Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Владата подава рака, опозицијата одбива да се вклучи во процесот на евроинтеграции

Игноратскиот однос на опозицијата кон стратешки важните прашања отвора сомнеж дека по Атина, Париз и Софија, тие ќе бидат следната пречка на патот на земјава кон полноправно членство во ЕУ, воопшто не водејќи грижа за иднината на земјата и добросостојбата на граѓаните.

По долги години во чекалната на Европската Унија, Северна Македонија минатата година ги започна преговорите за членство со почетокот на скрининг процесот. Членството во ЕУ е децениски проект на земјата за остварување на стратешката цел и позиционирање во заедничкото европско семејство.

Потпретседателот на Европската комисија, Жозеп Борел и комесарот за проширување Оливер Вархеји минатата недела од Скопје потврдија дека ЕУ ќе направи се за забрзување на процесот на пристапување и најавија дека динамиката на преговорите и нивното завршување е целосно во наши раце. Тие потврдија дека доколку земјата ги спроведе потребни реформи и ги исполни „домашните задачи“, 2030 година е реална цел за полноправно членство.

Но освен оптимизам, Борел и Вархеји повикаа и на работа и исполнување на обврските, како што се уставните измени, кои Северна Македонија треба да ги направи пред да ги отвори Кластерите во процесот на преговори. Одбивањето на опозицијата да учествува во овој процес ја доведува во прашање нивната искреност дека европската интеграција и агенда котира високо на нивната листа на приоритети. Во изјавите за медиуми, Борел потврди дека не е возможно повторно преговарање за преговарачката рамка и порача дека Северна Македонија треба да ја искористи оваа шанса и да продолжи на европскиот пат.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во телевизиско гостување ја повика опозицијата да се вклучи во експертските тимови кои ќе разговараат за содржината на уставните амандмани и порача дека тие се отворени за соработка.

Во наредните денови ќе објавиме кои имиња ќе ги поканиме во експертската група за уставните измени. Ќе испратиме и писма до сите политички партии во Собранието да номинираат експерти или личности на кои им веруваат да бидат во таа комисија. Сакаме да покажеме дека нема што да криеме и дека нема тајни клаузули“ рече Маричиќ во „Топ тема“ на Телма.

Тој додаде Владата е подготвена опозицијата да ги формулира уставните амандмани, како што тие мислат дека треба во согласност со преговарачката рамка, за да стекнат доверба во процесот дека нема ништо тајно.

Маричиќ истакна дека му е жал што опозицијата одбива да се вклучи и во процесот на носење и креирање на реформите, кога веќе не сака да учествува во разговорите за уставните измени.

За остварување на стратешката цел потребно е ангажирање на целиот државен апарат и на целото општество, вклучувајќи ја и опозицијата. Од самиот почеток на преговорите, Владата ја остави вратата отворена за вклучување на опозицијата во процесот, преку учество во скрининг тимовите, но и учество во преговарачките тимови.

Преговорите со Европската Унија се процес кој трае подолго од мандат на било која Влада и за носење и имплементација на потребните реформи и трансформација на системот и општеството, потребна е вклученост и поддршка од сите политички партии. Маричиќ изминатата година неколкупати повика и на активирање на Националниот совет за евроинтеграции, со кој раководи заменик-претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Повикот на вицепремиерот е токму НСЕИ да биде местото на соработка и клчната алка за комуникација меѓу Владата и Собранието на патот кон Европската Унија.

Сите политички партии и чинители треба да се согласат и договорат околу приоритетите, законите и реформите кои земајва треба да ги направи и да изградат став по прашањата кои ќе ни бидат реформска задача во следните години во процесот на преговори.

Патоказите и плановите кои Северна Македонија и Европската Унија ќе ги подготват по завршување на скрининг процесот ќе бидат водилка на реформите и програмите по кои ќе треба да се водат идните влади на патот до полноправно членство во ЕУ. Поддршката за реформските процеси и трансформацијата на општеството ќе треба да доаѓа од сите политички партии, без разлика на тоа кој е власт, а кој опозиција, поради што потребна е вклученост на сите во креирањето на приоритетите.

Ваквиот игноратски однос на опозицијата кон стратешки важните прашања отвора сомнеж дека по Атина, Париз и Софија, тие ќе бидат следната пречка на патот на земјава кон полноправно членство во ЕУ, воопшто не водејќи грижа за иднината на земјата и добросостојбата на граѓаните.

Р.Р.

Зачлени се на нашиот е-билтен