Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Уставните измени се единствената и неповторлива можност на патот кон ЕУ, ВМРО не нуди алтернатива

Иако опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ е против усвојувањето на уставните амандмани, за воведување на бугарската заедница и уште пет други заедници во Преамбулата на Уставот, сепак, најави дека ќе учествува во најавената собраниска расправа.

Аргументот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ за блокада на уставните измени е: „Не прифаќаме уставни измени под бугарскиот диктат“. И толку. Не слушнавме предлог или идеја за тоа што би можело да биде алтернатива за надминување на овој ќорсокак во патувањето на земјата кон ЕУ.

„Алтернативата се сите оние предлози кои ги дадовме во минатото за надминување на постоечкиот проблем, но алтернатива ќе биде и програмата која ќе ја понудиме и која ќе значи решавање на реалните проблеми на граѓаните, за сметка на досегашните лаги, беден живот и криминал донесени од власта“, изјави за „Фронтлајн“ Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.

Марија Митева портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, Фото: Фејсбук профил од Митева

Запрашана конкретно која е алтернативата на ВМРО-ДПМНЕ за уставните, измени, Митева повторно се повика на веќе наведената изјава.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски во изјава за „Фронтлајн“ вели дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема друга алтернатива од веќе понудената од владеачкото мнозинство за уставните измени.

Според него, опозициската алтернатива за „поништување“ на т.н. Француски предлог е свесна манипулација со граѓаните дека ќе се репреговара за нова политичка рамка со Европската унија со поповолни реципроцитетни решенија за државата.

Благојче Атанасоски. Фото: скриншот

„Да, навистина може да се репреговара со Бугарија (ЕУ), но тоа ќе значи и нови, дополнителни уцени, услови и барања од официјална Софија, освен ова договореното за влез на Бугарите во Уставот. Што значи, сметам дека ДПМНЕ игра на картата Македонија да не ги почне преговорите со ЕУ и потоа да дојде на власт на бранот на ‘патриотизмот’ дека тие ќе ја бранат Македонија од бугаризација“, вели Атанасоски за Фронтлајн.

Но времето истекува. Во моментов, Северна Македонија е во пакет со Албанија. Доколку процесот остане блокиран, односно уставните измени не успеат, Албанија ќе продолжи, а ние ќе останеме во чекалната, како што вели и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во интервју за ЦИВИЛ МЕДИА.

„Уставните дополнувања ја прават реална приликата која ја имаме за членство во ЕУ. Од држава која прва ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001 година и која имаше иста стартна позиција со Хрватска, сега треба да ја искористиме можноста која се отвора после 10 години и да не дозволиме Северна Македонија да биде ставена во изолација и во групата на држави кои чекаат и не знаеме уште колку долго ќе бидат во чекалната на ЕУ, што ќе биде крајно демотивирачки и фрустрирачки за граѓаните, особено за младите“, изјави Маричиќ за ЦИВИЛ МЕДИА.

Голем број аналитичари, странски дипломати и прогресивни креатори на јавното мислење предупредуваат дека ваква шанса нема да се повтори.

Џабир Дерала (фото: ЦИВИЛ)

„Ако ние не се качиме на возот за Европа, заедно со Албанија, прашање е кога, па и дали некогаш ќе имаме нова шанса. Можеби некогаш и ќе добиеме нова можност, но сигурно не ваква и сигурно по сосема поинаква (висока) цена, особено по она за што ‘патриотите’ велат дека го бранат“, пишува Џабир Дерала во колумната „Ако се патриоти, ќе гласаат ЗА“ објавена на 25 јули.

Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е сосема нормално. Со тоа ќе се откочи процесот на пристапување на Република Македонија во ЕУ каде ќе седнеме на иста маса со Бугарија и ќе ги решаваме проблемите, изјави Дерала во интервју за БГНЕС деновиве.

Тој во интервјуто за БГНЕС истакна дека во Република Македонија, истите политички, бизнис и медиумски кругови на секој начин се противат на евроатлантскиот пат на земјата.

Кратко, јасно и недвосмислено, американската амбасадорка Ангела Агелер, во интервју за Канал 5, изјави дека подобра рамка за преговори не е можна и дека тврдењата дека некој може да го репреговара договорот и дека е можен подобар договор – се лажни вести.

„Лажна вест е тоа дека некој може да го репреговара договорот постигнат минатото лето. Тоа е лажна вести. Исто така, лажна вест е дека е можен подобар договор кој сè уште не сме го откриле“, рече американската амбасадорка.

Според Атанасоски, бугаризација, всушност, може да се случи во недостиг на европската перспектива.

„Бугаризацијата се случува и ќе се случува во недостиг на европската перспектива кога масовно се вадеа и се вадат бугарски пасоши за иселување во земјите од ЕУ, токму благодарение на ‘патриотската’ политика на ДПМНЕ во минатото кога во времето на владеењето на поранешниот премиер Груевски бевме целосно блокирани и изолирани во однос на меѓународните перспективи и интеграции“, рече Атанасоски во изјавата за Фронтлајн.

Тој констатира дека истото сега го нуди ДПМНЕ: заробени институции на системот, изолирана држава и лажен и манипулативен патриотизам за одбрана на идентитетот и јазикот на Македонците.

Дестан Јонузи (Frontline)

Треба да знаете
Moже да ве интересира