ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
„Русија треба да ги прекине сите напори за регрутирање Срби да се борат со нејзината паравоена група Вагнер во Украина“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ пред некој ден, по откритието дека рускиот сервис на Раша Тудеј на српско тло, уште на 3 јануари, објавил оглас со кој се бараат борци за војување во редовите на одредите на Вагнер, најкрвавата солдатеска на украинскиот фронт.
Кога тој оглас стана толку очевиден, а сѐ повеќе се говори дека од Србија и порано, од 2014 година, се бореле граѓани на нашиот северен сосед во редовите на вагнеровци, се отворија очите за нешто поактуелно.
А тоа дека сега, кога на тој фронт масовно се гине и нема доволно пешадија, повиците за регрутирање стануваат поагресивни, па претседателот Вучиќ беше приморан да се јави по ова прашање. Тој тврди дека таквото учество е спротивно на српските закони. Тој го осуди огласот објавен на RT Balkan, тврдејќи дека тоа не е фер кон земја која не прифатила ниту една декларација со која се барале санкции кон Москва!
Задоцнета објава за „нефер однос“
Ова е некаква новина во односот на официјалната власт во Белград кон појава која трае најмалку од моментот кога Путин ја започна агресијата кон Украина (2014 година) и уште во тоа време освои околу 7% од површината на нападната страна, вклучувајќи го и полуостровот Крим. Оттаму, оваа изјава може да биде сметана само за изнудена а зборот „фер“ кој е користен во изјавата од Вучиќева страна е мек и неадекватен на појавата.
Настаните со регрутирањето имаат долга предисторија, а ефектот од огласот очевидно е задоцнет. Бидејќи, руската новинска агенција РИА Новости веќе во понеделникот објави ТВ-снимка на две маскирани лица, прикажувајќи ги како српски доброволци во Запорожје во Украина, делот под руска контрола, а го преобјави Ројтерс.
Првите српски доброволци во регионот на Запорожје почнаа да минуваат борбена обука во регионот, како дел од доброволниот баталјон Судоплатов, пренесе РИА Новости.
Српски доброволци, заедно со борци од Русија, учествуваат во сите борбени вежби на еден од полигоните во областа Запорожје за понатамошно учество во специјалната воена операција, пренесува РИА Новости, а пренесува белградски Данас.
Оваа мини-репортажа беше емитувана во вторникот попладнето на српската ТВ Нова во програмата „Магазин“ и потписникот на овие редови можеше да види барем десетина борци во униформи како вежбаат на една полјана, нешто што во ЈНА го викавме „одделение во напад“.
Дојдовме да ги поддржиме руските браќа, бидејќи, добро се сеќаваме на настаните што се случија во Југославија во 90-тите. Се сеќаваме на неправдата што НАТО ја покажа кон Србија и ситуацијата во Косово. Затоа, дојдовме да го поддржиме рускиот народ во неговата борба, изјави еден од српските доброволци означен како „Дунав“ за руската агенција.
Српски борец со лозунгот „Сава“ за РИА Новости вели дека во доброволниот баталјон има братска врска кон Србија.
Со руските соборци, има целосно меѓусебно разбирање и единство на ставовите. Сега нашата главна цел е да бидеме заедно со нашите руски браќа, да учиме, тренираме и да го усвоиме искуството на нашите браќа, одговори Сава на прашањето кои се целите на учеството во конфликтот.
На прашањето колку долго тој и неговите другари планираат да останат, тој одговори – колку што е потребно.
Ќе бидеме тука додека не заврши војната. Колку што е потребно, рече „Сава“.
Не е проблем само мобилизацијата, туку и присуството на мобилизаторите на Балканот
Она на што секако треба да обрнеме внимание во овие околности е фактот дека не се работи само за „извоз“ на борци од Србија, туку и за присуството на рускиот милитаристички фактор на балканско тло преку Белград! Како што потсети во својот говор во Давос деновиве нашиот претседател Пендаровски, на Балканот има две исклучителни невралгични точки – Северот на Косово и Република Српска. Тој тука очекува и понатаму да има проблеми.
Неодамнешната прослава на самопрогласениот ден на РС (9 јануари), да потсетиме, кој е неуставен чин по одлуката на Уставниот суд на БиХ, го покажа јасно и присуството на рускиот фактор таму (приде орденот за Путин), а за присуството на вагнеровци во Рашка се шпекулира. Српскиот претседател, вон контекст на горната изјава, ги нарече „озлогласени лаги“ тврдењата дека членовите на руската паравоена група „Вагнер“ учествувале во барикадите на северот на Косово, но индиректно потврди дека има активности на Вагнер во Србија.
Во приватната воена компанија „Вагнер“ моментално нема српски државјани, а ги нема одамна. Затоа, сите гласини за соработка на групата „Вагнер“ и Србија немаат основа“, го цитира РТ Балкан одговорот на шефот на компанијата Пригожин за Гласот на Америка. Кој лаже? РИА Новости во снимка и изјава на двајца учесници на воена вежба или вагнеровци кои претходно објавија оглас на сајтот на РТ Балкан?
Српското судство благонаклонето кон доброволците!
„Вагнер“ е на црната листа на САД од јуни 2017 година поради вмешаноста во конфликтите во источна Украина. ЕУ на крајот на 2021 година донесе одлука за воведување на рестриктивни мерки против платеничката армија Вагнер. Мерките што ги усвоија министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот во Брисел на 13 декември таа година вклучуваат забрана за патување на членовите на групацијата, замрзнување на кој било имот на територијата на земјите-членки на ЕУ и забрана за ентитети и поединци на ЕУ да работат со „Вагнер“. Фактот што групата се одомаќини во Белград, секако мора да ја тангира Србија и таа тоа да го очекува како додатен проблем во односите со Брисел. Згора што, нели, српските закони не дозволуваат граѓани на оваа земја да војуваат надвор од земјата.
Меѓу 32-те пресуди што Србија веќе ги донесе против борците во окупираните делови на Украина, има само една – од март 2017 година – каде е осуден српски државјанин за водење војна во Украина со споменување на Вагнеровата група. И што доби осудениот? Со пресуда на Вишиот суд од 10 март 2017 година, тој е осуден на условна казна затвор од една година во траење од три години. Во пресудата се вели дека лицето „позајмило огнено оружје: автоматска пушка калибар 5,45 мм со два куршуми боева муниција, па тој вршел безбедносни работи – дежурен на објектите во рамките на Земјоделскиот факултет, каде бил лоциран – цел баталјон“. Според пресудата, обвинетиот – демек стражарот – „свесно и доброволно го признал извршувањето на кривично дело“, додека со спогодбата со обвинителот „се откажал од правото на жалба“. Во документот, пак, судот го сокрил идентитетот на осудениот со затемнување на сите детали – од име и презиме, година на раѓање и адреса на живеење. Учеството и организирањето учество во војна во странска држава е кривично дело во Србија од 2014 година, а се казнува со затвор до 10 години.
Но не изгледа сѐ така наивно, секако.
Имињата на Србите во озлогласената група беа тема и на светските медиуми. Во декември 2020 година, независниот руски портал Медуза го објави сведочењето на еден од членовите на Групата Вагнер кој се согласил да зборува за активностите на таа приватна воена компанија во Украина и Сирија.
Во интервју за Медуза, Марат Габидулин споменува дека меѓу борците на Вагнер во источна Украина имало државјани на Србија, кои се допишувале со извесен Давор Савичиќ. Давор успеа да им ја всади идејата дека „ти си овде, во Русија, на моја сметка, и без моето покритие ќе ве вратат во Србија“. Значи, 50.000 рубли од секоја (месечна) плата, нему му останувале 600 евра, тврди Габидулин и го руши ‘сесловенскиот модел’ на ангажманот во Вагнер, претворајќи го во класичен наемен однос со цел на убивање на Украинците кои си ја бранеле земјата!
Одредени медиуми во Србија пишуваа за Савичиќ, наведувајќи дека тој е родум од БиХ, каде што учествувал во војната како член на паравоената формација на Српската доброволна гарда, предводена од Аркан. Да споменеме само дека Аркан беше обвинет за воени злосторства пред Меѓународниот суд во Хаг во 1999 година, но не му беше судено бидејќи, една година подоцна, беше убиен во хотелот „Интерконтинентал“ во Белград. Тие извори наведуваат и дека Савичиќ бил дел и од Единицата за специјални операции (ЕСО) на Министерството за внатрешни работи (МУП), на чело со Милорад Улемек Легија, кој во 2007 година беше осуден за организирање на атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ.
Српскиот државјанин Димитрије – Саша Јојиќ, кој загинал во војната во Сирија во јуни 2017 година, борејќи се на страната на силите на сирискиот претседател Башар ал Асад, беше спомнат меѓу членовите на групата Вагнер во медиумите во Србија.
Некои доброволци останале во Донбас
И Јојиќ и Савичиќ се споменуваат како дел од единицата Вагнер на украинската веб-страница „Миротворец“. Станува збор за портал кој содржи база на податоци за лица поврзани со учество во активности во Украина на страната на проруските сепаратисти.
Братислав Живковиќ, српски државјанин кој, според неговото признание, отишол со уште 15 доброволци од Србија во 2014 година да се бори во Луганск во источна Украина на страната на проруските, сепаратистички сили, објаснува тој за РСЕ, дека српските граѓани кои се бореле во источна Украина биле самите пријавени во единицата „Вагнер“.
Важно беше само да најдат контакт. Инаку таквите групи не регрутираат никого, зошто би го направиле тоа? Имаат добра цена, го плаќаат тоа што го плаќаат и луѓето сакаат да се обидат да направат еден или два договори, па ако преживеат – тоа е тоа, објаснува Живковиќ.
Живковиќ ја даде телефонската изјава за РСЕ додека живеел во Донбас, Украина.
Во 2018 година бил вклучен во истрагата на Вишото јавно обвинителство во Крушевац поради сомнение дека организирал учество на други лица на странско боиште. Тој беше уапсен во август 2018 година, но обвинителството ја прекинало истрагата против него во април 2019 година.
Тој вели дека според неговите сознанија „Вагнер“ немал центар за обука, а склучувањето на договорот се случило на територијата на Донбас .
Платениците се живо месо, топовско месо. Не ги интересира сега да ги тренираат, губејќи време на тоа. Дојдовте, во ред, го потпишавте договорот и тој ве праќа каде што ќе ве прати, вели Живковиќ.
Живковиќ ги открива и примањата на борците во оваа озлогласена групација.
Надоместокот тогаш, во 2014 и 2015 година, бил 1.500 – 2.000 долари плус бонуси, доколку таму се уништи оклопно возило, хеликоптер, тенк, авион…, наведува Живковиќ и додава дека обештетувањето во случај да биде убиен на бојното поле изнесувало околу два милиони рубли (28.000 долари)
Сѐ е предвидено, па така и случајот на смрт.
Во случај на смрт, на таа сметка се уплаќаат пари кои таму ги даваат и кој е овластен да ги подигне парите потоа, веројатно некој од семејството, изјави Живковиќ за РСЕ.
На прашањето дали сѐ уште е активен во војската, Живковиќ одговара:
Живеам овде во Донбас, го имам нивниот пасош, јас сум државјанин на овие републики кои не се меѓународно признати (т.н. Доњецка Народна Република и Луганска Народна Република на истокот на Украина). Живеам, работам и ги исполнувам сите обврски што еден граѓанин ги има кон својата татковина.
Злосторници на три континенти
Да си дозволиме тука еден кус осврт на тема – која е оваа групировка, која всушност е регистрирана како бизнис компанија!
Групата Вагнер е одговорна за сериозно кршење на човековите права во Украина, Сирија, Централноафриканската Република, Судан и Мозамбик, објави ЕУ во својот службен весник, повикувајќи се откриени случаи на тортура и вонсудски егзекуции.
Франција побара санкции поради загриженоста за активностите на групата во Африка, особено во поранешните француски колонии Мали и Централноафриканската Република.
Истовремено, постои обвинение во Либија каде дејствувала руската приватна воена компанија Вагнер Груп. Во извештајот на независната мисија за проверка на факти во Либија, нарачана од Советот за човекови права на Обединетите нации (УНХЦР), експертите наведуваат дека постојат причини да се верува дека членовите на Вагнер пукале директно во луѓе кои не учествувале во конфликтите.
Оваа платеничка група има „аусвајс“ да регрутира и затвореници по руските затвори. После 6-месечно учество во борбите тие добивале амнестија! На тој начин таа ги пополнува своите редови кои се проретчуваат. Првите извештаи дека регрутирањето затвореници за учество во војната на територијата на Украина започнало во руските затворски колонии се појавија во јуни 2022 година. Од податоците објавени од Федералната поправна служба на Русија, произлегува дека, само во септември и октомври 2022 година, бројот на затвореници во руските поправни колонии е намален за 23.000 лица. Ова го забележаа новинарите на „Медиазон“ (кого руските власти го „препознаа“ како агент за странски медиуми).
Има уште многу да се прочита за оваа група, за нејзиното врзување со парамилитарната „Орлови“ од Србија, за тоа дека фирмата е финансирана од државната безбедност на Русија, дека обуката кај нив е фалш, а бројот на загинатите е висок (британската разузнавачка служба вели дека во последните операции на фронтот вагнеровци изгубиле една третина од борците). Но, добро е да заклучиме дека:
-
Се работи за воена сила која се бори насекаде низ светот на највалкан можен начин и дека нејзините припадници добиваат високи плати за тоа;
-
Соодветно, никакви „патриотски пароли“ не смеат да се врзуваат за она што тие го чинат, а очевидно зад нив остануваат и многу убиства и на цивили;
-
Онака како што единиците на Аркан или Легија беа вклучени во настаните во Србија, така и вагнеровците, секаде каде ќе се појават, се претвораат во преторијанци на системот – од заштитници на еден режим лесно можат да се претворат во негови непријатели;
- На крајот, нивното присуство во регионот е секако непријатно (најблаго кажано) и бара сериозна опсервација и претпазливост на безбедносните служби.
Вагнеровци не се љубители на сериозната музика.