Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВМРО-ДПМНЕ е општа опасност на патот до ЕУ

На ВМРО-ДПМНЕ не им е прв пат да бидат општа опасност на нашиот пат до ЕУ и само е прашање дали ќе успеат во таа своја намера или сепак во партијата ќе се присоберат оние со разумно однесување за да ги препознаат стратешките интереси на земјата и да се стават настрана партиските, односно личните интереси на Мицкоски, Николоски и другите од потесниот врв на партијата, зашто за нив прашањето на личниот опстанок во политиката има повисок приоритет отколку иднината на Македонија во ЕУ.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Најдобар одговор на анкетите што во последните десеттина дена констатираат дека расте процентот на граѓаните кои се против членството на Северна Македонија во ЕУ,  даде амбасадорот на Холандија во нашата земја Дирк Јан Коп.

Амбасадорот Коп вели „ајде да зборуваме за популарноста“ и вели дека „колку повеќе ја ‘обојувате’ ЕУ во црно, толку повеќе популарноста на личности како Путин ќе расте. Што всушност се случува тука. Мислам дека сите политичари тука, политичкото лидерство поддржани од некои медиуми и голем дел од невладиниот сектор, ја обвинуваат ЕУ за сѐ“.

Холандскиот амбасадор истакнува дека Северна Македонија „не прави нас (ЕУ) да чекаме предолго, наместо да ни раскажувате бајка дека некако, ние правиме Северна Македонија да чека предолго. Не е така“, категоричен е амбасадорот на Холандија Коп.

Освен ова отрезнувачко предупредување, вакво слично укажување дојде и од американскиот сенатор Крис Марфи кој за време на неговата посета на земјата рече дека „во Белата куќа ќе се постави прашањето колку македонската држава е посветена да стане членка на ЕУ ако не го заврши процесот на уставни измени“. 

Две работи треба да се констатираат од тонот и пораките во изјавите на претставниците на земјите, нашите искрени пријатели и поддржувачи: Прво, дека овој тон и директни предупредувања доаѓаат заради фактот што пресудните одлуки што треба да го донесе до крајот на годината – уставните измени – сега зависат само од нас и дека нема кого да обвинуваме кога е јасно дека решението на тие одлуки ни е дома.

И второ, јасно е кој е пречката и дека ВМРО-ДПМНЕ е општата опасност на патот до ЕУ и дека договорот што произлезе од „францускиот предлог“ е „апсолутно најдобриот договор што Северна Македонија можеше да го добие“.

„Бесмислица е некој да мисли дека е можен подобар договор. Според мене ВМРО-ДПМНЕ ризикува да биде одложено членството во ЕУ за најмалку за три, четири години и мислам дека тоа не е добар начин на однесување и може да биде разочарувачки, ако тоа се случи. Сега е моментот“, вели амабасадорот Коп во интервјуто за Радио Слободна Европа.

Но, ВМРО-ДПМНЕ нема уши за овие пораки. Напротив, нивните челници сметаат дека може да диктираат услови за нашиот прием во ЕУ, а ние всушност треба да ги исполниме условите на унијата од кои оваа партија упорно го попречува.

Ова однесување ја става државата во тотална неизвесност. На ВМРО-ДПМНЕ не им е прв пат вака да се однесуваат и само е прашање дали ќе успеат во таа своја намера или сепак во партијата ќе се присоберат оние со разумно однесување за да ги препознаат стратешките интереси на земјата и да се стават настрана партиските, односно личните интереси на Мицкоски, Николоски и другите од потесниот врв на партијата, зашто за нив прашањето на личниот опстанок во политиката има повисок приоритет отколку иднината на Македонија во ЕУ.

Но, еве за да не биде дека ова е само уште еден политички трактат, ајде да видиме што  добиваме, а што губиме со ваквото политичко делување на ВМРО-ДПМНЕ.

Да почнеме со тоа што добиваме со опструкциите и политиките на ВМРО-ДПМНЕ на патот кон ЕУ:

Целосно неизвесна перспектива за членство: Во март високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел ни порача дека ова е клучна година за македонските евроинтеграции и договорот од јули минатата година е најдобрата зделка што Македонија може да ја добие од ЕУ.

Борел побара Македонија да ги подобри односите со соседите и да создаде услови за усвојување на уставните измени и предупреди дека не е реално да се очекува дека ќе се создаде можност за повторно отварање и преговарање за Преговарачката рамка.

На оваа носечка порака од Брисел се надоврзаа и пораките што следуваа од кои посебно внимание предизвика онаа на сенаторот Крис Марфи дека доколку Македонија до крајот на годината не ги донесе тешките одлуки, во Белата куќа ќе се постави прашањето – колку македонската држава е посветена да стане членка на ЕУ ако не го заврши процесот на уставни измени. 

Сите постапки на ВМРО-ДПМНЕ беа спротивни на овие укажувања и само помагаат да ја загубиме поддршката на земјите членки на ЕУ, нашите најблиски партнери и пријатели, како и поддршката на САД.

Наместо да ја грабнеме 2030 година како репер околу кој е можно постигнување на членството во ЕУ, самопрогласената најмакедонска партија ги прави најнемакедонските чекори.

Влегуваме во геополитички ризици и ќе се соочиме со нова офанзива на влијанија од Русија и Кина. Секое оддолжување на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ оди во прилог на Москва зашто докажан е интересот на Русија да го држи Балканот што подалеку од заедничкиот пазар на ЕУ и земјите од регионот од членство во Унијата коешто Кремљ го гледа како шанса да го попречува и ширењето на НАТО.

Внатрешни тензии и разбивање на кохезивното ткиво на меѓуетничките односи за кои евроинтеграциите беа или сѐ уште се најсилното „врзивно лепило“. Разликата меѓу Македонците и Албанците во Македонија е голема во однос на поддршката и прифаќањето на евроинтеграцијата како единствен пат во наредните седум-осум години без алтернатива.

ВМРО-ДПМНЕ игра на таа карта и ја продлабочува таа разлика и вештачки и неосновано создава слика дека со уставните измени Македонија се претвора во бинационална држава. Освен што е уште една дезинформација од кујната на белата палата, ова упорно настојување да се создаваат кризни точки за засилување на евросекептицизмот.

Дополнителна поларизација во македонскиот етнички камп е неминовна во ваква ситуација кога најголемата опозициска партија останува на блокадите на евроинтеграцискиот процес со силна поддршка на дел од медиумите и граѓанските организации.

Одлагање на пристапот или затворање на фондовите на ЕУ ќе биде една од последиците со кои ќе се соочи земјата. Хрватска, која кандидасткиот статус го доби истата, 2005 година, како и Македонија, од 2013 година кога стана членка на ЕУ само 8 години после добиената кандидатура, до ноември година 2022 година од Европските структурни и инвестициски фондови (ЕСИФ) повлече 8,51 милијарда евра од достапните вкупно 10,73 милијарди евра.

Од друга страна еве само дел од она што добиваме со уставните измени и со дополнително забрзување на реформите и евроинтегративниот процес:

Членство во ЕУ во 2030. Ако можеше Хрватска, значи дека е можно. Тоа е шанса Северна Македонија да биде еднаков член на ЕУ, заедно со најмоќните европски земји и економски супер сили.

Нови економски придобивки со пристап до структурните и кохезивните фондови на ЕУ: Европската Унија е пред сѐ, економски сојуз, таква и е и историјата и сегашноста. Економската и социјалната благосостојба отсекогаш била причината за поврзување на пазарот од над половина милијарда потрошувачи и цврсти синџири поврзани во глобалната трговија. За малите економии (како нашата), само пристапот до нови потрошувачи на единствениот европски пазар носи забрзување на растот.

Кај сите нови земји членки од 2007 година наваму беше констатирана подобра клима за водење на бизнис и напредок во структурните реформи.

Придобивка е и пристапот до европските фондови, кои стануваат достапно со секое ново ниво на патот на интеграцијата. Вкупниот буџет на ЕУ за 2021-2027 година е проценет на околу 2.000 милијарди евра.

Да не забпоравиме дека во изминатите 30 години поддршката на ЕУ за нашата земја се проценува на над 3,5 милијарди евра.

Ако се угледаме повторно на Хрватска треба да запаметиме дека 70% од јавните инвестиции во Хрватска се со пари од ЕУ. Тоа значи поголема контрола во користењето на средствата и максимално намален ризик за корупција, што не доведува до другите, неекономски придобивки.

Зајакнување на демократијата и доброто владеење треба да ги истакнеме зајакнувањето на демократијата и доброто владеење – слободата на изразување, политичката стабилност, квалитетот на регулативата, ефективноста на владеењето, владеењето на правото и контролата на корупцијата. Во ЕУ многу значајни глобални прашања се адресираат координирано, што е особено значајно за мала економија како нашата. Таков пример се климатските промени и загадувањето на почвата и водата, што ја подобрува ефикасноста и ефективноста во делувањето во споредба со она што би било ограничено во национални граници.

На оваа листа придобивки секако свое место има сигурноста што ја нуди ЕУ, особено во услови на глобални безбедносни предизвици од хибридни напади и геостратешките превирања што носат многу неизвесности.

Зачлени се на нашиот е-билтен