Кога Магнус Меланд стана градоначалник на мал град на далечниот север на Норвешка кон крајот на 2023 година, три кинески делегации му затропаа на врата во првите неколку недели. „Затоа што сакаат да станат поларна суперсила“, вели тој.
Иако на прв поглед Кина можеби не изгледа како земја што би имала каква било врска со Арктикот, Пекинг има сериозни амбиции во регионот: купува земјиште, инвестира во инфраструктура и сака да воспостави трајно присуство. Кина веќе се претставува како „блискоарктичка земја“, иако нејзиниот најсеверен голем град, Харбин, се наоѓа приближно на иста географска ширина како Венеција. Но, Арктикот станува нова глобална арена на моќ. Покрај Кина, за влијание се борат и Русија, САД, Европа и Индија. Трката за Арктикот започна, пишува Би-Би-Си.
Топењето на мразот отвора пристап до огромни природни ресурси
Научниците предупредуваат дека Арктикот се затоплува четири пати побрзо од остатокот од планетата, што го загрозува екосистемот, дивиот свет и локалните заедници. Тоа е огромна област што покрива четири проценти од површината на Земјата. Сепак, светските сили гледаат нови можности.
Топењето на мразот овозможува пристап до огромни природни ресурси – клучни минерали, нафта и гас. Се проценува дека дури 30 проценти од неискористениот природен гас во светот се наоѓа во Арктикот.
Покрај тоа, се отвораат нови бродски патишта помеѓу Азија и Европа, што значително го скратува времето за транспорт. А во светот на извозот, времето е пари. Затоа Кина го развива проектот „Поларен пат на свилата“.
Град-дух во северна Норвешка со голем потенцијал
Киркенес, поранешен рударски град на далечниот север од Норвешка, изгледа целосно напуштен, со затворени продавници, запуштени магацини и скршени прозорци – како да го заборавил целиот свет. Во тој контекст, не е тешко да се разбере зошто идејата Киркенес да стане првото европско пристаниште за контејнерски бродови од Азија, доколку мразот продолжи да се топи, е толку привлечна.
Директорот на пристаништето, Терје Јергенсен, има големи планови за изградба на ново меѓународно пристаниште. „Сакаме да создадеме точка за претовар каде што се среќаваат три континенти – Европа, Азија и Северна Америка“, вели тој. „Ќе го истоваруваме товарот и ќе го пренесуваме на други бродови. И не, нема да ја продадеме земјата на никого – ниту на Британците, ниту на Кинезите.“
Норвешките закони сега забрануваат продажба на земјиште или компании ако тоа може да ја загрози националната безбедност. Локалните власти чекаат јасни насоки од државата за тоа што се смета за „критична инфраструктура“. Градоначалникот Меланд е претпазлив: „Сакаме соработка со Кина, но не зависност од неа. Европа мора да се запраша: колку сакате да бидете зависни од авторитарни режими?“
Пекинг се свртува кон Русија
Кинеските обиди за „купување влијание“ сè повеќе се одбиваат во европскиот Арктик. Пекинг неуспешно се обиде да добие сопственост врз пристаништата во Норвешка и Шведска, како и врз аеродромот во Гренланд. Затоа се свртува кон Русија, најголемата арктичка сила која контролира половина од арктичкиот брег и со ентузијазам прифаќа кинески инвестиции.
Соработката е и воена: во октомври, кинеската крајбрежна стража за прв пат патролираше низ Арктикот заедно со руските сили. Еден месец претходно одржаа заеднички воени вежби, а во јули бомбардери од двете земји патролираа долж брегот на Алјаска – како порака до НАТО, кој во меѓувреме го зголеми присуството во регионот: „Ние можеме да го сториме истото.“
Безбедносната динамика во Арктикот
Сите земји што граничат со Арктикот се членки на НАТО, освен Русија. По руската инвазија на Украина, Финска и Шведска се приклучија на Алијансата. Андреас Естхаген од Институтот „Фридтјоф Нансен“ вели дека Арктикот е плодна почва за руско-кинеска соработка: „На Русија ѝ се потребни инвестиции и партнери за развој на течен природен гас (LNG), нафта и Северната бродска рута. Кина е тој пазар.“
Но, Кина внимателно избегнува да се врзе премногу цврсто за Москва, сакајќи да избегне санкции и да одржува добри односи со Западот. Русија, исто така, има резерви. „Не треба да го преценуваме нивниот сојуз,“ вели Естхаген. „Русија е добро свесна за ризиците од преголемо кинеско влијание во нејзиниот Арктик.“
„Шпионско гнездо“
Москва складира ресурси и стратешко оружје таму, особено на полуостровот Кола, каде се наоѓа нејзината нуклеарна флота. Во Киркенес, границата со Русија е само десет минути возење. Полуостровот Кола изгледа загрижувачки близу.
За време на Студената војна, градот бил познат како „гнездо на шпиони“ – фронт помеѓу Истокот и Западот. Денес, Норвешка тврди дека Русија го користи Арктикот за воена обука и летови на бомбардери кон Украина. Иако не се во директна војна, северниот дел од земјата го чувствува притисокот.
„Го гледаме тоа секој ден“, вели полковникот Јерн Квилер. Од почетокот на војната во Украина, блокирањата на GPS-сигналите станале чести, дури и кај цивилните пилоти. Шпионажата на границата – од прислушување до испраќање агенти – е во пораст, додава Квилер. Норвешка и НАТО се во состојба на зголемена готовност поради можни руски подморници во регионот.
Подземен команден центар од Студената војна
Во Боде, во кварцна карпа, е врежан команден центар од Студената војна. Таму се следат бродовите во реално време, а податоците се споделуваат со НАТО. Сите руски бродови кои сакаат да влезат во Европа прво мора да минат низ норвешки води. Посебно внимание се посветува на подводната инфраструктура – комуникациски кабли и енергетски цевки, кои се клучни за европската безбедност.
„Ризикот од ескалација е реален“
Москва силно ја модернизира својата подморничка флота, вклучително и нуклеарните подморници. Ако успеат незабележано да се приближат, можат да ги загрозат и европските и американските градови, пишува Би-Би-Си.
Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ порачува на Европа да вложува повеќе во одбраната, но норвешкиот адмирал Руне Андерсен вели: „Арктикот не е само европско прашање, туку и одбрана на американската територија.“
Сепак, тој не верува дека некој сака отворен конфликт. Но, поради глобалните тензии, ризикот од ескалација е реален. Неговиот тим одржува редовна комуникација со руската флота за да ги одржува каналите отворени. За секој случај.
Островите Свалбард – земја на мраз и поларни мечки
На половина пат помеѓу Киркенес и Северниот Пол се наоѓаат Островите Свалбард, формално под норвешка администрација, но со меѓународен договор кој им овозможува на сите потписници да работат и истражуваат таму без виза. Повеќето жители се вработени во рударство, туризам и наука.
Градоначалникот Терје Ауневик вели дека би било наивно да се мисли дека не се собираат разузнавачки податоци. „Секако дека собираат. Целиот свет е опседнат со Арктикот.“
Цената на националното натпреварување
Домородните заедници, од кои половина живеат во рускиот дел, се чувствуваат игнорирани. Мијуки Даорана од Гренланд вели дека порано се смееле на амбициите на Трамп, но сега ситуацијата е многу посериозна.
„Поради глобалната конкуренција за ресурси, ова е многу посериозно,“ вели таа.
Таа и други го обвинуваат Западот дека ја користи климатската криза како изговор за узурпирање на нивните територии. „Ние тоа го нарекуваме зелен колонијализам – тие земаат уште повеќе. За нас, Арктикот не е тема или академска дискусија, туку нашиот живот, борба и секојдневна неправда. Политичарите треба да работат за народот, но тоа не го гледаме – само празни дипломатски зборови“, вели таа.