Европската интеграција не се мери со „давање“ и „земање“, ниту се мери со пари, иако инвестициите секако не се за занемарување. Европската интеграција значи да сакате да му припаѓате на европско општество, да бидете дел од него, да ги почитувате истите вредности, да сакате да соработувате, тргувате, заеднички се грижите за безбедноста, мирот и стабилноста на целата територија на Унијата, на која по сите параметри и сите наши граѓани и припаѓаме, географски, историски, политички и економски, вели во разговор за „Локално“, државниот советник за европски прашања, Драган Тилев кој во моментов е во Брисел, каде учествува на билатералниот скрининг со ЕУ.
Според него, евроинтеграцискиот процес е партнерски, двостран, геополитички исплатлив за двете страни, а за наш можност да го забрзаме економскиот развој и да ги намалиме социјалните диспаритети кои ги имаме во однос на просекот на ЕУ.
– Не се работи за тоа некој да „не изведе на вистинскиот пат“, туку се станува збор за тоа каде сакаме да бидеме ние, каде сакаме да стигнеме и со која брзина. Непобитен факт е дека на 19 јули 2022 година е отворена Меѓувладината конференција, со што, од формално правен аспект, се започнати пристапните преговори како последен чекор поред нашето членство во ЕУ. Гаранции дека тоа ќе се случи нема, ниту кога тоа ќе се случи. Но, ништо не не спречува ние самите да си поставиме цел за која веруваме дека е реална и остварлива, а тоа е 2030 година. Лично сметам дека тоа е остварлива цел, само под услов да се обезбеди државен меѓупартиски консензус околу реформите кои треба во овој период од денсека до 2030 година да ги реализираме. Ако веќе сме усогласиле околу 45% од европското право со нашето домашно законодавство, зошто не би верувале сами во себе дека во наредните 5-6 години може и целосно да се усогласиме со целокупното европско прави и технички стандарди. Всушност за тоа е говореше г-динот Борел, секаде околу нас веќе имаме дел од европските стандарди имплементерина, и огромен број на реализириан проекти финансирани или ко-финансирани преку фондовите на ЕУ, порачува Тилев.
Тилев се потсетува и на денот кога пред 19 години го поднесовме барањето за полноправно членство во Европската Унија, во Даблин за време на претседавањето на Ирска со Советот на ЕУ.
– Апликацијата беше потпишана од тогашниот претседател на државата г-динот Борис Трајковски и тогашниот претседателот на Владата, г-динот Бранко Црвенковски. Трагичен факт е што предавањето на апликацијата, требаше да се случи токму на денот кога се случи трагичната смрт на Претседателот Трајковски, но беше откажана, и чинот беше повторен на денешен ден пред 19 години. За одбележување е дека како дел од делегацијата беа и сите лидери на поголемите политички партии, со што се потврди консензуалната определба за нашата стратешка определба и цел, но и демократската зрелоста на општеството. Ја имав честа да бидам и јас дел од официјалната делегација, обелоденува државниот советник.
Тој тврди дека поддршката за ЕУ не опаѓа и истакнува дека е константа која останува непроменета или се зголемува.
– Фрустрациите од должината на процесот и причините за тоа се елемент кој секако не го занемарувам и никој не може да го пренебрегне. Но, едно е да сте определни кон стратешката цел како долгорочна определба од која не отстапувате, а друго е да се соочувате, како што и се соочуваме, со дневно-политички предизвици кои влијаат на анкетите на краток рок. Не смее да дозволиме во шумата од предизвици да го изгубиме компасот кон стратешката цел, која бара и компромиси, и отстапки и прилагодување. Војната во Украина од темел ја промени и геополитичката карта, но и геополитичките цели, истакнува Тилев.
Посочува дека „се определивме јасно и гласно, членки сме на НАТО и започнавме преговори за членство во ЕУ“.
– Се што е надвор од таа траекторија, е штетно за идината на секој граѓанин и разурнувачко за иднината на државата. Тоа би требало до сега да му е јасно на секој зрел политичар, експерт или аналитичар, ни вели државниот советник.
Сепак посочува дека е против секое катастрофично сценарио или размислување околу тоа дали државата ќе ја биде и слично.
– Несеризоно е според мене дури и таквото размислување. Нашиот фокус треба да биде кон тоа каква држава и иднина сакаме да имаме и како што побргу да стигнеме до полноправно членство во Унијата. Од тука, светлото на крајот од тунелот е прво до декември оваа година да го отвориме првиот кластер Фундаменти или Темели, и да се зафатиме со „чистење“ на државата од корупција и организиран криминал. Со отворањето на овој клучен кластер ќе влеземе во стандардна траекторија на пристапните преговори, и од тогаш натаму се ќе зависи од нашите политички лидери и нивната демократска способност, како и од капацитетите и компетентноста на нашата администрација, рече Тилев, кој објасни и како тече билатералниот скрининг во Брисел:
– Скринингот, објаснувачкиот и билатералниот, тече непречено од средината на минатата година и ќе трае до ноември оваа година, со целосна вклученост на нашата администрација. За сега, имаме причини да бидеме задоволни.
Н.П.