Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во морето дезинформации, македонските војници се испраќаа на руско-украинскиот фронт, а украинските бегалци станаа глобална закана

Илустрација: EUvsDisinfo
Илустрација: EUvsDisinfo

Со руската инвазија во Украина, во февруари 2022 година, засилија и дезинформациските наративи кај нас. Бранот бегалци од Украина, кој речиси веднаш тргна кон европските земји, го следеше наплив од заплашувачки вести за „бегалско стампедо“ врз економијата и благосостојбата на домицилното население.

Воениот конфликт е искористен за да се засили теоријата на заговор дека Западот сака да ја употреби Македонија како земја во која ќе се сместуваат стотици илјади мигранти и бегалци.

Нов бран дезинформации се однесуваше на намалувањето на воената подготвеност на државите што дадоа помош во оружје, како што беше и Македонија, која како членка на НАТО, се придружи на земјите-сојузнички во воената поддршка на Украина.

И конечно, НАТО стана центарот кон кој се упатуваа бројни дезинформациски наративи. Најчестиот дезинформациски наратив е дека НАТО е во војна со Русија. Социјалните мрежи, пред сѐ Фејсбук, се главните канали за ширење на овие дезинформации.

Македонските борбени авиони донирани на Украина се руски?!

Воената и техничката помош што Северна Македонија ѝ ја даде на Украина од почетокот на руската инвазија, беше предмет на бројни дезинформации. Доминираа две дезинформации, кои се повторуваа во изминатиот период од близу две години.

Првите дезинформации тргнаа со донирањето на четирите борбени авиони „сухој СУ-25“, во првите месеци од руско-украинскиот воен конфликт.

Дезинформација е дека единствените борбени авиони што ги имаше македонската Армија се, всушност, руска донација од 2002 години, добиени во време на воениот конфликт. Авионите „сухој СУ-25“, македонската Армија ги купи во јуни 2001 година од Украина, како поддршка на пешадијата. Веќе во 2004 година, овие авиони беа приземјени и конзервирани, бидејќи немаше потреба од нив по што беа и отпишани од листата на вооружување и опрема на АРМ.

Факт е дека и Украина, за време на конфликтот во 2001 година, обучи македонски пилоти, но и специјалните сили на полицијата, и даде целосна поддршка. Освен тоа, Украина испрати транспортни и борбени хеликоптери, како и опрема за копнените трупи.

Следната најчесто споделувана дезинформација е дека се вработуваат нови војници во состав на АРМ за по обуката да бидат испратени во Украина да се борат со руските војници. Министерката Петровска беше обвинета дека мобилизира војници за во Украина. Овие дезинформации се повторуваат со секој нов повик за прием на војници.

Македонски војници не се борат за Украина

Меѓутоа, ова е неточно, а и спротивно на Кривичниот законик, каде што учеството на македонски државјани во странски војски е кривично дело, за што се оди в затвор. Единствената опција, македонски војници да бидат испратени во странство е преку учеството во мисиите на ЕУ и НАТО, за што крајната одлука е на Собранието на РСМ.  Челниците на Алијансата, неколку пати изјавуваа дека НАТО сака да избегне војна со Русија.

Македонија не е на врвот на земји што ѝ донирале оружје на Украина

Две години по воените дејствија во Украина, Северна Македонија не е на врвот на земји што ѝ донирале оружје, опрема и средства на Украина, но е меѓу 40-те земји во светот што ѝ обезбедија воена, хуманитарна и финансиска поддршка во износ од речиси 185 милијарди долари (165 милијарди евра). Најголеми донатори на Украина се САД и Германија. Како што објави Министерството за реинтеграција на Украина, повикувајќи се на податоците од Килскиот институт за светска економија, чисто воена поддршка (40% од вкупниот износ) и финансиска помош, што сочинува половина од износот на финансирањето. Остатокот од околу 10 проценти е хуманитарна помош. Меѓу донаторите се и две меѓународни организации – Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Од македонското Министерство за одбрана соопштија дека со вкупно 11 одлуки на Владата на Република Северна Македонија, во периодот од март 2022 година до декември 2023 година, реализирани се 11 донации за помош на Република Украина.

„Донациите опфаќаат: авиони „сухој“ и резервни делови за нив, тенк Т-72 и гранати за нив, оклопен транспортер „БТР-70“ и „БТР-80“, минофрлачи од 60мм, ракетни системи „стрела 10“ и „игла“, интендантска опрема – кујна подвижна, облека и ќебиња, авиобомби, ракети воздух-земја, противтенковски мини, противоклопни ракети „зоља“ и „оса“, артилериска муниција од 122 мм, како и муниција со различен калибар. Бројот на секој од видовите опрема е класифициран податок, одговорија од Министерството за одбрана.

Испратената помош, Македонија ѝ ја дала на Украина по позитивното мислење и проценка од страна на Генералштабот на Армијата, односно дека со донацијата на опремата не се намалува борбената готовност на Армијата. Станува збор за вооружување, кое според проценките и плановите, не ѝ е потребно на Армијата, која во моментов е во фаза на забрзано опремување и модернизирање, согласно највисоките стандарди на Алијансата.

Покрај споменатата помош, на полигонот „Криволак“ се спроведе обука за украинските војници во втората половина на 2023 година.

Навраќајќи се на досега доделената помош на Украина, Килскиот институт за светска економија наведува дека најголемиот донатор се Соединетите Американски Држави со 71 милијарда евра, од кои 43 милијарди се воена помош. Земјите што се дел од Европската Унија издвоиле речиси 62 милијарди евра, од кои најголемиот дел – 36 милијарди се за потребите на украинскиот буџет.

„Иако САД се лидери во апсолутни бројки, помошта во процент од БДП на сојузничките земји дава подобра илустрација. И тука лидери се балтичките земји, кои слободно можат да се наречат „мали држави со големо срце“. Иако Естонија ѝ пружи помош на Украина од само 540 милиони долари, тоа е 1,26 отсто од нејзиниот БДП. Летонија потроши 510 милиони долари за поддршка на Украина, што е 1,09 отсто од нејзиниот БДП, а Литванија инвестираше 0,95 отсто од својот БДП во одбраната на Украина – 760 милиони долари“, стои во анализата.

Регионалниот пат на дезинформациите

Но, информациската војна околу Украина во земјава се води и пред војната,и таа го следеше нашиот пат за зачленување во НАТО. Според Светлана Силјановска, советник за комуникација за НАТО и безбедносни прашања при Владата на СРМ, медиумите се обраќале до Владата за верификација на фактите за дезинформации, кои се наоѓаат на анонимни или индивидуални социјални профили, а доаѓаат од конкретни политички партии со официјални анти-НАТО политики или, пак, се информации преземени од официјални канали на други не-НАТО земји. 

Силјановска вели дека повеќето дезинформации поврзани со Украина не се случајно така скроени. Пред сѐ, затоа што е јасно дека една ваква вест, како што е дезинформацијата за испраќањето наши војници на фронтот, ќе ги вознемири и ќе предизвика страв кај семејствата на војниците во Армијата, исто како и кај самите војници.

„Второ, затоа што тоа ќе значи дека НАТО војска учествува во војната, што е неточно, но е обид да се создадат наративи спротивни на тие на НАТО. Трето, алудирањето дека ќе се праќаат токму војници што не учествувале во референдумот за промена на името на државата по кој се реализираше нашето членство во НАТО, би значело хранење негативен сентимент кон референдумот како таков и кон демократските процеси во земјава, во насока на поткопување на довербата во институциите“, смета Силјановска.

Слични дезинформации што го хранат истиот наратив се креира и за загинати македонски борци во Украина, вест демaнтирана од Министерството за надворешни работи, како и дезинформацијата дека македонско-бугарски баталјон се бори во Украина. Ова беше демантирано од страна на Република Бугарија.

Македонија како членка на НАТО разменува информации со 30 други земји-членки и таа вмреженост го прикажува патот на шемите на организирани пласирања на дезинформациите, дали дезинформацискиот наратив се повторува во повеќе земји, дали изворот од кој се појавуваат е ист или сличен итн.

Силјановска уверува дека, според сите безбедносни служби и институции, дезинформациите не влијаат врз безбедносната состојба во земјава и таа е стабилна. Но, тоа не значи дека нивното штетно влијание е занемарувачко, и чекор понатаму, тоа не значи дека авторитарните актери немаат постојана стратегија, која има за цел да ја подрива демократската кохезија на регионот на Западен Балкан.

Отпорноста на институциите на дезинформации  е „службена должност“ на секоја земја-членка на НАТО.

„Македонија како НАТО-членка испорачува борба против дезинформациите, сеедно дали таа е претставена преку нашата проактивна транспарентност, воведувањето на медиумската писменост во образованието, јавната дипломатија итн., потсетува Светлана Силјановска.

Украинските бегалци „жртви“ на војната, но и на дезинформациите

Меѓутоа, и покрај овие препораки, македонското општество, се чини, има уште многу да учи кога се во прашање бегалците и дезинформациите поврзани со војната во Украина.

Пропагандните теории на заговори дека Западот сака да ја искористи Македонија како земја во која ќе се сместуваат стотици илјади мигранти и бегалци, се ширеa со години во македонските медиуми од страна на повеќе политички субјекти, вели Жарко Трајановски од институтот за медиуми и аналитика ИМА.

– Дезинформациите не се состојат секогаш од „лажни вести“. Понекогаш, дезинформациите се состојат од изјави и тврдења чија вистинитост не може да се провери, а кои се маскираат како „информации“. На пример, пред повеќе од три години, еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ „сподели“ нешто што го нарече ексклузивна „информација“: „Сакам да споделам една информација, да ви кажам ексклузивно дека СДСМ сака да донесе еден милион Африканци во Македонија…“. Она што беше пласирано како „една информација“, всушност беше една теорија на заговор, која може да се разложи на повеќе дезинформации, додава тој.

Но, непорозноста на дезинформации не е карактеристика само на македонското општество. Веднаш откако бегалците почнаа да пристигнуваат во соседните земји, барајќи заштита, на интернет се засилија лажните и погрешни приказни. Бегалците се лажно обвинети за насилни злосторства врз локалното население. Во Романија и во Чешка, социјалните мрежи беа преплавени со пораки, во кои се тврди дека богатите украински бегалци добиваат значителна социјална и финансиска помош, додека, пак, сиромашните локални жители се оставени без помош. Западните и јужноевропските земји, исто така, забележаа брзо ширење на дезинформации за бегалците од Украина. А,кога зборуваме за дезинформации за украинските бегалци, најчесто мислиме на тие што доаѓаат од руски извори. Но, голем дел се промовирани и од корисници на социјалните мрежи, чиј идентитет е нејасен. Дополнително, значителен дел од дезинформациите потекнуваат или, во голема мера, се засилени од одредени европски медиуми и десничарски екстремисти.

Но, какви се фактите за близу 5 милиони раселени?

И по руската инвазија на Украина, која во моментов предизвика над 5 милиони бегалци од Украина, Кремљ повторно ги користи дезинформациите за бегалците како оружје во информациската војна против Западот и ЕУ. Кампањи со дезинформации за бегалците од Украина се регистрирани во земјите-членки на ЕУ, кои примија најмногу бегалци – со најразлични наративи, кои ги дискредитираат, криминализираат, привилегираат или ги дехуманизираат бегалците.

Такви дезинформаторски кампањи има и во соседна Бугарија, која прими над 200 илјади бегалци од Украина, каде што користат дискредитирачки наративи (на пример, дека бегалците се сместени во скапи хотели и дека дошле со скапи автомобили), со цел да се поларизира јавноста и да се насочи против бегалците.

Над 4 милиони бегалци во Европа, од 500 до 1.000 во Македонија

Околу 4,2 милиони граѓани од земји што не се членки на ЕУ, кои избегаа од Украина како последица на руската инвазија на 24 февруари 2022 година, имаа статус на привремена заштита во земјите-членки на ЕУ“, соопшти Евростат во 2023 година.

Според последните податоци собрани на 30 септември 2023 година, Германија (1,194 милион), Полска (958.000) и Чешка (357.000) се домаќини на најголемиот број украински бегалци.

Во споредба со нивното вкупно население, Полска и Чешката Република пречекаа најмногу Украинци.

Со 46,5 отсто, возрасните жени сочинуваа најголем дел од украинските бегалци во 27-члениот Блок, додека втората по големина група беа децата, кои претставува 33,7 отсто.

На 4 март 2022 година, Европскиот совет едногласно усвои привремена заштита за луѓето што бегаат од Украина, како последица на руската војна против Украина.

Заменикот на народниот правобранител, Јован Андоновски изнесува податок дека во Северна Македонија, бројката на бегалци од Украина е од 500 до 1.000 луѓе, од кои најголемиот број се деца.

– Тие немаат пристап до пазарот на трудот, ниту, пак, до здравствената заштита, како и претшколска грижа, бидејќи сѐ уште не добиле статус на привремена заштита од МВР, со што би ги оствариле своите права. Можеби дел од нив посетуваат онлајн-настава, меѓутоа состојбата е далеку од добра за нив на долгорочен период, појаснува Андоновски.

Владата донесе одлука за брза интеграција на украинските бегалци, но досега ниту едно од ресорните министерства нема донесено посебни акти за своите надлежности по оваа одлука, за што Андоновски појаснува дека кај народниот правобранител се подготвува иницијатива токму по ова прашање, да се притиснат институциите да завршат со безбедносните проверки и да им ги овозможат на украинските бегалци основните права во земјава.

Во таа насока, Европската Унија презеде мерки за заштита на социјалната кохезија и на демократските вредности. Поради ширењето дезинформации од Кремљ, забрането е емитувањето на руските медиуми РТ и Спутник на територијата на ЕУ. Засилени се и активностите насочени кон разоткривање на дезинформациите што кружат на социјалните мрежи. Сепак, и покрај тоа, како што се вели во прирачникот „Дезинформации за бегалците од Украина“, сѐ уште има многу простор да се засили отпорноста на европското општество кон дезинформации.

Независно дали се работи за испраќање помош во оружје, прием на бегалци или погрешните наративи за „војниците што ќе гинат на туѓи фронтови“, само кога како општество ќе бидеме доволно зрели, ќе може да препознаеме дека ова е дело на антидемократските актери. Тоа се поединци и групи, кои не препознаваат бариери и работат во сојузништво во создавањето и пласирањето на дезинформациите. Поради тоа, потребно е да ги обединиме општествените напори во јакнењето на отпорноста кон дезинформациите и кон зголемување на медиумската писменост.

Соња Танеска
Ана Зафирова
Весна Коловска

Анализата е преземена од Градска.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново