Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Тамара Котевска со говор на 80. Венецијански фестивал: Ние ги сменивме правилата и ограничувањата во создавањето филмови

Модната дизајнерка и активистка Дајан фон Фирстенберг ја најави Котевска како „најневеројатниот филмаџија и борец за слобода“

Македонската режисерка Тамара Котевска, која има 2 номинации за Оскар за документарецот „Медена земја“, говореше на гала настанот „Светла! Камера! Влијание!“ (Lights Camera Impact) што на 1 септември се одржа во рамките на 80. Венецијански фестивал што е во тек. Котевска говореше и со кус исечок го претстави новиот документарец „Патешествието“ (The Walk), за глобалната сензација Амал – триметарската кукла што претставува дете-бегалче од Сирија, која го обиколила светот подигнувајќи ја свеста за бегалците.

Меѓу говорниците на настанот беше и легендарната модна дизајнерка и активистка Дајан фон Фирстенберг, чија фондација од 2010 ги доделува наградите ДВФ на жени кои покажале лидерство, сила и храброст во својата посветеност на женските прашања во светот. Годинава меѓу добитничките на наградата ДВФ е и адвокатката за човечки права Амал Клуни. Говореа и Алис Нелсон, коосновачка на „Вајтал воисес“, и Заинаб Салби, активистка и коосновач на „Дотер во Ерт“.

Меѓу говорниците на гала настанот беше и легендарната модна дизајнерка и активистка Дајан фон Фирстенберг (лево)

Според транскриптот на настанот, Фон Фирстенберг ја најави Котевска како „најневеројатниот филмаџија и борец за слобода“, а таа се претстави како авторка од Македонија чиј прв филм е номиниран во 2 категории за Оскар, за најдобар игран филм и за најдобар документарен филм во истата година. „Јас сум особено горда на ова бидејќи со ова ние ги сменивме правилата и ограничувањата во создавањето на филмови. Ова е нешто кон што треба да целиме: филмовите не смеат да бидат ставени во калап на играни или документарни, туку треба да се стремиме да раскажуваме неверојатни приказни со неверојатни ликови, тоа е она што е важно“, кажа Котевска.

Името на куклата Амал на арапски јазик е извезено и на нејзината облека

„’Патешествие’ е мојот втор документарен филм и овој филм следи навистина неверојатно театарско шоу. Морам да кажам зошто јас бев толку инспирирана да го направам овој филм: пред години, еден независен театар од Лондон почнал да прави кастинзи по бегалските кампови во Англија кога бранот на Сириски бегалци почнал да се влева во Англија. Тие сакале да ги извадат скриените талени од сенките на камповите и така ја нашле 10-годишната Амал, чие име значи надеж и во чија чест го носам овој натпис на облеката денес. Ова девојче го раскажало своето неверојатно патешествие кое стана оваа претстава. Театарската трупа изградила кукла од 3 метри со ликот на малата Амал, која го следи патешествието на вистинското девојче, од турско-сириската граница, преку медитеранската рута се до Манчестер. Тогаш ме поканија мене да го правам документарецот за овој патувачки театар. Она што мене најмногу ме плени во оваа идеја за патувачки театар беше фактот дека тоа не беше само претстава, туку цело едно активистичко движење кое не е престанато се до денес и нема да престане. Јас сум лично засегната од филмови и уметнички форми кои прават општествени промени на овој начин. Тие не остануваат ‘во фиока’, нивниот пат не завршува откако ќе бидат покажани на некој фестивал или на некој стример, туку тие се предизвикувачи на цели движења. Денес гордо можам да кажам дека Амал стана симболот на бегалците низ цел свет“, рече Котевска и додаде:

„Идејата зошто е 3 метри висока и зошто одлучија Амал да биде марионета е од 2 причини: прва причина е да привлечат внимание на бегалците, да покажат дека тие не се невидливи, за никој да не може да го тргне погледот од ова бегалче на нејзиниот пат. А втората причина зошто е марионета е за да покажат дека бегалците се чувствуваат како марионети, бидејќи немаат сопствена волја и контрола врз нивните животи, тие немаат слобода на носење одлуки. Јас го детерминирав стилот на филмот после 90 дена следење на овој патувачки театар. Мојата главна инспирација за тоа како му пристапив на филмот беа децата бегалци кои јас ги сретнав и кои Амал ги сретна на нејзиниот пат“.

Годинава меѓу добитничките на наградата ДВФ е и адвокатката за човечки права Амал Клуни, која на настанот дојде со сопругот, актерот Џорџ Клуни

Фон Фирстенберг, која е бегалска фамилија и чија мајка едвај го преживеала концентрациониот логор, се претстави како „родена да ја победи смртта” и меѓу другото раскажа како од една нејзина донација е изграден бегалскиот камп близу Солун, што нејзе ја шокирало бидејќи мајка ѝ била спасена токму од еврејски бегалски камп во Солун пред децении. Надоврзувајќи се на приказната на Фон Фирстенберг, Котевска кажа дека едни од најинспиративните приказни на деца бегалци беа во бегалскиот камп во Јанина, близу Солун, за кој таа зборуваше претходно.

„Бев навистина изненадена како овие деца реагираа на средбата со Амал-куклата. Ова беше еден од ретките моменти на надеж кој го имаа во многуте години на седење и чекање на документи во овие кампови. Затоа како авторка на филмот, решив да ја раскажам приказната од перспектива на едно вакво дете бегалче кое е заробено на турско-Сириската граница, во институција, без документи, без можност да патува. Таа ја гледа Амал на телевизорот од чуварот на домот и толку се инспирира што почнува да сонува за патувањето на Амал секој ден. Така што, стилот на филмот е испреплетена структура од патешествието на куклата Амал и сонот и надежта на ова девојче. Преку куклата Амал, девојчето учи дека ова патешествие всушност не е ‘авантура од соништата’, туку е ‘пеколна одисеја’ на многу начини. Но на крајот, сепак, ‘Патешествието’ не е плач за помош, туку е славење на силата на бегалците и нивната борба да бидат еднакви на сите други“, рече Котевска.

Куклата Амал има милиони следбеници, мина 15 земји, 97 градови, досега помина 9.000 км околу светот и наскоро ќе оди во САД за светската премиера на филмот на Њујоршкиот фестивал на документарни филмови (Doc NYC) во ноември.

Зачлени се на нашиот е-билтен