Ви ѕвони телефонот и гледате дека повикот е од непознат број или без идентификација (Unknown).
Решавате да го прифатите повикот и следува ваков „разговор“:
– Ало, дали сте вие Тој и Тој (или Таа и таа)?
– Да…
– Вашиот син/ќерка направи сообраќајка. Удри дете, детето е починато
– (Вие сте во првичен шок и додека сте така затечени следува „разговорот“ понатаму)
– Слушајте внимателно, додека уште не дошла полиција, јас можам да ви помогнам синот/ќерката да избегне затвор од 10 години…
– Може ли да ја/го слушнам ќерката/синот…
– Не можете (веќе гласот станува нервозен) исплашен/а е од ситуацијата и ме замоли јас да помогнам, а ќе помогнам само ако не губиме време. Ме разбравте?
– Добро, добро… Што треба да направам…
– Да постапете така како што ќе ви кажам. Семејството на починатото дете се согласува да не ја пријави сообраќајката ако им надоместите за загубата…
– Како да надоместам…
– Ќе донесете 10.000 евра и ќе завршиме работа….
– Ама јас ги немам тие пари…
– Тогаш да не губиме време, полицијата секој момент ќе дојде, и следниот пат ќе ја видите ќерка ви (или синот) во затвор…
– Чекајте, чекајте… Добро ќе ги донесам парите…
– Ете така, да не го губиме времето, за 10 минути дојдете на аголот на улицата… таму ќе ве пречека мојот човек што ќе го испратам сега… Тој ќе ви пријде и ќе му ги дадете парите. Се разбравме?
– Да, да…
– И не се обидувајте да се јавувате во полиција зашто така ќе ја испратите ќерката (синот) директно во затвор. Имаме таму луѓе и веднаш ќе ни јават…
– Добро…
– Ајде, направете го ова што се договоривме и ќе ја спасите ќерка ви (синот) од затвор.
Вака некако, со варијација за висината на парите или за начинот на испорака се одвивале разговорите во вкупно 41 измама во периодот од 01.01.2023 заклучно со март 2025 година, според статистиката што за оваа сторија ја доби Рацин.мк од Министерството за внатрешни работи.
По преземени мерки и активности Министерството за внатрешни работи за пријавените настани во периодот од 2023 до март 2025 година, расветлени се четири настани, за кои се поднесени кривични пријави против четири лица, за сторени четири кривични дела „измама“, додека за останатите случаи на пријавени измами се преземаат мерки за откривање на сторителите, расчистување на настаните и поднесување на соодветна кривична пријава.
Станува збор за измамите со лажно прикажување факти, дека нивен близок член на семејството, предизвикал сообраќајна незгода се извршени во повеќе градови во земјата, по што следува изнуда на пари.
Целта на измамниците главно биле повозрасни лица кои биле доведени во заблуда и во состојба на страв и емотивна разнишаност и им биле одземени поголеми износи на парични средства, заради наводно избегнување кривична одговорност и издржување на долгогодишни затворски казни на нивни блиски роднини. Најчесто ќерка или син.
Во изминатиот период, ни рекоа од Министерството за внатрешни работи, од страна на граѓаните пријавени се повеќе кривични дела „измама“, кои се извршени врз повозрасни лица.
Сторителите ги доведуваат во заблуда лицата на тој начин што им се јавуваат телефонски и им се претставуваат како службени лица, најчесто полициски службеници, и од нив бараат финансиски средства за ослободување од кривичен прогон на нивни деца или внуци кои, наводно, непосредно пред јавувањето направиле сообраќајна несреќа со смртни последици. Измамниците ги контактираат жртвите најчесто на фиксен телефон, но има случаи каде што се контактирани и преку мобилен телефон со скриен број, а за да бидат поуверливи во позадина се слуша глас кој бара помош.
Од МВР уште велат дека во извршувањето на овие кривични дела се таргетираат жртви, најчесто жени во поодминати години, кои сторителите најпрвин ги бараат на фиксни телефонски броеви, а потоа комуникацијата продолжува на нивните мобилни телефонски броеви, на кои им даваат инструкции.
Ова укажување на МВР потврдува дека станува збор за групи или поединци кои измамите ги прават според повторувачка шема. Се чини дека станува збор за измамници кои претходно добро се запознаваат со жртвите за нивните блиски или роднини и со нивната финансиска состојба.
Најголемата изнудена сума досега изнесува 30.000 евра
Гледано по години, во 2023 година се регистрирани се две измами, во 2024 година -23 измами, додека во периодот од 01.01. до 17.03.2025 година -16 измами.
Во периодот од 2023 до март 2025 година, измамниците се стекнале со против правна имотна корист од 12.162.770 денари, 56.600 евра и 18.000 американски долари, а најголем паричен износ кој е побаран од жртвата изнесува 1.960.000 денари.
Од МВР не добивме одговор на прашањето дали станува збор за една организирана група или за повеќе различни групи коишто ја користат истата шема за измами. Еден можен одговор на ова прашање може да се извлече од бројот на решени случаи. Ако од вкупно 41 од 2023 година до март оваа година се разрешени само 4, може да се заклучи дека станува збор за поединци или за повеќе мали, неповрзани групи кои спроведуваат вакви измами.
Втор можен одговор може да се извлече и од сведоштвото на еден од досега уапсените, Предраг Миленков (60) од Софија (Бугариј), кој ja измамил Г. В. (66) од Куманово за 30.000 евра. Токму жената од која е изнудена највисоката сума пари досега.
За време на судењето Миленков тврдеше дека не е дел од организирана група измамници.
Рацин.мк за оваа тема побара информации и од Основново јавно обвинителство, но до објавувањето на овој текст од таму не добивме одговори на прашањата.

Трендот на пораст на овие измами е поразителен и во еден дел произлегува од наивноста со која граѓаните потпаѓаат под влијание на овие криминалци, иако и МВР и медиумите постојано известуваат за нив и предупредуваат граѓаните да не наседнуваат на повиците за лажни сообраќајки и веднаш да пријават во полиција.
Министерството за внатрешни работи и овој пат ги известува граѓаните дека се преземаат мерки и активности за расчистување на досега пријавените кривични дела и апелира граѓани да не наседнуваат на ваквиот вид на измами, а доколку бидат контактирани, веднаш да пријават во полиција.
З.Б.