Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВМРО ДПМНЕ со големото НЕ ризикува да биде новото оружје на Москва за отворање на нов фронт на Балканот

Дали европската рамка е фер и принципиелна ? Не
Дали ставот на Бугарија кон нас е европски? Не, воопшто
Дали се чувствуваме изневерени од ЕУ по Преспанскиот договор? Да, многу
Дали паѓа тешко да се донесе одлука за промена на Уставот во вакви околности? Да!
Дали изолацијата и закочување на европскиот процес е опасност за нас? Да, и тоа голема…

Мислам дека нема со одговорите на сите овие прашања ќе се согласи големо мнозинство Македонци вклучително со одговорот на последното прашање за опасноста од изолација, во актуелните геополитички констелации , доколку не го исполниме и овој услов за влез во втората фаза на преговарачкиот процес – уставните измени.

Геополитичките околности се драматично неповолна за опцијата која ја застапува опозицијата одбивајќи да ги прифати уставните измени. Имено Русија е очигледно се поисцрпена во нејзиниот агресивен авантуризам во Украина. Војната ја држат жива без успех да освојат било кое место од поголема стратегиско значење кое ќе им обезбеди услови за понатамошен напредок на фронтот. Москва троши милијарди за лет во место.

Крвавото шоу на Путин станува тешко подносливо и на неговиот домашен фронт каде што се најде понижен од неговиот келнер Пригожин. На Путин и тие околу него му е јасно дека во овие околности времето не работи за него. Поради тоа очајно му е потребен нов фронт во Европа. Единствена фрагилна точка на континентот е Балканот на чиј терен Путин има реално големо влијание. Во таа смисла неговиот најсилен адут, со кој веќе подолго време на Балканот игра руската пропаганда , е идејата за пансловенската и православна сплотеност – теза која има голем број на приврзаници главно поради очајното ниво на медиумска писменост кое создава плодна почва за бескрупуозните методи за манипулација на јавното мислење.

Дополнително, српските власти на оваа операција и обезбедија цврста платформа во срцето на Балканот. Целта на оваа операција е да се мобилизира “православието” и “словенското” население во заштита на своите “загрозени” интереси од страна на неправославново, односно муслиманското, пред се албанското население во регионот. На оваа операција и терцираат Будимпешта и Брисел, секој од свој интерес.

Орбан во Будимпешта разви месијански комплекс. Прво ја спасуваше Европа од исламизација презентирајќи се себе си како повикан од Бога да го заштити христијанството. Таа операција пропадна, а Европа не се исламизираше како што може да се види по големиот бран на бегалци, на кои гостопримство им укажа многу поголема христијанка каква што е Ангела Меркел кога беше на чело на нејзината демохристијанска партија. Сега Орбан својата крстоносна војна сака да ја насочи кон Балканот.

Но, наводно загрижен за христијанството, Орбан пред се ги има сопствените лукративни интереси кои се изложени на сериозна компромитација од страна на официјален Брисел. Владата на Орбан е куса за неколку милијарди евра кои Брисел не ги дава барајќи од Унгарија за возврат реформи и демократски вредности. Позицијата на Унгарија во ЕУ допрва ја очекуваат големи искушенија исто како и неговата економска стабилност.

Па затоа на Орбан му е потребна политичка мрежа на Балканот под негово покровителство кое ќе му овозможи тој да има клучно влијание во регионот со кое подоцна би можел да тргува во Брисел за неговите интереси кои подразбираат да ги задржи неговите нелиберални позиции кои му се3 единствената гаранција за опстанок на власт.

Свој интерес во рускиот концепт на Балканот има и Вучиќ. Заострување на односите меѓу православните и муслиманите за српската елита се привлечна опција со која преку контролиран вооружен судир би можеле на преговарачка маса да го решат Косово со поделба на територијата и обезбедување на независност за Република Српска. Руската опција за Балканот стана очигледно видливо присутна по ставот на Вучиќ заземен откако шефот на неговото разузнавање, Вулин беше ставен на американската црна листа. На ова се надоврза и неговиот сателит Дачиќ, кој на голема врата ги внесе во политичкиот живот на Србија внукот и внуката на Милошевиќ. Сумарумот на сите полатички пораки од Белград е јасен и гласен- големо НЕ за Западот и враќање на позициите на кои застана Милошевиќ.

Конечно, директно или индиректно на руските позиции за Балканот се надоврзува и ВМРО ДПМНЕ, кое ги блокира уставните измени, доведувајќи ја на тој начин во прашање иднината на европските интеграциски процеси кои како никогаш досега поради војната во Украина, имаат изгледи во многу блиска иднина да завршат со членство на Македонија во ЕУ. Блокадата на овие процеси веќе создава нервоза во Брисел и Вашингтон кои се свесни дека изолирана од европските процеси, Македонија може лесно да упадне во нови меѓуетнички тензии со непредвидлив интензитет. ЕУ нема да може повеќе да ја држи Албанија врзана за судбината на Македонија во ЕУ.

Од друга страна, напредокот на Албанија кон ЕУ несомнено ќе ги зоврие страстите меѓу Албанците во Македонија кои тешко ќе го поднесат тоа одвојување, по што најверојатно ќе следи појава на нови политички субјекти со радикални агенди.

Ваквиот развој на настаните е токму она што сега и треба на Москва за да го оттргне фокусот на САД и ЕУ од Украина и жариштето да се прошири што подлабоко во европскиот простор. Токму затоа овие денови добиваме и толкаво внимание од САД и ЕУ кои се обидуваат на разни начини да дојдат до решенија кои би ги спречиле руските сценарија за Балканот. Орце Камчев е колатерална штета на една мошне силна порака која Вашингтон ја испраќа до Мицковски, па ако сакате дури и до пошироката јавност во државата. Во периодот кои следи ќе бидеме сведоци на драматични превирања на Балканот кои ќе бидат пресудни за иднината на Македонија и целиот регион.

Во пресрет на големиот Илинден добро е да се потсетиме на тоа што значи една одлука. Мнозинството тогаш сакаше востанието да се случи на 2 Август 1903. Помал дел од револуционерите сметаа дека е прерането, но не беа послушани. Избрзувањето донесе жртви и страдања но не и реализација на идеалот за самостојна држава. Да се послушаа оние кои бара трепение можеби се ќе беше поинаку. Не знаеме….

Борјан Јовановски (НоваТВ)

Најново