Концертот на триото „Векандо“ беше илустрација на вешти премини меѓу стилските специфики во одличната програма
Викица Костоска Пенева, музиколог и професор по пијано
Вечерите посветени на турските уметници на „Охридско лето“, во последниве изданија на фестивалот, ни носат особено квалитетни музичари, репрезент на високите стандарди во турската современа култура и уметност. И овој пат, компанијата „Лимак“ и турската амбасада од Скопје, дадоа поддршка при реализацијата на турската вечер на „Охридско лето“ – 2023. Пијaно-триото „Векандо“ што го сочинуваат грузиската виолинистка Верико Чумбуридзе, виолончелистот Дорукан Дорук и пијанистот Џан Чакмур (од Турција) со извонредниот концерт на годинешново „Охридско лето“ ја продолжи серијата успешни настапи после претставувањата на истакнатите турски пијанисти Ѓулсин Онај во 2021-та и Сермет Хусејин во 2022 година.
Триото „Векандо“ е уште еден камерен ансамбл – претставник на новата генерација врвни европски уметници што имаме привилегија да ги слушаме токму на подиумот на „Охридско лето“ во последниве години. Ќе се потсетиме: Лука Дебарг, Трио „Супнијевски“, Тимоти Ридаут, Франк Дупре, Дино Имери, гудачки квартет „Шуман“. Овие млади музичари, во своите дваесетти и триесетти години се дел од она што би го нарекле нова музичка елита во европската современа класична музика. Во тоа друштво несомнено спаѓа и триото „Векандо“. Своите веќе етаблирани индивидуални и камерни уметнички кариери ги остваруваат пред сé во Германија, но и на бројни важни европски подиуми. А фактот дека сите членови во ансамблот се добитници на високи награди на престижни музички натпревари (Верико Чумбуридзе – победник на „Хенрик Вјењавски“ 2016, Дорукан Дорук – втора награда „Витолд Лутославски“, Џан Чакмур – победник на „Хамаматсу“ 2018), беше најава дека на сцената во црквата Св. Софија ќе присуствуваме на врвен музички перформанс.
Програмата опфати дела, оригинално компонирани за клавирско трио – виолина, виолончело и пијано. Тоа е формација што претставува еден од столбовите во класичната камерна музика. А секогаш кога имаме виртуозни уметници, како во случајов со триото „Векандо“ концертот е полн погодок за публиката.
Вечерта започна со композицијата “Space jump” оп. 46 од најпознатиот турски композитор на денешнината Фазил Сај. Тоа беше ретка можност, публиката на „Охридско лето“ да слушне неверојатно инвентивна троставачна композиција (Andantino meditativo, Allegro maestoso, Maestoso). Таа ја отсликува фасцинацијата на Сај од подвигот што во октомври 2012 година го оствари австрискиот екстремен спортист Феликс Баумгартнер: спектакуларен скок од стратосферата на Земјата! Уникатна музичка инвенција, експлицитен одраз на емоциите што ги доживува композиторот додека ја следи непресушната човекова потреба од поместување на сопстевните граници на издржливост и победа над стравот. Верико Чумбуридзе, Дорукан Дорук и Џан Чакмур, преку една цврста и одлучна изведба, покажаа дека во целост ја разбираат интенцијата на авторот: современо толкување на програмската музика, поточно низ звучниот амбитус на виолина, чело и пијано, обликувајќи ги финеси во партитурата преку звучна слика ни доловија едно несекојдневно визуелно искуство на човек што во слободен пад слетува од вселената. Беспрекорната изведба на “Space jump” беше одличен вовед во возбудливата концертна вечер.
Како контраст на „вселенскиот скок“ и Фазил Сај, следуваше контемплативното Andante con moto EG 116 (1878) во це-мол од Едвард Григ. Со оваа композиција, изразито романтичарски осмислена низ монотематска структура, со многу страст, широк дијапазон динамички контрасти, од најсуптилни пијанисима до силни крешченда, триото „Векандо“ многу моќно го исполни просторот на црквата. Чумбуридзе, Дорук и Чакмур особено вешто и усогласено ги креираа делниците со синкопирана ритмика, низ кои виолината и челото пунктираат на мелодиската pesante линија во пијаното. Тие се движеа во прецизен ритмичен склад, при тоа сосем природно истакнувајќи го секој својот индивидуален музикалитет.
Првото пијано трио од Дмитри Шостакович оп. 8 во це-мол е творба од најраното творештво на авторот што тој ја напишал во 1924 година на само шеснаесетгодишна возраст. Беше вистинско задоволство да се слушне композицијата како трета точка во изведба на „Векандо“. Уметниците со умешност ги претствија сите важни стилски специфики, што ги содржи подоцнежното творештво на Шостакович: хроматска мелодика, гротеска, нагли промени во карактерот и расположенијата: од отворено романтично до саркастично, толку автентични за зрелите творби на Шостакович. Би потенциреле дека во оваа композиција особено впечатливо прозвучија соло-делниците во виолончелото на Дорукан Дорук, а кулминативната точка во пиесата, ансамблот ја донесе со впечатлива енергичност и силен динамички волумен.
Ремек-делото на Равел, без сомнение најзначајното пијано-трио создадено во првата половина на дваесеттиот век го слушнавме како завршница на концертот. Исклучително технички сложена композиција, што изискува индивидуално уметниците да ги владеат спецификите на виолината, челото и пијаното, но и да свират поврзани во идеален камерен баланс, ги потенцираше точно тие атрибути на членовите на ансамблот „Векандо“. Тоа беше тежиштето на концертот.
Низ изведбата ги слушнавме сите единствени идеи на Равел: баскиската ритмика и звуци од неговото детство во првиот став Modéré, далечна ориентална пентатоника во вториот Pantoum. Assez vif, барокен омаж во третиот став Пасакаља Très large и бујните импресионистички „прскања“ во финалето Animé. „Векандо“ – триото ја „наслика“ композицијата во полн сјај. Инструменталните дијалози ги свиреа одважно, интонациски наполно чисто, со посебен пиетет кон најскриените детали запишани во партитурата. Посебно би ги издвоиле техничката прецизност во градењето на комплицираното „Скерцо“, полифоната градација во „Пасакаљата“ и создавањето вистинска „музичка бајка“ со звучен волумен на комплетен симфониски оркестар во Финалето – како крајна цел во композиторската замисла на Равел.
Познатата соло-песна од Франсис Пуланк “Les chamis de l’amour” во преработка за пијано-трио ја слушнавме на бис. Заводливиот валцер уметниците го отсвиреа изразито шармантно, пренесувајќи нé во боемштината и познатиот париски “joie de vivre” од четириесеттите години на минатиот век.
Концертот на трио „Векандо“ беше илустрација на вешти премини меѓу стилските специфики во одличната програма: модерната стилистика на Сај, ламентозниот романтизам кај Григ, острината на Шостакович и над сé, Равеловиот буен композиторски колорит и имагинација. Би нагласиле дека особено јака страна на нивната импресивна интерпретација е балансот меѓу поединечните виртуозни проблесоци кај сите тројца уметници, но и чувството за совршен меѓусебен склад. Тонскиот баланс меѓу боите на виолината на Верико Чумбуридзе и виолончелото на Дорукан Дорук, начас се соединуваат во една унисона чиста мелодија, а потоа блескаат одвоено виолинската бистрина и кадифената боја во виолончелото и сето тоа збогатено со продлабочен, богат клавирски звук воден од Џан Чакмур. Публиката не останува рамнодушна кога слуша вака смела и непоштедна интерпретација.
Беше тоа одличен концерт на трио „Векандо“: мајсторски профилиран виртуозитет во кој се вткаени три блескави уметнички сензибилитети.