Кандидатката за претседател од политичката партија Левица, Билјана Ванковска низ јавните настапи низ годините наназад често пати потенцира дека е атеистка.
Во бројни видео и пишани интервјуа, во овјави на социјалните мрежи, Ванковска укажува дека таа не е верник, туку атеист и често пати образложува за статусот на атеистите во модерното македонско општество и глобалните рамки.
Тоа што е атеист и што не пали свеќи во црква го смета за своја предност а не слабост, ќе објасни Ванковска сега веќе далечната 2014 година кога самостојно се обиде да собере 10.000 потписи за кандидирање на претседателските избори.
Дали поради таквиот став или поради нешто друго, тогаш Ванковска не успеа да собере доволно потписи за да се кандидира за претседател, па своето разочарување од таквиот неуспех го искажа и јавно на социјалните мрежи.
„Да бев верник сега ќе напишев: Господ да ни е на помош! Ама како атеист ќе кажам: ако самите не се сакаме и почитуваме, никој друг нема обврска да не’ почитува”, ќе каже Ванковска во 2018 година кога повикуваше на бојкот на референдумот за Договорот од Преспа.
Но пред неколку денови, Ванковска била забележена во манастирот Зрзе заедно со епископот Климент Хераклејски.
Дали кај Ванковска нештата се смениле па од докажан атеист преминала во православен верник или можеби овој пат сака да се доближи и до гласачите верници останува да се види.
Кампањата за овие претседателски избори се поклопува со големиот христијански празник Велигден но и со муслиманскиот празник Рамазан Бајрам, па нема да зачуди ако Ванковска се појави на Велигденска литургија или на некоја ифтарска вечера.
Програмата, личните аспекти се едно, но сепак кампањата и „ловот“ на гласови е друго, па можеби во овие дваесеттина денови атеистката Ванковска ќе се води од максимата „Како што е Господ, никој не е“. (24Инфо)