Денешниот ден, 24 мај, денот на сесловенските просветители Светите Кирил (Константин) и Методиј, не повикува да го одбележиме исклучителното и единствено историско-културолошко и епохално просветителско значење за Европа, светот и Република Северна Македонија, изразено преку нивните мисии меѓу словенските народи во деветтиот век.
Цел на мисиите, покрај христијанизација, описменувањето и просветлувањето, била и прифаќање на старословенскиот јазик и неговото користење во божјите служби кои дотогаш во Европа се вршеле само на три јазика – на латински, грчки и германски.
За да се оствари тој културолошки процес била создадена првата азбука на старословенскиот јазик – глаголицата. Константин Философ, кој подоцна го добива монашкото име Кирил, за основа на создавањето на првото словенско писмо, глаголицата, ги зема говорните карактеристики на словенско население на територијата на Македонија, во околината на родниот град на Светите браќа Кирил и Методиј – Солун.
Ова ново писмо, благодарение на исклучителниот лингвистички сенс на Свети Кирил, верно ги предава словенските фонетски особености, а истовремено им дава длабок печат на христијанските симболи.
Намерата на нивната мисија е Библијата да биде достапна за сите Словени на разбирлив јазик. Нивната мисија тогаш имала наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога.
Нивната мисија, всушност, ја остварила целта на заедништвото во црквата како суштинска карактеристика на христијанската вера.
Откако ги завршиле мисиите меѓу Сарацените и Хазарите, Светите браќа Кирил и Методиј, на повик од царот Ростислав заминуваат во Моравија и таму го распространуваат и утврдуваат христијанството на старословенски јазик сосема разбирлив за тамошното население. Ја развиваат препишувачката школа во тогашните манастири и ги умножуваат книгите за да им ги остават на свештениците за да ја продолжат нивната мисија.
На повик од папата заминуваат за Рим, каде што Кирил се разболел по што починал на 14 февруари 869 година.
Методиј се враќа во Моравија и до смртта се посветил на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. По неговата смрт, на 6 април 885 година, неговите ученици Петочисленици, на чело со Свети Климент Охридски како епископ, го преминуваат Дунав и се враќаат меѓу јужните Словенски народи и ја основаат Преславската книжевна школа. Климент е испратен во областа Кутмичевица, на југ во Македонија, каде што во Охрид ја основа Свети Климентовата Охридска школа на ниво на прв Универзитет во Европа.
Мисија што инспирира веќе 12 века
За епохалното значење на појавата и на мисијата на Свете браќа Кирил и Методиј, признание и чест низ историјата оддавале повеќе поглавари на Католичката црква, како и патријарси и архиепископи на Православната црква.
Во својата енциклика, послание, од 31 декември 1980 година, со која Папата Јован Павле Втори ги прогласува Светите браќа за патрони, заштитници, на Европа.
Светиот отец Јован Павле Втори, кој по својата смрт е беатификуван во редот на светите ликови на Католичката црква, пишува дека оваа своја одлука ја донел заради јубилејот 11 века од писмото на Папата Јован Осми, кој ја одобри употребата на старословенскиот јазик и писмо, утврдени од Светите браќа Кирил и Методиј, како јазик и писмо на кој се дозволи да се одржува светата литургија меѓу словенските народи.
Како следна причина е наведена стогодишнината од одлуката на Папата Лео Тринаесетти со која тој го прошири култот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј меѓу сите христијани, без разлика на која деноминација и припаѓаат и во чест на теолошкиот дијалог меѓу Католичката црква и православните Цркви на островот Патмос, кој се одржа токму во 1980 година, во истата година кога Светите Кирил и Методиј беа прогласени за патрони, заштитници, на Европа.
Овој чин, само потврди дека мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност која ги става Светите браќа Кирил и Методиј како визионери свртени кон иднината и кон допирните точки што ги поврзуваат народите. Оваа вредност, еве и после повеќе од 1150 години инспирира.