Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Судските забрани на екстремната десница се израз на политичка немоќ

Откако кон крајот на ноември минатата година беше откриено дека се одржал собир на кој бил разгледуван план за „ремиграција“ на милиони имигранти кои живеат во Германија, сè поотворено се дискутира за можноста за забрана на Алтернатива за Германија (АфД). На состанокот присуствувале не само високи функционери на партијата, туку и бројни активисти на неофашистички и неонацистички организации, но и бизнисмени и симпатизери на Христијанско демократската унија (ЦДУ). Набрзо откако беше откриено дека состанокот се одржал, ширум Германија беа организирани масовни протести.

Според моменталните анкети АфД е втората најмоќна партија во Германија, додека во некои покраини во кои наесен ќе се одржат избори е на прво место. Германскиот устав предвидува можност за забрана на партии кои го поткопуваат уставниот поредок и се залагаат за кршење на основните човекови права – нема потреба подетално да се објаснува потеклото на таквата одредба.

Неодамна, Гардијан на својата страница објави низа текстови на новинари, политиколози и социолози во кои беа спротивставени аргументи за и против започнување постапка против АфД. Тука нема подетално да анализираме дали е оправдано да се забрани АфД, туку ќе се занимаваме со прашањето дали ваквите и слични стратегии се корисно оружје во политичката борба на левицата. Пошироко гледано, ваквите мерки за забрана на политичкото дејствување на некои партии се во теоретскиот корпус на милитантната демократија. Значи, дали методите на милитантната демократија во борбата против политичките противници се корисни за левицата?

Не толку ново прашање

Германскиот политиколог Карл Лувенштајн во 1937 година ја објави познатата статија „Милитантната демократија и фундаменталните права“. Лувенштајн го поставува прашањето дали е оправдано на политичките актери кои по доаѓањето на власт ја суспендираат демократијата да им се дозволи демократски натпревар. Смета дека еден од проблемите на меѓународниот поредок е тоа што демократијата не била во состојба „на непријателите на своето постоење да им ја забрани употребата на демократските инструменти“. Наместо „демократски фундаментализам“ и „легалистичко слепило“ кон антидемократските актери (Лувенштајн во текстот пред сè ги споменува фашистичките партии), демократиите би требало да заземат милитантен став околу тоа дали во политичкиот живот да го дозволат учеството на таквите актери. Слично прашање се поставува и денес во контекст на политичкото дејствување на АфД.

Лувенштајн одговара потврдно – сите политички актери не се исти. Оние кои би ги искористиле изборите за да дојдат на власт, па потоа да ги укинат и на тој начин да ја оневозможат сопствената смена треба да се исклучат од полтичкиот натпревар. Како и за секоја преемптивна акција и во случајов сериозен товар лежи во докажувањето на намерите.

Набрзо по завршувањето на Втората светска војна принципите на милитантната демократија се вградени во уставот на Западна Германија и не помина долго време до првите случаи на забрана. Во педесеттите години од минатиот век германскиот Уставен суд прво ја забрани работата на Комунистичката партија, потоа и на нацистичката Социјалистичка партија на Рајхот (Sozialistische Reichspartei). Според либералниот политички теоретичар Јан-Вернер Милер „одлуките на Судот и реториката која ја користеа неколку последователни влади во Западна Германија јасно предочија дека демократијата мора да биде милитантна кон левицата исто колку и кон десницата; со други зборови, милитантноста е претставена како облик на „антитоталитаризам“, насочен подеднакво и против комунистичката закана од Истокот и против обновата на мрачните сили од минатото“. Како кога станува збор за антитоталитаризмот, така и милитантната демократија е слепа за разликите помеѓу левицата и десницата – екстремистите се тие кои го загрозуваат поредокот, а единствената демократија која е во игра е либералната демократија. Политичкото учество на народните маси може да претставува опасност за демократијата, зашто антидемократските актери, користејќи пропагандни средства можат политички да профитираат од тоа. Единствена заштита се институциите на либералната демократија, правната држава и одговорните политички елити.

Замка

Иако забраната на работата на екстремно десните партии на почеток може да делува како решение, се чини дека сепак станува збор само за површинско занимавање со проблемот, без зафаќање на корените. Барањата за институционална реакција и судската забрана на некои партии се илустрација на немоќта на останатите партии, а особено на левицата, на адекватен начин и со политички средства да се спротивстават на подемот на десницата. Без согледување на причините за подемот на десните „популисти“, зафаќањето на коренот на проблемот и соочувањето со економската криза и кризата на Европската унија, потенцијалната забрана би значела само привремено олеснување.

Дали следбениците на АфД се толку наивни што им поверуваа на лагите или политичкиот мејнстрим не успева адекватно да се позанимава со актуелната криза, која повторно се разгоре по војната во Украина? Какви се темелните одговори на растечката инфлација, проблемите на земјоделците и еколошката криза?

Секако, лесно е да се каже што треба да се работи, додека далеку потежок дел од работата претставува политичкото организирање во реалниот свет. Веројатно различниот наратив и добро напишаната политичка програма (која секогаш е потребна), нема да ги придобијат широките народни маси на вистинската страна. Дали левицата и во центарот и на (полу)периферијата размислува за долгорочна изградба на партиска инфраструктура и развој на квалитетни кадри или фокусот на политичкото дејствување исклучиво е насочено на претстојните избори?

Треба да се има предвид и дека подемот на екстремната десница во Европската унија се случува и покрај најголемите медиуми и општата политичка клима. За разлика од „популистите“ на власт кои ги користат државните ресурси, контролираат поголем дел од медиумите, па дури и реагираат со насилство на работата на опозициските партии, екстремната десница во Европската унија успеа да зајакне преку сопственото организирање и создавање алтернативни медиуми.

Нивното дејствување е опасно, програмите се ксенофобни, мизогини, националистички, а во некои случаи и расистички. Но, вистинското прашање е зошто левицата не успеа да го искористи кризниот момент за јакнење на сопствените организациски сили? Нешто сериозно не е во ред со левичарското организирање, а потпирањето на државата и нејзините репресивни инструменти на долг рок може да ѝ се одбие од глава.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Paco Pomet

(okno.mk)

Треба да знаете
Moже да ве интересира