Аналитичарот и колумнист на Рацин.мк, Тони Поповски, денеска ја коментира изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој за еден македонски медиум изјави:
„Мицкоски го повика Брисел да не го користи правото на консензус на следниот Европски Совет ако навистина сака да се донесе позитивна одлука за македонските интеграции, и најавува дека по преземање на власта ВМРО ДПМНЕ е подготвено да разговара со сите околу билатералните прашања со Бугарија, но само ако се почитуваат Копенхашките критериуми“.
На овој исказ реагира Поповски кој истакнува дека „опозицискиот лидер повторно со еклатантен обид да ја замајува и потценува македонската јавност која за среќа, од ден во ден е сѐ помалку наивна, иако многумина, па и поголем дел од мејнстрим медиумите (секој со свои мотиви и агенди) се обидуваат да ја држат во блажена состојба на неинформираност и затупеност“.
Поповски укажува дека, како прво, во Европскиот Совет сѐ уште важат правилата за одлучување со консензус, и ќе важат додека не бидат променети. Тоа што смета Мицкоски дека поради него Советот сочинет од 27 шефови на држави и влади ќе ги прекрши, не е знак на непресметливост на тој што ја дава изјавата, иако така наликува (се работи за пресметлив човек) туку е емоционален спин за еднократна употреба“.
„Не би бил спин“, дополнува Поповски, „доколку во Букурешт, Мицкоски успеал да ја убеди Урсула да подготви нова рамка за преговори, па за една седмица тоа Комисијата го направила, и согласно со договорена тактика на Мицкоски со шефот на Советот (сеуште е Мишел), вториов да свари кафе чија миризба хипнотички би го оддалечила бугарскиот претставник од седница на Советот, за да останатите нехипнотизирани шефови на држави и влади ја усвојат ‘новата рамка’“’ за преговори. Колку што мене ми е познато Урсула, сепак нема дадено налог (за атер на Мицкоски) за подготовка на нова рамка за преговори. Можеби некој треба да ја запраша, например некој поблизок, како Мицкоски и потоа да не информира за одговорот“.
Во вториот дел од изјавата на Мицкоски, но и од страна на Силјановска – Давкова претходно, нагласува Поповски, се спомнуваат „копенхашките критериуми“ пред се во контекст на човекови права и почитување и заштита на малцинствата. Ова е симпатично, тренди па дури и фетишизирано, во смисла дека звучи „европски“ и како потврда за посветеност на ВМРО-ДПМНЕ на европскиот сленг, но не и на суштината, особено кога од 100 избирачи кај нас, 99 не знаат точно за што се работи, односно што тоа таму во Копенхаген во 1993 сѐ усвоило. Објаснувањето е дека нема да се прифати рамката за преговори доколку не се преговара рамноправно и реципрочно (со Бугарија).
Поповски оценува дека „и овој спин е емоционално потентен“.
Колумнистот на Рацин.мк појаснува дека „прво, критериумите се однесуваат на земји кои се кандидати за зачленување во ЕУ. Бугарија отпоодамна е членка и за начинот на кој БГ ги остварува човековите права вклучувајќи ги и тие на националните малцинства има Европска Агенција за човекови права да ја оценува, а има и Европски суд за човекови права. Тие оценки се далеку од идеални но ова е првенствено работа на Бугарија со овие европски институции, во рамки на европското семејство кон кое ние целиме да се интегрираме. Обидот да се аплицираат критериумите од Копенхаген на држава членка на ЕУ е тотално бесмислен односно процедурално неиздржан“.
Овој спин и не е толку наивен бидејќи не само што цели кон тоа да ги дозатегне билатералните односи со Бугарија туку најдиректно ја ослабнува нашата преговарачка позиција, предупредува Поповски.
„Со несогласување да интегрирате уште пет делови од народи во Уставот поради тоа што не сакате да биде спомнат делот од бугарскиот народ се додека од страна на Бугарија нема реципроцитет, оставате неодминлив впечаток дека дискриминирате. На тој начин им нудите како на тацна, големо ОПРАВДУВАЊЕ за ВЕТОТО на фанатичните национал-популистички структури во БГ, вето кое немаше поддршка од другите ЕУ26 во Брисел. Колку е ваквиот став интелигентен и во заштита на нашата меѓународна позиција, имиџ и демократски интегритет, се надевам дека објективната и граѓанска јавност сепак внимателно и резонски ќе процени“, посочува Поповски.
За да биде појасно, Поповски ги пренесува „Критериумите за пристапување (критериуми од Копенхаген)“.
Договорот за Европската унија ги утврдува условите (член 49) и принципите (член 6(1)) на кои мора да се придржува секоја земја што сака да стане членка на Европската унија (ЕУ).
Мора да се исполнат одредени критериуми за пристапување. Овие критериуми (познати како Копенхашки критериуми) беа воспоставени од Европскиот совет во Копенхаген во 1993 година и зајакнати од Европскиот совет во Мадрид во 1995 година.
Тие се:
1) стабилност на институциите кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштита на малцинствата;
2) функционална пазарна економија и способност да се справи со конкурентскиот притисок и пазарните сили во ЕУ;
3) способност да се преземат обврските од членството, вклучително и капацитетот за ефективно спроведување на правилата, стандардите и политиките што го сочинуваат телото на правото на ЕУ („acquis“) и придржување кон целите на политичката, економската и монетарната униja.