Книгата е еден мајсторски испреплетен амалгам на текстови во кои се чита тескоба од состојбите, детекција на опасностите на (историо)кратијата, но најмногу ревносност и решителност да се ординира јака доза „парацетамол на челото на пациентот“
Пишува: Валентин НЕШОВСКИ
Тричковски е луциден, но тоа не е празна луцидност. Тоа не е помпа или поза, туку е поткрепа, во функција да сепне пред секоја длабока анализа на стварноста.
Во оваа книга ќе прочитате за патриотизмот, оптимизмот, нормалноста, прогресот, модернизмот… ќе прочитате за многу теми кои авторот од димна завеса или матна баруштина ги трансформира во неопластицистичка јаснотија слична на делата на Мондријан. Како во алувиум се напластени тези поткрепени со комплот од знаења во сите сфери.
Иако основната четка во палетата на вербални бои на Тричковски се метафората, компарацијата, парадоксот и апсурдот, арсенал на острина со кои тој сече како со жилет, го критикуваат за бруталност, конфронтирачки говор и ласцасивност и притоа не сфаќааат дека ваквиот говор е подлошка за да предупреди, анализира и нуди решенија.
Тричковски исто како, а можеби и подобро од Џани Ватимо – познатиот италијански филозоф кој најбруталниот и вулгарен речник го сместува во пред-детерминистичка рамка на теоретизација и функционализација за да ги објасни појавите и да најде решенија – ги употребува овие методи за да го операционализира јавниот ангажман и да алармира. Всушност станува збор за херменеутичка интерпретација на јазикот (говорен и пишан) и поважно – за уметност на разбирањето и комуникацијата, концепт негуван од многу пишувачи и аналитичари на филозофски текстови.
Во овој табор на „бозобразни“ откривачи на реалноста влегуваат многумина со нивниот поигнантнeн (потресувачки) стил – од Фридрих Ниче, со неговиот агресивен и провокативен јазик, преку Џемс Џојс во „Улис“, со вокабулар кој се сметал за обсцен за тогашните социјални норми и цензорски пуританци, преку Хенри Милер и Буковски, па се до Вилијам С. Бороус кој експериментира со јазиот особено во романот „Гол ручек“, и Кристофер Хиченс, кој ќе конфронтираше сакаков авторитет и рушеше „свети крави“ како кегли на карамбол, до Данил Хармс, со краткиот ебитачен формат и французите Мишел Уелбек и русите Александар Херцен и Едуард Лимонов, кои со својот контроверзен и брутален јазик, на тест ги ставија сите лажни пуритански, политички и општествени норми. А да не зборуваме за новинарството и речникот на еден Хантер Томсон и неговиот легендарен текст (The Kentucky Derby Is Decadent and Depraved) со кој го разнишува никсоновиот јужњачки декадентен свет. Таков е и Тричковски, оригинална појава на македонската сцена.
Консеквентно на ова погоре, се чини дека има неколку централни теми во неговите демистификации, но најмаркантна е патриотизмот и неговото обезличување. Во книгата ќе најдете маестрални паралели од типот „патриотска пудра на лицето…“, „патриотска поза“, „патриотизмот како тракторска гума полна со воздух“, „патриотските воспаленија на обвивката на мозокот кои го уништуваат тенот“, но клучот се состои во една аксиома (нешто што не треба да се докажува туку е јасно), а тоа е дека „патриотизмот може да се култивира кај поединци (Тричковски), но кај народите секогаш е второ име за феномените што се викаат национализам и фашизам“. Од таму тврдам дека Тричковски е патриот. Тој со својата жестокот се обидува (успешно) да ја демаскира заводливата шминка на групниот патриотизам. Или, како што вели Виктор Иванчиќ, а го цитира и Тричковски „Патриотизмот е израз на нагонот на слепиот самоубиец за удирање со главата во ѕид“.
Втора централна тема, иако таа е ненаметлива и притаена, а ја наоѓаме меѓу редови, односно redactio ad absurdum, е оптимизмот. Тричковски во 300 страници го споменува оптимизмот само неколкупати, но тој не може да отсуствува и тоа да не се рефлектира во пишувањето на автор кој така жестоко и со сите реторички пушкомитралези пука секој ден против глупоста и веројатно се прашува – какво дејство имаат овие гама зраци врз нас сенишните невени како во драмата на Зиндел која зборува за алиенацијата меѓу членовите на едно семејство (можеби и нацијата).
Трет носител на оваа книга е еден континуум на сосредоточеност кон нормалноста, прогресот и модернизмот. Илустративен е текстот „Македонски парадокс: Зошто не можеме да се распаднеме!? Каде Тричковски вели: „нормалноста, пристојноста и европскоста ќе победат и од позиција на победници ќе ја пружат раката на помирувањето на сите освен на најголемите злосторници и поборници и извршители на разнебитувањето на Македонија“.
Во целина книгата е еден мајсторски испреплетен амалгам на текстови во кои се чита тескоба од состојбите, детекција на опасностите на (историо)кратијата, но најмногу ревносност и решителност да се ординира јака доза „парацетамол на челото на пациентот“.
Инаку за крај, контроверзата за ВМРО е добро сместена во насловот – дека тоа е мит, дека е концепт кој Тричковски го завршува ефектно – во крај. Прашањето кое му се мота на читателот во главата е – но каков е крајот? Кај Тричковски може да се прочита дека може да биде и убав. Конечно, подобро е да си оптимист и да грешиш, отколку песимист и да си во право.