„Се познававме со Мирко Попов. Го организиравме лани фестивалот „Запознај ја Преспа“. Требаше и оваа година, но за жал, не можеме. Нешто што на Мирко треба да му се оддаде посебно признание е неговата борба за оживување на една македонска музичка сцена. Нешто за што тој никогаш не успеа да добие поддршка. Лани во рамките на фестивалот, тој самиот приреди една многу убава вечер на македонска музика, кајшто презентираше песни кои се веќе практично заборавени, од Драган Ѓаконовски Шпато, таа музичка сцена – Скопје фестивалот во тоа време произведе неверојатно добри композиции, потоа од времето на осумдесеттите. Мирко се обидуваше да негува еден македонизам на музичката сцена, македонизам кој не е потпрен на фобија и омраза кон другите, туку македонизам кој е полн со љубов“, новинарот Борјан Јовановски на поткастот „Политиканти“ на Слободен печат.
Тој додаде дека му е особено жал што Мирко Попов не успеал да добие поддршка.
„Мирко така и се потроши, изгоре самиот во себе. За да преживее продуцираше музика, пишуваше колумни на новиот портал Трн. Поентата ми е, во едно лудило на натпревар кој е позагрижен за Македонија, позагрижен за идентитетот. Луѓето кои стварно се бореа за еден идентитет, тоа е судбината која ја имаат на Мирко. Ѕвездан Георгиевски има феноменална колумна во која пишува дека ние ќе го имаме споменикот Ќосето кој е масовен убиец, а Мирко ќе заврши на маргините“, заклучи Јовановски.
Јовановски во поткастот „Политиканти“ рече и дека ВМРО-ДПМНЕ обезбеди добитничко пратеничко место за Иван Стоиљковиќ, човек кој е тивок во последно време, но кој патува во Русија и шири руска пропаганда
„Тој е човек кој барем во последно време е тивок во јавноста. Но, по она што го запаметив е човекот што беше во Москва на собири каде што се говори од потребата за заштита од западниот и американскиот хегемонизам, изразувајќи поддршка за Русија. Мислам дека беше во друштво со Стевче Јакимовски, па дури и Палчо“, рече Јовановски.
Новинарот додаде дека додека ВМРО-ДМНЕ инсистира на тоа дека е прозападна и дека е на страната на Украина во тој конфликт, сепак ваквите луѓе добиваат високи места на пратеничките листи.