Претседавањето со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) – најголемата регионална безбедносна организација е настанот кој ја одбележа надворешната политика на Северна Македонија во 2023 година. Круната на успехот беше организацијата на Министерскиот совет на ОБСЕ на 30 ноември и 1 декември, а надминување на кризата, решавачка за опстанок на организацијата, го стави Скопје на мапата на светската дипломатија.
Во двата, односно трите дена во главниот град на државата пристигнаа шефови на дипломатии и високи претставници од над 70 земји членки и земји партнери на организацијата, меѓу кои и шефовите на дипломатиите на САД и на Русија, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров. Иако двајцата не се сретнаа, нивното присуство му даде посебна тежина на Министерскиот состанок. По неколку неуспешни обиди отпадна кандидатурата на Естонија за претседавач на ОБСЕ поради блокадата од страна на Русија и Белорусија. Со посредство на македонското претседавање беше постигнат договорот за избор на нов претседавач. Консензусот околу одлуките за изборот на Малта за претседавач за 2024 година и продолжувањето на мандатот на генералниот секретар и на челниците на институциите во рамки на Организацијата, беше клучен за одржување на организацијата во функција.
На завршната прес-конференцијата на Министерскиот совет во Скопје, Османи порача дека Организацијата е спасена и може да продолжи да функционира.
-Одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје во најтурбулентните времиња и предизвици на отворена војна и човечко страдање е историски и револуционерен потег, потенцираше Османи при тоа оценувајќи дека ова е историски најголемиот политички настан кој е одржан во државата.
Главните пораки што беа испратени од Скопје е дека ОБСЕ е живо, а неговата вредност е во тоа колку повеќе се користи за надминување на несогласувањата. Блокадата или непочитувањето на принципите на Организацијата е директна закана кон нејзините основни вредности за кои се заложува уште од 1975 година. Европските лидери ја осудија руската агресија врз Украина и упатија силна поддршка за украинскиот народ, а дел од нив ја напуштија салата за време на обраќањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Тој, пак, во своето обраќање рече дека она што моментално се случува во ОБСЕ не е вистинскиот начин на кој треба да се третираат европските безбедносни прашања. Пред учесниците на Министерскиот совет, Лавров наведе дека западните престолнини постапуваат така што го поткопуваат работењето на ОБСЕ.
Шефот на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ на приемот по повод одбележувањето на завршувањето на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, уште еднаш го подвлече придонесот на земјава за опстанокот на Организацијата која брои 57 земји членки и земји партнери од Медитеранот и Азија.
-Докажавме пред целиот свет дека поседуваме политички и практичен капацитет, професионалност и посветеност, кои кулминираа со организацијата на 30-от Министерски совет. Со донесените одлуки го остваривме планот кој го зацртавме на почетокот на Претседавањето – дадовме огромен придонес во обезбедувањето на функционалноста на ОБСЕ. Нашето претседавање беше фокусирано на луѓето, а работевме со посветеност на идејата дека ОБСЕ може да го унапреди и зачува сето она што луѓето најмногу го ценат – нивните права, нивната слобода и нивното достоинство, подвлече Османи.
Приоритетите на претседавањето
Северна Македонија официјално го започна претседавањето со ОБСЕ од 1 јануари 2023 година, под слоганот „За луѓето се работи“. Во услови на регионална и глобална несигурност и нестабилност фокусот на претседавањето беше ставен на теренските мисии, односно преземање конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредување на нивните права и слободи, како и на војната во Украина, која ја посети три пати.
Освен фокусот врз кризните региони, и пред сè, руската воена агресија врз Украина, приоритетите на Северна Македонија како претседавач беа реафирмацијата на придобивките на ОБСЕ и обновување на дијалогот и довербата, како и инвестирањето во мирот и отпорноста на ОБСЕ, како најдобар начин за справување со безбедносните предизвици.
-Северна Македонија досега многу пати го покажала својот капацитет, дека преку политички дијалог, демократски средства и демократско владеење ги остварува своите цели како на домашен, така и на меѓународен план. Сега имаме можност со таа наша зрелост и знаење да бидеме клучен играч, да ги водиме и да придонесуваме за меѓународните политики и процеси, најави на почетокот од претседавањето Османи.
Во текот на едногодишното претседавање со ОБСЕ пристапот на Северна Македонија беше повеќеслоен и фокусиран на јасна посветеност кон луѓето од Украина и другите региони погодени од конфликти и поддршка на засегнатото население и на институциите. Секако и на теренските операции на ОБСЕ и нивна поддршка да продолжат да придонесуваат за подобрување на животот на луѓето и промоција на капацитетите и алатките на ОБСЕ како единствена платформа за дијалог.
Министерот Османи во својство на преседавач оствари 12 посети на теренските операции на ОБСЕ во Украина, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Молдавија, Грузија, Азербејџан, Ерменија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Казахстан, Узбекистан и во Туркменистан.
-Додека приоритет ѝ беше даден на Украина и на решавањето на последиците од руската воена агресија, ние имавме за цел да ја одржиме доследноста на нашите принципи низ целиот регион на ОБСЕ, со посебен фокус на долготрајните конфликти, зголемените тензии и нивните последици врз луѓето, како и ставање на располагање на алатките на ОБСЕ на оние кои имаат потреба од нив, изјави Османи.
По избувнувањето на судирите во Нагорно Карабах во текот на септември, лани, тој како претседавач на ОБСЕ понуди помош на Ерменија и Азербејџан на патот кон мирот, на одвоените средби со министрите за надворешни работи на двете земји. Средбите со шефовите на дипломатиите на Ерменија и Азербејџан, Арарат Мирзојан и Џејхун Бајрамов, се одржаа на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, откако Азербејџан почна воени операции против ерменските сили.
-ОБСЕ поседува потребно искуство, експертиза и алатки за олеснување на дијалогот и градењето доверба и спроведување на релевантните договори, порача Османи тогаш повикувајќи на итна деескалација, потенцирајќи дека употребата на сила за решавање на споровите е целосно неприфатлива.
По инцидентот во Бањска на северот на Косово шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ, презентираше план од девет точки кој би требало да помогне за деескалација на состојбата во тој дел и за враќање на мирот. Планот што министерот Османи го објави на социјалните мрежи меѓу другото, предвидуваше градоначалниците да поднесат оставки до летото, 2023 година со што ќе се отвори патот за предвремени општински избори кои би се одржале истата година. Во тој контекст ОБСЕ би го поддржал изборниот процес преку техничка поддршка на косовските власти кои ќе ги организираат изборите, со тоа зајакнувајќи ја довербата меѓу заедниците, би ги ангажирал младите во програмите и процесите за помирување и би ги ставил на располагање своите капацитети за поддршка на имплементацијата со добра волја од двете страни на одредбите од основниот договор и Охридскиот протокол, и продолжување на дијалогот.
-Од суштинско значење е сите страни да работат на мир и јас ги повикав да го сторат тоа! ОБСЕ понуди и е подготвен да помогне врз основа на барање, порача тогаш Османи.
Покрај теренските посети, во текот на 2023 година беа одржани и голем број конференции посветени на темите истакнати како приоритети во Програмата на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ како адресирање на анти-семитизмот, економските и климатските предизвици во регионот на ОБСЕ, родова еднаквост, човекови права, младите и нивната иднина и други теми од клучно значење за Организацијата и земјите-учеснички.
За пофокусиран пристап во адресирањето на овие прашања, Османи како претседавач назначи и свои Специјални претставници за млади, граѓанско општество и за климатски промени чија цел, беше да се интегрираат различни перспективи кои ќе служат како извор на различни пристапи, кои би можеле да придонесат за добро, одговорно владеење и севкупен општествен напредок за доброто на луѓето…
-Во текот на изминатата година на Претседавање со ОБСЕ, Северна Македонија цврсто ги почитуваше принципите и заложбите на ОБСЕ се со цел како земја да дадеме придонес кон мирот и безбедноста и преку нашето автентично искуство низ децениите да дадеме помош и поддршка на оние на кои им е најпотребно посредување и разбирање во решавањето на нивните проблеми, потенцира во видео-пораката Османи во која ги сумираше своите активности како претседавач.
Посетата на Блинкен – прва на државен секретар на САД на Северна Македонија
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен беше во посета на Северна Македонија, на Министерскиот состанок на ОБСЕ. Тој беше пречекан од премиерот Димитар Ковачевски, а се сретна и со шефот на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ Османи вечерта спроти формалното отворање на состанокот на министрите. Средбата Османи – Блинкен, од МНР беше оценета како историска бидејќи станува збор за прва посета на Државен секретар на САД на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
Според МНР, посетата е и уште една потврда за новиот однос меѓу двете дипломатии што започна минатата година кога Османи и Блинкен заеднички го лансираа Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, во Вашингтон.
Блинкен од своја страна ја нагласи, како што рече, одличната работа која што ја заврши македонското претседавање со постигнатиот компромис Малта да биде иден претседавач со ОБСЕ во 2024 г., со што се надмина кризата со која се соочуваше организацијата.
-Јас морам да ви кажам колку сме благодарни на вашето претседавање со ОБСЕ во, како што и самите рековте, многу тежок период. Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки. Знам дека бевте подготвени да продолжите, но мило ми е што Малта ја преземе палката. Како што знаете ние силно ја поддржуваме вашата евроатланска интеграција и ја поддржуваме работата за зајакнување на вашите демократски институции. Во сето ова вие можете да сметате на САД како силен партнер и затоа една од причините поради кои сум јас тука оваа вечер не само ОБСЕ туку и за Северна Македонија и да покажам колку го цениме партнерството кое го имаме, рече државниот секретар Блинкен кој се задржа во земјава помалку од пет часа на пат од Брисел за Израел.
Во фокусот на разговорите неизбежно беа и актуелните меѓународни случувања, особено состојбите во Украина, при што двајцата дипломати уште еднаш упатија силна осуда за руската воена агресија и цврста поддршка за украинскиот народ.
Доаѓањето на Лавров ги предомисли дел од европските шефови на дипломатиите
Доаѓањето на шефот на дипломатијата на Руската Федерација Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје беше посебен предизвик за македонското претседавање. Поради санкциите на ЕУ кон Русија, воведени заради воената агресија врз Украина, неопходен беше посебен дипломатски маневар за да се осигура воздушна рута за рускиот авион со дозвола од барем две членки на ЕУ.
Неговото учество беше неизвесно до последен момент. На крајот тој пристигна на скопскиот Меѓународен аеродром на 29 ноември, доцна вечерта со прелет преку Турција и Грција. Авионот на Лавров слета некаде пред полноќ откако заврши неформалната вечера на министрите за надворешни работи и шефовите на делегации на земјите членки на ОБСЕ, на која присуствуваше американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Од друга страна во знак на протест поради руската агресија врз Украина, и доаѓањето на Лавров, присуството на Министерскиот состанок во Скопје го откажаа шефовите на дипломатиите на Украина Дмитро Кулеба и на Полска Шимон Шинковски вел Сек, како и од балтичките земји – Естонија, Летонија и Литванија, Маргус Цахна, Кришјанис Каринш и Габриелиус Ландсбергис.
На безбедноснииот форум присуствуваше и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, но, ниту тој не разговараше со Лавров. Си замина од Скопје утрото по неформалната вечера. Сепак, оцени дека е добро што Лавров присуствува на форумот оценувајќи го како можност да чуе директно од учесниците на овој состанок зошто Русија е осудена и изолирана, а потоа ќе може да се врати во Кремљ и да пренесе во Кремљ дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија.
Тоа што Блинкен замина од Северна Македонија пред Лавров да пристигне во земјава, а Борел како што најави пред доаѓањето, не се сретне со него, шефот на руската дипломатија на прес-конференцијата во Скопје го прокоментира нарекувајќи ги двајцата „кукавици“ кои, вели, „се обидоа да ме изолираат и се плашат од искрени разговори поткрепени со факти“.
Дали е ОБСЕ потребна?
Трите дена во Скопје практично беа продолжение на дебатата за иднината на организацијата и за актуелните предизвици со кои се соочува.
ОБСЕ (наследникот на КЕБС-Конференција за безбедност и соработка во Европа) е најголемата регионална безбедносна организација која обединува 57 земји-учеснички од Европа, Северна Америка и Азија и дејствува како врска помеѓу европската и глобалната безбедност.
Основната функција на делување се заснова на предупредување, превенција на конфликти, управување со кризи и пост-конфликтно закрепнување. Организацијата овозможува безбедност и соработка преку трите главни димензии или области на работа: политичко–воената, хуманата и димензијата за економски прашања и заштита на животната средина. Една од специфичностите на нејзиното работење е што одлуките се носат со консензус.
Во мрежата на европските безбедносни организации, ОБСЕ се издвојува по бројното членство кое ги вклучува евроатлантските и евроазиските компоненти, сеопфатниот мандат, флексибилната структура и обемните активности на терен. Активностите на ОБСЕ се насочени кон реализација на концептот на единствена и неделива безбедност во евроатлантскиот и евроазискиот простор.
За разлика од другите безбедносни организации (НАТО, ОН), ОБСЕ нема свои сили или средства за воспоставување мир и користи главно превентивна дипломатија која вклучува контрола на оружјето, зајакнување на довербата меѓу државите, следење на почитувањето на човековите права, слободата на медиумите, следење на изборите и мониторинг на економските и еколошките односи. Во втората половина на 1990-тите, мисиите и теренските операции во ЈИЕ Европа, Централна Азија и Кавказ станаа важна алатка на ОБСЕ, која е насочена и кон новите, современи закани за безбедноста (транснационални закани, организиран криминал).
Како платформа за дијалог за безбедносни прашања, ОБСЕ, особено последниве години, се соочува со криза во своето функционирање, меѓу другото и по неможноста да изгласа буџет неопходен за спроведување на нејзините активности и проекти.
Бриселскиот портал „Политико“ во анализата „Средба на НАТО во услови на колеблива поддршката за Украина“, се осврнува и на веста за прелиминарниот договор за изборот на Малта за нов претседавач, што е, вели, клучно за одржување на организацијата во функција. Ова наиде на критики во Балтикот и Украина, кои, се наведува во анализата, сметаат дека компромисот е победа за Кремљ. Порталот потсетува и деја руската блокада на кандидатурата на Естонија за улогата на претседавач, се закануваше со колапс на организацијата.
Министерот за надворешни работи Османи, кој како актуелен претседавач со ОБСЕ посредуваше во договорот, во разговор со новинарот на „Политико“ за случувањата посочи дека не смета дека компромисот е победа за Русија. Според него, одржувајќи го ОБСЕ „во живот, функционално… ќе имаме инструмент“.
-Победивме, демократскиот свет, оние кои го следат меѓународниот поредок заснован на правила. И со овој договор организацијата, можам да кажам, е безбедна, кажа шефот на дипломатијата Османи.
ОБСЕ, се наведува понатаму во анализата, се соочи со критики во Брисел дека ја надживеала својата цел и не успеала да ја спречи војната во Украина, но, се додава, неколку официјални претставници, вклучително и Османи, инсистираа дека таа може да одигра клучна улога во следењето на каков било потенцијален прекин на огнот или мировен договор.
Првиот човек на руската дипломатија, пак, на прес-конференцијата во Скопје оцени дека на ОБСЕ му нема спас, а самитот е за одредена група луѓе, а не за сите граѓани, иако, вели, претседавачот Османи промовираше многу добар слоган „За луѓето се работи “. Според Лавров, не постои шанса за спас на ОБСЕ и нема причини да се слави 30 – годишнината на ОБСЕ затоа што, како што рече Лавров, Организацијата е деградирана на сите полиња, а говорите на западните министри на Самитот во Скопје се доказ дека тие не ја научиле лекцијата. Лаворов рече дека ОБСЕ е во колапс и дека безбедноста на континентот е нарушена, додека Москва била единствениот глас на разумот дека ОБСЕ е формирана заради соработка за безбедност, додека Западот е деструктивен и не ги почитува носечките начела на Организацијата.
-Што ќе се добие со продолжување од неколку месеци, шест месеци или година. Организацијата се претвори во нешто, кон што сум индиферентен. Индиферентен сум за исходот од денешната сесија, рече рускиот министер за надворешни работи, иако даде поддршка за изборот на нов претседавач и за пролонгирање за девет месеци на мандатите на генералната секретарка Шмид и на неколкуте функционери во Организацијата.
Министерскиот совет го означи крајот на едногодишното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ. Северна Македонија на 1 јануари 2023 година го презеде од Полска претседавањето со оваа најголема регионална безбедносна организација која брои 57 земји членки како и 11 земји партнери од Медитеранот и Азија. Малта која едногласно беше избрана во Скопје да претседава со организацијата за 2024 година, на 25 јануари годинава, на состанок на Постојаниот совет на ОБСЕ во седиштето на Организацијата во Виена ќе ги презентира приоритетите за нејзниот едногодишен мандат. Дел од тројката претседавачи заедно со Северна Македонија и Малта е и Финска која ќе ја презеде палката во 2025 година.
Виолета Геров
Фото: МИА архива