Скоро 150.000 руски војници загинале во Украина од почетокот на војната во февруари 2022 година, според проценките на француското Министерство за надворешни работи објавени денеска.
„Рускиот воен неуспех е веќе тука. Ние ги проценуваме руските воени загуби на 500.000, вклучително и 150.000 мртви“, изјави францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне во интервјуто објавено денеска во европското издание на рускиот независен весник Новаја Газета.
„Сето ова за што? Може да се сумира во неколку зборови: за ништо“, рече тој.
Проценката на Зеленски
Таа проценка е значително помала од онаа на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во февруари рече дека 180.000 непријателски војници загинале во Украина.
На крајот на април, Велика Британија процени дека околу 450.000 Руси биле убиени или ранети во Украина. Москва не објави никакви информации за бројот на загинати и повредени меѓу нејзините вооружени сили од септември 2022 година, кога соопшти дека загинале речиси 6.000 војници.
Од украинска страна, претседателот Зеленски на крајот на февруари рече дека загинале 31.000 војници.
„Ниту 300.000, ниту 150.000, како што велат Путин и неговиот лажлив круг. Но, секоја од овие загуби е голема загуба за нас“, рече тој.
Шојгу ги проценува украинските загуби на 444.000
Според многу западни безбедносни извори, загубите на украинската војска се многу потценети. Во исто време, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ги процени украинските загуби на 444.000, без да прецизира дали зборува само за загинатите или за загинатите и повредените.
Тој денеска ги процени украинските загуби од почетокот на годината на 111.000, повторно без детали.