На 29 февруари 2024, неколку портали некритички пренесоа пропагандни пораки од говорот на рускиот претседател Путин пред федералното Собрание.
Порталот „Кумановски муабети“ објави: „Путин: Русија нема да ја нападне Европа“, а Инфомакс објави: „Путин: Чиста глупост се тврдењата дека Русија ќе ја нападне Европа“.
Овие портали не ја цитираа целосно изјавата на Путин, пренесена од Тасс и Царград ТВ, во која тој дезинформира дека „Западот испровоцира конфликти во Украина, Блискиот Исток и во други региони во светот…“.
Но, ниту Западот изврши агресија врз Украина, ниту го испровоцира најновиот конфликт на Блискиот Исток, кој започна со нападите на Хамас. Со агресијата врз Украина, која е европска земја и членка на Советот на Европа од 1995 година, Русија веќе ја нападна Европа, поради што Советот на Европа ја исклучи Русија од членство.
Токму затоа, тврдењето дека „Русија нема да ја нападне Европа“ може да се оцени како пропагандна дезинформација. За да не станат пренесувачи на дезинформации, медиумите не треба да ги пренесуваат политичките изјави без да направат проверка на факти.
(СМК)