НАЗМИ АБДУРАХМАНИ
По парламентарните избори во 2020 година, кога коалицијата „Можеме“ предводена од социјалдемократите (СДСМ) на Зоран Заев и Демократската унија за интеграција (ДУИ) со нивната позната кампања „Псе јо“ за албански премиер излегоа како победници, на површина испливаа незадоволства во редовите на ДУИ.
Оваа природна коалиција меѓу СДСМ и ДУИ како и пратеникот од Демократската партија на Албанците (ДПА) броеше 62 пратеници, што беа доволни за конституирање на Собранието, се очекуваше Талат Џафери да биде избран за претседател.
Изет Меџити и Арбен Зимбери незадоволни од предложените кадри
Првиот што имаше забелешки за предлозите на ДУИ за министри беше поранешниот градоначалник на Општина Чаир Изет Меџити, кој беше избран за пратеник, како и неговиот сопартиец, пратеникот Арбен Зимбери.
Тогаш многу медиуми пишуваа дека во ДУИ има незадоволство од дел од кадровските избори на лидерот на партијата Али Ахмети за новата влада. Револтот, според пишувањата, е поизразен во ограноците на ДУИ во Чаир и Сарај, а најмногу се однесувал на кандидатурата на Артан Груби за вицепремиер и Бујар Османи за министер за надворешни работи.
Без гласовите на Меџити и Зимбери, Талат Џафери не можеше да биде избран за претседател на Собранието, бидејќи коалицијата „Можеме“ на чело со СДСМ, заедно со ДУИ и ДПА имаа вкупно 62 пратеници, додека претседател на Собранието се избира со 61.
Ахмети: Сите одлуки се донесени со договор
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по Партискиот совет одржан во летото 2020 година, изјави дека имало дебата, но сите одлуки се донесени со договор.
„Мнозинството на Централниот одбор ги прифати овие кандидати кои се предложени. Сите се овде од ограноците, нема партија која што нема дебата за овие прашања. ДУИ секогаш е транспарентна и на крај сите ја поддржаа одлуката која е добиена со мнозинство. Нема вознемирувања, природно е овие прашања да имаат дебата до последен момент. Сите заседанија на партиски тела се во присуство на медиумите и транспарентни.“
Меџити: Последниот збор за мене е на Али Ахмети
Пратеникот на ДУИ, Изет Меџити тогаш изјави дека ќе гласа за Влада, но има забелешки кон извршната власт.
„Имам мои забелешки за дел од извршната власт, длабоко дебатиравме и тогаш кога се апсорбира дебатата и аргументацијата. За мене последниот збор го има првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Не сакам да придонесам за уривање на Влада која има благослов од нашите партнери САД и Европската Унија“, изјави тогаш Меџити.
Појавувањето на „Огнената група“
Откако летото 2020 година се испеглаа разликите во ДУИ и беше избрана Влада, спорадично се слушаа забелешките на групата која подоцна Ахмети иронично ја нарече „огнена“. Во септември 2022 година оваа група излезе со низа барања кои бараа одговорност од министрите на ДУИ, особено од вицепремиерот Артан Груби.
По тоа „последниот збор за мене го има Али Ахмети“, во септември 2022 година, оваа група излезе во јавноста со писмо потпишано од партиски функционери со низа забелешки. Најпрвин, функционери на ДУИ испратија писмо до претседателот на оваа партија Али Ахмети во кое го изразија своето незадоволство од внатрепартиските состојби.
„Имајќи ја предвид организациската состојба создадена во ДУИ во период од две години, должни сме да го кренеме гласот и да реагираме за да го вратиме она што со душа го создадовме, односно Демократската унија за интеграција да ја вратиме на позицијата која што се развиваше 18 години – добро организирана и добро структурирана“, се велеше во објавеното писмо.
Листата на потписници ја предводеше Изет Меџити, а потоа Невзат Бејта, Муса Џафери, Блерим Беџети, Мерита Коџаџику, Висар Ганиу итн.
Раздорот во ДУИ ескалира
По одржувањето на партиски совет на ДУИ, на кој беа избрани испразнетите места во партијата, а негодувањата донекаде беа релаксирани, „огнените“ повторно излегоа со прес-конференција на која го презентираа, според нив, лошиот перформанс на министрите на ДУИ во Владата на Ковачевски.
На прес-конференција одржана на 27 декември, незадоволните функционери на ДУИ изјавија дека од 19 изборни ветувања целосно се исполнети само две – „албанскиот вицепремиер и албанскиот преговарач за ЕУ и НАТО“, додека пет се делумно исполнети. Тоа, според Изет Меџит, значи дека ДУИ целосно исполнила само 1,2 отсто од ветувањата, 2,9 отсто се делумно исполнети, 95,9 отсто не се исполнети. Во однос на инфраструктурните проекти, како што посочи, за две години, од 520 милиони евра, само 11 милиони евра се инвестирани во „пет проекти за Албанците“.
Тие тврдеа дека партијата е отуѓена и дека не ја претставува волјата на албанските гласачи. Поточно, го обвинија првиот вицепремиер Артан Груби, кого го обвинија и за пораз на локалните избори во Тетово и Гостивар. За сето ова време, вреди да се напомене дека вицепремиерот Груби, како и лидерот на ДУИ, негираа дека има раскол и сето тоа е поврзано со внатрепартиска дебата.
Ситуацијата ескалираше кога оваа група на незадоволни партиски функционери излезе на терен и почна да води кампања која населението донекаде ја поддржа. Целата кампања беше поврзана со Артан Груби и како што велат „демократизацијата на партијата и исцрпувањето на аргументите за дебата“.
Меѓу редови, во овој наратив на Огнената група се читаше дека нивната крајна цел е позицијата на лидерот на партијата, иако на сите собири тврдат дека се со Али Ахмети.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ѝ порача на „Огнената група“ дека имаат погрешен пристап кога се обидуваат да го претстават него како диктатор, спомнувајќи го во оваа прилика и Ким Џонг-ун, диктаторот на Северна Кореја. Но, Ахмети рече дека нема да исфрли никого од партијата и покрај жестоките судири што се случуваат.
„Не, никој досега не е исклучен од ДУИ. Тоа се мои пријатели, мои соработници, имаат многу погрешен пристап, анализите што ги прават, значи јас сум Ким Џонг-ун. Јас мислам дека ДУИ е една од најдемократските партии, најотворената на овие простори и ќе работиме уште понапорно да бидеме максимално транспарентни, така што ова нема врска со диктатура“, изјави Ахмети.
Ахмети: Нема да го отстранам Артан Груби
На партискиот митинг одржан во Гостивар, каде Ахмети ја започна кампањата наречена „Заедно за Европа“, порача дека нема да го смени првиот вицепремиер Артан Груби и покрај барањата на „Огнената група“.
„10 години бараа да го сменам Муса Џафери од вицепремиерската функција, но јас не го сменив затоа што ја почитував волјата на мнозинството. Инсистираа да се смени Абдилаќим од вицепремиер, но јас не го отстранив бидејќи ја почитував волјата на мнозинството. Сега се обидуваат да го отстранат Артан Груби, но јас не го отстранувам затоа што тоа е мнозинска одлука – одлучи Генералниот совет“, рече Ахмети.
Тој додаде дека незадоволните функционери не треба да не се жалат бидејќи цел живот имаат функции.
ВМРО – ДПМНЕ објавува наводни докази за богатењето на Артан Груби на сметка на државата
Во сите овие внатрешни поделби во ДУИ, во обвинувањата и нападите против власта, поточно против првиот вицепремиер Артан Груби, е вклучена и македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Артан Груби е премиер од сенка, кој го држи Ковачевски на краток ланец и се богати на грбот на институциите со кои управува тој или нему блиски сопартијци“, изјави на прес конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков. Тој најави објавување серија докази со кои партијата ќе потврди дека СДСМ и ДУИ ги претвориле државните институции во подружници на нивните фирми, а државниот апарат се користи за да се создадат добри бизнис-услови за фирмите на луѓето од власта.
Во однос на Груби, Лефков истакнува дека неговото семејство трупа милионски бизниси и имот преку неговиот брат, кој директно или индиректно е поврзан со повеќе бизниси, како што е и тој за баждарење на инструментите за точење нафтени деривати и гас.
Груби ги демантира обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ
Вицепремиерот Груби излезе со реакција, во кој потенцира дека обвинувањата и клеветите на ВМРО-ДПМНЕ и албанските експоненти и нивните познати пријатели во случаите Алфа, Монструм и Диво Населба, освен што се лаги без никакви факти и претставуваат политика на најниско ниво, се добро координирани и продолжување на нивната заедничка кампања за оштетување на ДУИ.
„Овие обвинувања и други кои се шират преку овие експоненти, како кредитот и хипотеката на мојот брат за деловен објект за неговиот 20-годишен бизнис, се присутни во јавното мислење повеќе од една година и никој од пропагандистите Албанци или Македонци, не ги доставуваат своите „докази“ до институциите, туку ја користат клеветата за политички кампањи, уривање на угледот и дефокусирање“, напиша Груби.
Тој напиша и дека ја охрабрува изолационистичката и клеветничка коалиција предводена од ВМРО, Левица и оние Албанци кои се ставени во нивна служба, да го пријават до надлежните институции секој доказ за евентуален криминал што тврдат дека го има.
Обвинувањата за корупција од страна на ВМРО-ДПМНЕ кон Груби не престануваат. Дури и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски секојдневно излегува со пораки на социјалните мрежи кои ги именува како политички гатанки на корупцијата кои алудираат на Артан Груби.
Шаховските фигури на ЕУ ја добиваат битката
Со гласањето за реконструкција на Владата, каде дел од неа стана и Алијансата за Албанците и јакнењето на парламентарното мнозинство, сега се чини дека се зголемија и нападите.
Со избирање на новата Влада згасна и последната надеж на македонската опозиција за предвремени избори, која продолжи да ги бара и покрај повиците од сите страни дека сега не е време за предвремени парламентарни избори. Фронтот за Европа, или Заедно за Европа кој го именуваше лидерот на ДУИ Али Ахмети, а му се приклучи и лидерот на Алијансата Арбен Таравари, сега бара разумност и мудрост за да се достигне бројката на пратеници кои би го смениле Уставот и со тоа би се вклучило бугарското малцинство во Уставот.
Ако тоа се постигне, тогаш патот на Северна Македонија ќе се трасира по шините на ЕУ, каде што нашето општество, економија и политички систем нужно ќе се трансформираат за доброто на граѓаните. Ова година е одлучувачка имајќи ги предвид повиците на европските дипломати дека сега е моментот да го направиме одлучувачкиот чекор и да не си поставуваме големо вето на самите себе.
Извор: CivilMedia