Не биле само договорените анкети дел од Оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ, туку операцијата била многу посеопфатна, вели новинарот на ПорталХ Фуркан Салиу во неговото најново видео.
Од документот што го имаат ПорталХ и новинарот Фуркан Салиу се доаѓа и до сознанието дека една од партиските команда со штабска одлука е и онаа за формирање „четири центри за креирање вести за опозициски портали.
„Отворање на четири оперативни центри (дувла) со 20 лица кои ќе креираат вести за опозициските портали“ цитира Салиу точка од документот што го има.
Што се однесува до документот и тврдењата од ВМРО-ДПМНЕ дека тој е фалсификуван, Салиу потврдува дека документот на кој се повикува ПорталХ во кој во заглавието стои Републички изборен штаб – Оперативен план е од 5 декември 2023 година, иако во документот стои 2024 година.
Салиу објаснува дека во документите што стигнаа до ПорталХ има повеќе печатни и граматички грешки, испуштени букви и наведени се погрешни бројки, но дефинитивно станува збор за документ од 5 декември 2023 година и дека станува збор за записник од состанокот на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ одржан на тој ден, поврзан со првата седница на Републичкиот изборен штаб (РИШ), иако РИШ е формиран во февруари оваа година.
Во своето видео Салиу упатува порака до ВМРО-ДПМНЕ да прашаат некои од седумте членови на Извршниот комитет кои гласале воздржано за Оперативниот план, дали документот што тој го објавува е фалсификат, алудирајќи дека документот го добил директно од највисоките органи на партијата.
Инаку некои медиуми пред неколку недели веќе објавија дека на социјалните мрежи особено на Твитер постојат над 200 таканаречени „ботови“ кои дејствуваат оркестрирано во напади кон Пендаровски и промовираат антизападни ставови.
Во Оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ задолженија добиле и министерот Велковски, претседателот на ДИК, Даштевски и директорот на МРТВ Цветковски.
Овој пат Салиу се повикува на официјален записник од одржана седница на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ.
Читајќи точка по точка од тој записник, Салиу открива како течела подготовката за формирање на Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ и неговите идни активности.
„Втората точка од тој состанок ‘Подготовка за претстојните избори’, на која претседателот на партијата го информираше ИК на ВМРО-ДПМНЕ дека согласно Статутот на партијата за време на одржување на изборите потребно е да се формира Републички изборен шатб, а имајќи ја предвид сериозноста на претстојните избори ја презема одговорноста на себе да биде шеф на Републичкиот изборен штаб, а за негов заменик го предлага генералниот секретар Ѓорѓија Сајковски и отвори доскусија по предлогот“, цитираше Салиу дел од записникот.
Во овој втор дел од објавувањето детали од Оперативниот план за изборите на ВМРО-ДПМНЕ во кој има и точки за организирање „штелувани“ анкети и лажни вести, Фуркан Салиу од ПорталХ открива дека во подготовката на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ се вклучени „луѓе од кабинетот на Орбан“ кои сугерирале дека претседателската и кампањата за парламентарни избори мора да се водат раздвоено.
Освен злоупотребата на јавниот сетрвис МРТ за пласирање на лажните анкети, Салиу во новата објава истакнува дека во Оперативниот план има сериозни индиции кои треба да бидат од интерес на Јавното обвинителство.
Тој укажува на активности од Оперативниот план според кои се утврдени луѓе на високи позиции кои добиле задолженија да обезбедат увид и податоци од Избирачкиот список (Марина Димовска и Претседателот на ДИК Даштевски), за лица изнемоштени и болни кои ќе гласаат од дома (Игор Велковски и Ѓоко Велковски, техничкиот министер за труд и социјална политика) и за вработени во администрацијата (Невена Стаменковска, некогашната Заменската министерка во Министерството за информатичко општество и администрација).