Зголемувањето на домашното производство на електрична енергија и субвенционирањето на цената на струјата која домаќинствата ја плаќаат од страна на Владата ги даде очекуваните резултати. Додека во речиси сите земји во соседството расте цената на електричната енергија, граѓаните на Северна Македонија цела зима, а и пролетва, ја имаат истата цена.
Последна земја која најави поскапување на цената на струјата е Србија, каде што од мај граѓаните ќе плаќаат осум отсто повисоки сметки за електрична енергија, а повисока цена ќе има и гасот. Со цел борба против поскапувањето и Владата на Србија излезе со низа на мерки, слични како тие на нашата Влада во обид да се намали влијанието на поскапувањето, но очигледно тие мерки се задоцнети.
Од април цената на струјата поскапува и во Косово за околу 14 отсто, каде што исто Владата и нивната регулаторна комисија се обидуваат со слични, но задоцнети мерки да интервенираат и да го намалат влијанието на поскапувањето.
Цените на струјата во Бугарија и особено во Грција се значително повисоки од земјава, а нивните Влади дури сега започнуваат со мерки и програми за намалување, за кои е незивесно дали воопшто ќе имаат ефект.
Со навремени и соодветни мерки беа спречени ценовни шокови
Насочувањето на фокусот за борба против енергетската криза во домашното производство и субвенционирањето на цената на електричната енергија на Владата на Северна Македонија се покажа како паметна и навремена одлука со која се спречија и недостатоци на струја во текот на зимата и грејната сезона, но и не се дозволи цената на електричната енергија да порасне.
Во меѓувреме, поради руската агресија врз Украина и војната која се води на тлото на Европа, цените на струјата, но и недостатоци од електрична енергија се појавија во речиси сите земји на европскиот континент.
Во земјава драстично поскапување на цената на електричната енергија немаше, а со воведувањето на блок-тарифите имаше дури и намалување за домаќинствата кои трошат рационално. Според пресметките на Регулаторната комисија за енергетика во јануари потрошувачката на домаќинствата е намалена 14% и властите очекуваат од јули да се намали цената на електричната енергија за потрошувачите пред се поради зголеменото домашно производство и заштедата на електрична енергија.
Од Регулаторната комисија за енергетика стигнаа и најави дека од јули може да се врати и евтината дневна тарифа на струјата, откако ќе се направат сите пресметки за домашното производство на електрична енергија и големиот број на изградени фотоволтаици.
Диверсификацијата на енергенсите обезбедува помалку трошоци за енергија
Фокусот на обновливите извори на енергија и обезбедувањето на енергетска независност, Северна Македонија го започна и пред оваа енергетска криза со инвестиции во фотоволтаици и ветерници, но и на гасовно поврзување.
Во јуни годинава се очекува да започне реализацијата на интерконекцијата со Грција за снабдување со природен гас, чија изградба се очекува да заврши до 2025 година, а се прават проекти и за интерконекциско поврзување со Србија и Косово.
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека грчката компанија „Митилинеос“ поднесе документација да гради гасна централа од која ќе се произведува електрична енергија вредна 211 милиони евра, а Владата ја одобри инвестиција како стратешка. Исто така во фаза на евалуација се и понудите за изградба на ХЕЦ Чебрен, каде што ќе се произведува електрична енергија од најмалку 333 мегават часови.
Вавкото позиционирање на земјава и инвестициите во диверсификација и обновливи извори се научените лекции од актуелната енергетска криза и ненавременото инвестирање до домашните извори на електрична енергија изминатите 30 години по независноста. Со поврзувањето со соседните земји и зголеменото производство на електрична енергија од домашни извори, Северна Македонија ќе стане зелен енергетски центар во Европа.
Р.Р.