универзумот на DC, до „Невозможна мисија“ и „Yellowstone“.
Новата матична компанија ќе се вика Skydance, потврди претседателот и извршен директор Дејвид Елисон. Сепак, историските имиња Warner Bros. и Paramount нема да исчезнат. Двете студија ќе продолжат да работат под сопствените брендови, а според Елисон, изборот на неутралното корпоративно име треба да овозможи зачувување на нивните посебни идентитети.
Warner Bros. е основан во 1923 година од браќата Хари, Алберт, Сем и Џек Ворнер, додека историјата на Paramount Pictures започнува во 1912 година. Повеќе од еден век подоцна, двете холивудски институции првпат ќе се најдат во рамките на иста корпорација.
Новоформираната Skydance ќе има огромно присуство во филмот, телевизијата, стримингот, информативните медиуми, спортот и видеоигрите. Компанијата ќе ја води Дејвид Елисон, додека Инон Крејз ќе биде коизвршен директор задолжен за секојдневното работење и интеграцијата на двата медиумски системи.
Акциите на новата компанија се очекува да се тргуваат на Њујоршката берза под симболот SKYD.

