Доналд Трамп, во петокот изјави дека нема намера да разговара со Илон Маск, сигнализирајќи дека претседателот и неговиот поранешен сојузник можеби нема да го решат својот спор околу законот за сеопфатно намалување на даноците во скоро време.
Обраќајќи им се на новинарите во авионот „Ер Форс Уан“, Трамп рече дека не „размислува“ за извршниот директор на „Тесла“.
„Се надевам дека ќе се снајде добро со „Тесла“, рече Трамп.
Сепак, Трамп рече дека е потребно да се разгледаат обемните договори на Маск со федералната влада. „Ќе разгледаме сè“, рече претседателот. „Тоа се многу пари“.
Трамп може да се ослободи од црвениот „Тесла Модел С“ што го купи во март откако ги претстави електричните автомобили на Маск на тревникот на Белата куќа, изјави функционер на Белата куќа, зборувајќи под услов да остане анонимен.
Маск, од своја страна, не му се обрати директно на Трамп, но продолжи со критиките за огромниот закон за даноци и трошоци на Републиканците, кој содржи голем дел од домашната агенда на Трамп.
На својата платформа на социјалните медиуми X, Маск ги засили забелешките на другите дека „големиот прекрасен закон“ на Трамп ќе им наштети политички на републиканците и ќе го зголеми долгот на нацијата од 36,2 трилиони долари. Тој одговори „точно“ на објава од друг корисник на X во која се вели дека Маск го критикувал Конгресот, а Трамп одговорил со лично критикување на Маск.
Маск, исто така, изјави дека е време за нова политичка партија во Соединетите Држави „која ќе ги претставува 80% во средината!“
Луѓето кои разговарале со Маск рекле дека неговиот гнев почнал да се повлекува и дека мислат дека тој ќе сака да го поправи својот однос со Трамп, според едно лице кое разговарало со придружбата на Маск.
Изјавите од Белата куќа дојдоа еден ден откако двајцата изразија отворено непријателство што означи остар крај на меѓсебниот сојуз.
Акциите на Тесла (TSLA.O),пораснаа во петокот, враќајќи дел од загубите од сесијата во четврток, кога паднаа за 14% и изгубија 150 милијарди долари во вредност, што е најголемиот пад во еднодневниот период во историјата на компанијата.
Сојузници од доверба на Маск во голема мера молчеа за време на расправијата. Но, еден од нив, инвеститорот Џејмс Фишбек, го повика Маск да се извини.
„Претседателот Трамп покажа грациозност и трпение во време кога однесувањето на Елон е разочарувачко и, искрено, сосема вознемирувачко“, рече Фишбек во соопштението.
Маск, најбогатиот човек во светот, финансираше голем дел од претседателската кампања на Трамп во 2024 година. Трамп го назначи Маск да раководи со контроверзниот напор за намалување на федералната работна сила и намалување на трошоците.
Трамп го пофали Маск во Белата куќа пред една недела, кога ја завршуваше својата улога како раководител на Одделот за владина ефикасност. Маск намали само околу половина од 1% од вкупните трошоци, што е далеку од неговите дрски планови да намали 2 трилиони долари од федералниот буџет.
Оттогаш, Маск го осуди законот на Трамп за намалување на даноците и трошоци како „одвратна гнасотија“. Неговото противење ги комплицира напорите за усвојување на законот во Конгресот, каде што републиканците имаат мало мнозинство.
Законот на Трамп тесно го усвои Претставничкиот дом минатиот месец и сега е пред Сенатот, каде што републиканците велат дека ќе направат дополнителни измени. Непартиските аналитичари велат дека мерката би додала 2,4 трилиони долари долг во текот на 10 години.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, рече дека се допишувал со Маск и се надева дека спорот ќе се реши брзо.
„Не се расправам со него за тоа како да се градат ракети и би сакал тој да не се расправа со мене за тоа како да се изготви закон и да се донесе“, рече Џонсон на CNBC.
„МНОГУ РАЗОЧАРАН“
Трамп првично молчеше додека Маск водеше кампања за торпедирање на законот, но го прекина молчењето во четврток, кажувајќи им на новинарите дека е „многу разочаран“ од Маск.
Маск, кој потроши речиси 300 милиони долари на минатогодишните избори, рече дека Трамп ќе изгубел без неговата поддршка и предложи да биде отповикан.
Трамп предложи да ги раскине владините договори со бизнисите на Маск, меѓу кои се ракетната компанија SpaceX и нејзината сателитска единица Starlink.
Милијардерот потоа се закани дека ќе го деактивира вселенскиот брод Dragon на SpaceX, единственото американско вселенско летало способно да испраќа астронаути на Меѓународната вселенска станица. Маск подоцна се откажа од таа закана.
Маск беше налутен кога Трамп во текот на викендот ја повлече номинацијата на сојузникот на Маск, Џаред Исакман, за раководител на Националната администрација за аеронаутика и вселена на САД. Два извори со директно познавање на спорот рекоа дека директорот за персонал на Белата куќа, Серхио Гор, помогнал Трамп да се сврти против Исакман со тоа што ги истакнал неговите минати донации за демократите.
Маск и Гор биле во конфликт откако милијардерот го критикувал темпото на вработување на Гор на состанокот на кабинетот во март, рекоа двата извори.
Портпаролот на Белата куќа, Стивен Чунг, ги пофали напорите на Гор да ја состави администрацијата, но не се осврна на неговиот однос со Маск.
Продолжената расправија би можела да им го отежни на републиканците да ја задржат контролата врз Конгресот на среднорочните избори следната година ако Маск ја повлече финансиската поддршка или други големи бизнис лидери од Силиконската долина се дистанцираат од Трамп.
Маск веќе изјави дека планира да ги намали своите политички трошоци, а во вторникот повика „сите политичари кои го предадоа американскиот народ“ да бидат отпуштени следната година.
Неговата вмешаност во администрацијата на Трамп предизвика широки протести во фабриките на Тесла, намалувајќи ја продажбата, додека инвеститорите се загрижени дека вниманието на Маск е премногу поделено.