Тина Иванова за Фронтлајн.мк направи анкета меѓу десеттина врвни уметници и активисти во културата за да стигнеме до одговорот дали ќе успееме ли за помалку од четири години да направиме Скопје да блесне во сиот свој сјај и да го претставиме во најдобриот културен центар до сега. Што да се направи за пред светот да се гордееме со титулата „Европска престолнина на културата“ во 2028?
Тина ИВАНОВА*
Од град на солидарноста, до Европска престолнина. Од валкани улици, и полни контејнери, до чисто платно на кое ќе треба да ги насликаме убавините. Од мрачни улички, до симфонија на светла. Од казина, до културни центри.
„Градот не е бетонска џунгла, тој е човечка зоолошка градина“ – Дезмонд Морис
Градот, всушност, сме сите ние. Ќе успееме ли за помалку од четири години да направиме Скопје да блесне во сиот свој сјај и да го претставиме во најдобриот културен центар досега, како би можеле пред светот да се гордееме со титулата „Европска престолнина на културата“ во 2028? Ова прашање циркулира особено во културните кругови откако се објави информацијата дека Скопје ја доби престижната титула и скоро сите размислувања одат во една насока: Скопје да доживее културен земјотрес, да никне повторно во убав, чист, модернизиран простор, да ги реализира културните политики на начин на кој ретко кој денес се надева, да биде градот во којшто никогаш нема да биде здодевно, натрупан со културни содржини, наместо со куп ѓубре. Културните работници зборуваат на оваа тема, и нивните размислувања се навистина инспиративни. Во време на изборна кампања, создаваме паралелна кампања за подобро Скопје, со надеж дека моќните пораки на уметниците кои се фокусираат на најубавата работа на светот – креативноста, ќе допрат до оние кои треба да ги спроведуваат културните политики:
Дориан Јовановиќ, музичар и продуцент:
Урбаниот хаос мора да има свој крај!
„Скопје 2028 да биде чисто и средено, тоа е доволно. Сето друго повеќе, следува по тоа. Чисто, пред се! Едно излегување од Скопје и од Македонија, кога ќе се вратите назад првото нешто што ќе го забележите е ѓубрето (во различни форми и состојби) на сите страни: на улица, пред зграда/куќа, аеродром, на пат, на плоштад, на мост, под мост… Просто, насекаде! Ако сакаме овој град да биде достоинствена престолнина, пред сѐ треба да е чист. Следно, треба да е среден. Од таа неверојатна алчност по простор кој што ќе го изградиме со тотално неергономични згради, шопинг-молови, катни гаражи и сл. урбан декор, попатно, во и по процесот, околината ја правиме неиздржлива за живот и за движење, а за гледање воопшто да не разговараме. Во моментов во строгиот дел на центарот на Скопје има делови коишто се ‘така’ оставени скоро една деценија. Нашата грижа за просторот во којшто живееме, работиме, шетаме, се ‘журкаме’, славиме и тагуваме, завршува само на она што е на хартија наше. За сè друго немаме никаков однос. Урбаниот хаос мора да има свој крај, каков и да е. На толку убаво место на планетава сме, а го претвораме во дневна битка со навреда на сите сетила. Да тргнеме од тоа.
Ајде да ја нема таа битка, туку секој ден да си среќен што живееш на ова место, во оваа Престолнина – Скопје!“
Анжелика Апсис, историчар на уметност, член на Совет на Град Скопје:
Скопје е пред најголемиот и најубавиот предизвик!
„Живееме во општество кое не е расположено за култура. И тоа мора да се промени. Скопје е град со сериозна историја со молскавични промени! Град на противречности. Во него се удираат модерното и историското. Но, исто така, град со исклучително вредно културно-историско наследство. За жал, многу од нашето наследство е во лоша кондиција. Ние имаме 4 години да го поправиме сето тоа. Мора да погледнеме преку рамото – сосема назад. Ништо не смее да биде заборавено, прескокнато. Ова е исклучителна можност да направиме нов преглед. Да го покажеме сето тоа во најдобро светло.
Ние сме сопственици на исклучителна колекција на подарени уметнички дела на светски познати уметници. Ние сме светскиот симбол на солидарноста. Истиот тој свет повторно ќе го впери вниманието кон Скопје. Затоа мора точно да ја раскажеме приказната. Скопје е пред најголемиот и најубавиот предизвик. Европска престолнина на културата. Тоа значи дека секој граѓанин е активен учесник во овој толку важен настан за сите нас. Имаме 4 години да го поправиме и нашето поведение. Да го поправиме нашиот однос кон нашиот град. Затоа што, кога ја добиваш оваа титула сѐ се брои. Напред граду!“
Ненад Стевовиќ, главен и одговорен уредник во „Или-Или“:
Градот да биде чист како кога ни дојде папата!
„Верувам дека Скопје има капацитети да биде добар домаќин 2028. Имаме одлични културни работници кои и досега докажале дека умеат да организираат квалитетни и атрактивни културни манифестации само треба да се оставаат да ги осмислат и спроведат замислите без мешање од политиката. За градот би посакал да биде чист како кога ни дојде папата, но таков и да остане, и да го потсредиме сообраќајот што реално, нема да биде лесна работа.“
Ана Пандевска, композиторка:
Да се адаптираат стари напуштени објекти во културни центри!
„Бадијала ни се сите титули на светов ако секој еден од нас не тргне прво од себе. Може да бидеме прогласени и за светска престолнина на културата ама ако во сржта на народот е втемелена малограѓанштина и примитивизам, титулите паѓаат во вода. Ако секое сабајле на пат кон работа од ‘Буњаковец’ до Градски парк гледам како некој утринските секрети ги плука на улица, без грам срам, џабе му е на истиот тој цела недела да посетува културни настани. Ако сообраќајната култура ни е сведена на нула, зошто секој паркира така како што му одговара, па да може и со автомобилот да влезе внатре во градинката или во школото за да го остави детето, бидејќи, многу е тешко да пешачи нели, без да се замисли дали им пречи на пешаците, велосипедистите, пак ни се џабе титулите.
Е сега, освен основна култура на однесување, доаѓаат на ред институциите. Ама и во тие институции работат луѓе, а не вонземјани. Одговорноста, знаењето, дисциплината како и реализацијата на замислената идеја треба да бидат на самиот врв, за да можеме да се декларираме како европска престолнина. Се плашам дека македонецот ќе најде начин како да ескивира, а да го наполни сопственото џепче со средства од европски фондови. И не за џабе се вртиме во круг 30 и кусур години од самостојноста на МК. Побитно е некој со партиска етикета на чело да профитира, на цена на квалитетот на понудениот производ пред народот. А работа има многу, ако се сака. Толку многу може да се направи, да се тргне од туристички понуди на посетителите на главниот настан во 2028. Да се направи мапа на места за посета, па да се видат од Матка, Кале, Стара чаршија, Сарај… И токму на овие локации да има културни настани. Да се направат програми за инклузивност на лица со инвалидитет или пак, на лица со посебни потреби. Да се удостојат и овие луѓе, пред сѐ да се размисли на пристапноста во објектите за полесно да се социјализира оваа група на граѓани. Да се посвети внимание на помагателите, негуватели кои кај нас добиваат лиценца за работа по двонеделен курс, за жал. Да се зголемат буџетите за истите. Како лице со инвалидитет да посети концерт, кога примањата од државата му се едвај 11.000 денари? 7.000 денари за мобилност и 4.000 денари за туѓа нега. Ако случајно некој има и проблем со видот покрај останатите проблеми не му следува и додаток за слепило. Ете, владетелите сметаат дека многу ќе им дојде. Жално.
Вистинските луѓе треба да ги креираат програмите, особено ваквите комплексни програми кои траат повеќе години. Да се отвориме и меѓународно повеќе, да ни гостуваат музичари, сликари, филмаџии, уметници од сите области. Да се посвети внимание и на детски културни настани. Утре тие деца треба да бидат писмена публика. А ние сме оние кои сега треба да работиме на тоа, што ќе им оставиме во наследство на следните генерации. Има луѓе градски, убави, писмени и културни кои ако се остават да работат можат многу да придонесат. Затоа да се фатиме за работа. Скопје се сака со дела, не со демагогии.
Треба да се размисли на адаптација на стари напуштени објекти во културни центри. Еве, баш минатата година бев гостин во Германија каде напуштена фабрика беше адаптирана во театарски центар. Целиот објект беше реновиран и опремен со концертни сали, театарски сали, канцеларии за вработените. Колку убаво адаптиран и искористен простор, па ете, може и ние да преземеме ваква иницијатива.“
Петрула Велјановска, програмски селектор на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“:
Би сакала кога шетам низ Скопје да наидувам на места и луѓе кои ме потсетуваат на ова Скопје!
„Скопје, од град на солидарноста до град престолнина на културата… Хм, не ми изгледа лесна мисија, но секако не и невозможна доколку сплотиме сили, па сите заедно уште од дома да почнеме да ги воспитуваме пред сè децата, а и младите, што е тоа култура, изложувајќи ги на културни вредности и создавајќи им навики за одење во кино, театар, на концерти, за читање на книги… Но, за да се случи тоа, треба и градот убав пак да никне во едно почисто и посовремено Скопје, во кое ќе има сè повеќе оплеменети и зелени јавни површини, кои ќе бликаат од живост и ќе нè потсетуваат дека треба да дишеме со полни гради за да можеме да твориме и создаваме култура, а секако и почисти јавни тоалети како во филмот „Perfect Days“ на Вим Вендерс…
А, да не спомнувам, верувам дека сите тоа го знаеме, дека не смее да дозволиме многу места (како Универзалната сала, Домот на армијата, киното Милениум и Култура, Радиото 103 и многу други) кои за мојата, а и претходните генерации некогаш претставуваа насушен извор за восприемање на културата. Треба да се возобноват, поточно логистички и технички да се опремат, да се реставрираат. Не да се срушат, туку на еден ‘културен’ начин да им се даде нов сјај. Зашто, со нивно рушење ќе се срушат симболите на едно културно живеење кое со децении граѓаните на овој град го вткајувале во ѕидовите на тие градби, дишејќи во нив, радувајќи се и пеејќи за некој поубав живот, дружејќи се без предрасуди и поделби, оставајќи траги на жешкиот скопски асфалт… Затоа би сакала кога шетам низ Скопје, сè повеќе да наидувам на места и луѓе кои ме потсетуваат на ова Скопје, како што е книжарницата на Соња под отворено небо, која дури и ако Соња отиде во ‘пензија’ треба да остане на плоштадот како симбол на едно културно Скопје, да нè потсетува дека треба да читаме. Или музејот на кристалите на Деко, кој преку светкавите камчиња во кои можеме да видиме пластови земја стара милиони, милијарди години, нè потсетува дека преку културата можеме да ја допреме вечноста, а и сè повеќе ми недостигаат и кафеанските приказни на Силва и Џоко за Медиум, Мала станица, Менада, Багдад кафе, Аргус… за да ми дадат поттик да продолжам да работам и да не се откажувам од едно покултурно Скопје.
Можам да набројам уште еден мал милион приказни за Скопје, кои за мене претставуваат темел за градење на едно поубаво и помодерно Скопје, симболи и траги кои и тоа како се потребни за градење на една Престолнина на културата. Но, за крај еве, да го цитирам нашиот прерано починат соборец за Скопје, Мирко:
‘Носталгијата е комплексна појава. Како човек кој штотуку зачекорил во шестата деценија од животот, носталгијата ја третирам мошне сериозно, како есенцијален и психички жилав феномен. Ме интересира од сите аспекти: празна, глупава, лажна, нежна, топла, мила, исполнета, вистинска, лековита, болна. За мене таа претставува позитивно чувство, а тоа секако зависи од типот на доживувањата и сеќавањата и од исполнетоста во животот. За жал, многумина, па и несвесно, брутално ја злоупотребуваат, та ја бие лош глас. Но, факт е дека ниедна носталгична лага нема да успее да пополни суштинска животна празнина. Кој живеел добро, љубел страсно и лумпувал до касно, знае како било порано. Кој немал живот, сега е маже што лаже и ако сега не му е арно, никогаш не му било, па ни порано. Значи, не. Порано не беше боље’.
Затоа, само би додала: ‘Идемо даље’!“
Дијана Имери Илкоска, диригентка:
Не мора да се измислува ништо ново, туку само да се врати стариот сјај!
„Со оглед на тоа што секогаш гледам на работите со оптимизам и се трудам да го видам потенцијалот во нештата, во таа насока размислувам за иднината на градот во кој сум родена и живеам.
Мислам дека Скопје може и заслужува да биде град на културата со добра организираност, професионален и објективен пристап во надминувањето на бројните предизвици пред кои во моментов е исправен.
Ако Скопје е нашето срце, тогаш булеварите, улиците и патиштата се неговите артерии. Оттаму, од особена важност е да се работи на унапредување и модернизирање на инфраструктурата на градот. Во тој дел, се разбира, голема улога треба да одигра и ефикасниот јавен транспорт кој ќе подразбира брзо, точно и еколошко движење низ градот. Исто така, како град на културата, Скопје не смее да си дозволи да биде валкан и загаден град, токму затоа сметам дека треба интензивно да се работи на подигнување на хигиената, чистотата, возобнувањето и одржувањето на зелените површини. Во тој поглед сметам дека огромен недостаток на градот е недоволната грижа за градските паркови, како на пример паркот во Сарај кој располага со огромна зелена површина, а како моден детал го краси реката Треска која се спојува со реката Вардар и сето тоа во истиот тој парк. Со такви паркови Скопје може навистина да се гордее, а со малку повеќе грижа, инвентивност и креативност Скопје би добил паркови налик на Хајд паркот во Лондон каде што на крајот на краиштата, би можеле да се одржуваат разни фестивали и културни збиднувања од секаков вид што и конечно многу ќе значи во реализацијата на уличната култура и алтернативната сцена, која да бидам искрена, во последниве години тивко и полека изумира.
Има многу работи кои треба да се возобноват или одново создадат за Скопје да наликува на град кој самиот за себе ќе зборува дека е град на културата, па тука би нафрлила неколку: Луна паркот, Железничката станица, Старата чаршија, Скопското кале, Универзалната сала, Кејот покрај Вардар и ред други знаменитости кои се белег на градот. Но, сепак, акцент би ставила на културните установи во кои работат и творат многубројни културни дејци и каде Скопје може да се пофали со редовна реализација на проекти од различен вид и жанр. На пример, Македонската опера и балет е куќа на уметноста во која творат неколку различни ансамбли. Овој објект изграден во далечната 1979 година се чини не го преживува забот на времето, поточно делува како временска машина – кога ќе влезете внатре и ќе прошетате низ ходниците автоматски се телепортирате во 1979-тата година! Најразлични технички неповолности би рекла, не доликуваат на оперска куќа од Европска културна установа, како на пример несоодветната акустика во гледалиштето или големата сцена; недостаток од просторија за соодветно чување и оддржување на костимите (кои се веќе изветвени) или поточно фундус; недостаток на соодветни простории каде музичарите ќе можат да ги оддржуваат пробите на достоинствен начин без да чуваат кофи во кои ќе се исцедува вода од дождот кој прокиснува од секој ќош. Долга е листата на неповолности кои секојдневно ги мачат културните дејци и со кои достоинствено се борат и соочуваат, но за да имаме културен живот како што доликува треба да имаме и културно секојдневие кое доликува на Европска метропола. Во оваа насока би ги спомнала и Младинскиот културен центар, Музејот за современа уметност, Градската библиотека „Св. Климент – Охридски“, Музејот на град Скопје или меѓу скопјани познат како Стара железничка станица, Даут Пашиниот Амам, Македонската академија на науките и уметностите, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Киното „Култура“, Театар комедија, Домот на Армијата, Културно информативниот-центар и ред други. Во овие објекти всушност некогаш цветаше културниот живот во Скопје, секојдневно се оддржуваа богата палета на културни настани и збиднувања – многубројни фестивали, циклуси за млади уметници, концерти, претстави, проекции, промоции… Во суштина, кога подобро ќе размислам не мора да се измислува ништо ново, туку само да се врати стариот сјај на она што веќе постоеше како културен живот во Скопје.“
Тони Димков, уредник на „Културен печат“:
Да се анимираат граѓаните за свој волонтерски придонес!
„Титулата ‘Европска престолнина на културата’ е чест, но и огромен предизвик за Скопје. До 2028 година има помалку од четири години, а како одминува времето дилемите дали Скопје ќе успее да одговори на предизвикот стануваат подраматични. Голем успех направи тимот што се избори апликацијата на Скопје да биде прифатена, но на хартија најчесто функционираме супер, а на терен сме катастрофа. Тоа може да го покаже едноставна прошетка низ центарот на градот. На секој агол никнуваат новоградби за домување и трговски центри, а најголем процент на инфраструктурата на културните установи е од времето на социјализмот. Нови се само објектите на Македонската филхармонија, Археолошкиот музеј, Музејот на македонската борба и Македонскиот народен театар. Отворено е прашањето дали реконструкцијата на Универзална сала ќе биде направена во дадениот рок и дали до 2028 година ќе биде ставена во функција. Програмата на ‘ЕПК Скопје 2028’ ќе трае во текот на целата година со стотици настани и сите можни културни објекти треба да бидат ставени во функција. Друг проблем е што со години наназад во Скопје нема отворена летна сцена за барем илјада посетители. Во летниот период се поставуваат импровизирани сцени во Градскиот парк или на други локации, но тој начин на функционирање е многу скап, а буџетот на манифестацијата е ограничен. Искуствата од други градови што биле ‘Европска престолнина на културата’ говорат дека во финансиската конструкција на програмата мора да се вклучат сите нивоа на власт – државна, градска, локална и да работат во синергија. Треба да се анимираат граѓаните за свој волонтерски придонес во реализацијата на манифестацијата. Треба да се среди сообраќајниот хаос, да се овозможи подобар јавен превоз, да се обележат пешачките и велосипедските патеки, да има патокази кон спомениците на културното наследство, музеите и објектите во кои ќе се изведуваат програмите, да се исчистат улиците и парковите од ѓубре, да се измијат засмрдените контејнери и да се постават нови корпи за ѓубре, да се подобри културата на однесување на самите граѓани… Во спротивно, неминовно е дека ќе се посрамотиме како домаќини во Европската престолнина на културата.“
Тренчева Слободанка-Боте, „Терапија“:
Сакаме метропола со квалитетна културна програма!
„Скопје за четири години сакам, сакаме да го видиме како престолнина на културата, која вистински ја заслужила наградата, затоа што вредела и се покажала, а не затоа што е сожалувана. Сакаме метропола со квалитетна културна програма за сите генерации. Скопје го паметиме како мост на обединување. Ако Камениот мост ги спојува левиот и десниот брег на Вардар, тој мост некогаш нѐ поврзуваше и во ноќниот живот кога Чаршијата работеше до раните утрински часови, кога сите навистина бевме едно, кога повеќе се сакавме и пролетта како засекогаш да живееше тука. Можеби звучи носталгично, но на Скопје му недостига таа енергија и секако со духот на денешните, на младите генерации. Младите знаат како треба, само немаат простор да се изјаснат. Немаат места кои ќе им дадат шанса, а публиката безусловно да ги прифати. Ние во неколку наврати го дозираме Скопје со квалитетна ‘Терапија’, но за вистински да го ‘кренеме’ градот треба мобилизација на сите градски, урбани и убави (мислам духовно убави) луѓе. Нема да биде лесно, не знам дали ќе успееме, но тоа е ‘антибиотикот’ кој му треба на главниот град.“
Бојан Шашевски Шаше, новинар:
Потребна е работа. И соработка. И волја. И транспарентност!
„Титулата ‘Скопје 2028’ беше најавена како шанса и можност, а не како награда за главниот град на Македонија. Секако дека треба да дадеме шанса, бидејќи јас сум по шансите. Но, шансата треба да биде искористена со тоа што процесите треба да бидат водени, пред сѐ, од културни дејци и културни зналци, а не преку несмасни политички менаџирања.
Зборувам од аспект на тоа што се случува моментално со МКЦ, каде нема културен живот поради изборите. Замислете! Зборувам од аспект на тоа што се случува со Универзална сала, каде нема културен живот поради натегања меѓу Град Скопје и Министерство за култура. Тоа се оние две институции што заедно се сликаа кога беше најавено ‘Скопје 2028’, а претходно две години не можеа да седнат и се договорат за стартот на реконструкцијата на Универзална. Зборувам од аспект и на тоа што лани во октомври пишувавме како е неизвесен културниот живот во повеќе културни домови, бидејќи Град Скопје сѐ уште го немаше објавено годишниот повик за поддршка на проекти во културата за 2024, додека резултатите од претходниот уште не беа јавно споделени.
Така што, во следните четири години треба работа. И соработка. И волја. И транспарентност. И сфаќање на културата како јавно добро, а не како финансиска крадометрија или политички опортунизам. Не верувам дека некои работи може да се сменат преку ноќ, апсолутно, ама, шансата да ја искористиме со тоа што, во склоп на можности, барем да им дадеме на луѓето некаква културна понуда. Што повеќе претстави, филмови, изложби, концерти, книжевни настани…, толку повеќе креативни и разумни луѓе. Што повеќе вклучување на културните работници, толку поагилно домашно културно творештво. Тоа да биде шансата, бидејќи титулата, сама по себе, не е толку важна. Културата е важна!“
Несрин Таир, актерка во НУ Турски театар-Скопје:
Да успееме хирушки прецизно да ги отстраниме недостатоците!
„Скопје европска престолнина на културата во 2028 година е чест, задоволство и одлична можност да се поттикне регенерирање на нашиот креативен, инвентивен и иновативен потенцијал, да се поттикне социо-економски развој на градот. Можност да развиеме нови и поодржливи форми на креирање културни политики. Одлична прилика да ја зајакнеме улогата на младите креативци за културниот развој на градот, како и нивното учество во обликувањето и создавањето на нови и модерни културни изрази. Подготовката за европска престолнина на културата треба да ја третираме како лабораторија за стратешко инвестирање во културата, така што да се насочиме кон создавање значителни културни, социо – општествени и економски користи. Преку бројни културни настани и проекти кои ќе го прослават Скопје со своето богато културно-креативно наследство на меѓународната сцена ќе мора да изградиме простор за современо-изведувачки уметности.
За почеток, мора да се зголеми буџетот за програмскиот дел, да се развие инфраструктура, потоа да се коригираат работничките услови во културата и да се поддржи независната културна сцена. Неопходна е инклузија. Неизбежна е и обавезна стимулација на развој на креативноста преку размената на идеи и искуства во областа на културата. Ќе мора да конципираме современ наратив за организација на концерти, филмски проекции, театарски претстави, перформанси, изложби. За крај и најважно преку работилници да изградиме капацитети за остварување на врвни уметнички програми, театар, танц, опера, балет, музика и други културни активности што ќе ја обележат 2028 година како една особено значајна и културно богата година за Скопје. Доколку успееме хирушки прецизно да ги отстраниме недостатоците и да ги створиме горенаведените услови, Скопје ќе забележи големи, долготрајни придобивки од оваа титула: зголемени инвестиции во уметноста, зголемен туризам, локална гордост, како и меѓународна почит. Еве мои пример-предлози за настани кои цела 2028 може да се организираат, а каде ќе бидат инволвирани наши млади креативци, со што Скопје ќе го претставиме како надеж за прогресивни сили: претстави и филмски проекции на ‘Академската сцена при ФДУ’ проект на професорите и студентите од Академијата, перформанси на современ, модерен балет и танци, музичките хепенинзи од Никола Карев со ‘свирки’ на средношколски бендови под менторство на проф. Емилија Ристановска итн.“
Горан Костовски – Индог, илустратор, радиоводител и диџеј:
Се надевам дека во овој проект ќе се вклучат луѓе коишто знаат што значи култура!
„Мислам дека Скопје 2028 е одличен проект, пред сѐ, затоа што Скопје е градот на солидарноста. Скопје отсекогаш нудел љубов за сите луѓе. Пред се, културата треба да дојде во преден план. Јас како човек којшто целиот живот работи несубвенционирана култура, и тоа како ме интересира како градот ќе се осврне на алтернативната сцена, на сцената којашто немала никогаш доволно фокус и финансии за да се создава нешто, а сепак, таа сцена е тука присутна, постои, има концерти во гаражи, има изложби, има поткасти, видеа, фотографии… Се надевам дека некој ќе го препознае сето тоа и ќе му даде шанса. Исто така, се надевам дека ќе го искористиме малку јавниот простор што ни е оставен, да го претвориме во простор за уметност, создавање, за креација. Секако, се надевам дека ќе се обрне внимание на прекрасните објетки како Домот на АРМ, Градскиот трговски центар, како музеите коишто се прекрасни и во архитектонска, но и во програмска смисла, бидејќи секогаш имаат што да понудат, и се надевам дека конечно ќе успееме да имаме за малку барем подобра велоструктура и јавен градски превоз. Секако, канти на улиците, но и фонтани. Бидејќи, ако очекуваме целиот свет да дојде кај нас, очекувам дека ќе го средиме сето тоа. Секако, се надевам дека во овој проект ќе се вклучат паметни луѓе коишто знаат што значи култура, знаат колку е битна, знаат што значи да се работи култура и ваков проект од огромна важност. Се надевам дека и целиот свет ќе биде присутен тој период во Скопје и пак ќе повторам, Скопје е градот на солидарнноста и во Скопје секогаш имало фантастична култура. Овој град заслужува многу повеќе од тоа што сме го имале, а не дека сме имале малку. Едноставно, само треба да имаме повеќе буџет и повеќе да се даваат шанси на луѓе, и на млади, и на возрасни, и на сите коишто сакаат да создаваат. Очекувам и отвореност од целата екипа којашто ќе го работи овој проект, па ќе може да ги препознае вистинските уметници коишто создаваат на ова тло и во овој наш прекрасен град.“
Јана Андреевска, композиторка:
На секој агол има по една обложувалница како бесрамен маркер
„Скопје денес е исклучително загаден град, полн со отпад, токсична енергија, звучен и визуелен невкус и агресија.
Од мене, како од човек од уметноста, би се очекувало, и јас тоа ќе го кажам, дека еден град со посакуваниот статус треба да има извонредна културна понуда, светски имиња на концертните подиуми, во галериите, на театарските сцени, архитектонски објекти за тие намени по светски стандарди. Но… Може ли тоа да биде така, ако на тие настани влеземе со чевли што од дома до влезот на настанот се извалкале како никогаш да не биле исчистени, и ако на патот до таму поминеме покрај контејнери, згора и растурени? Ќе се чувствуваме ли културно ако при секое излегување од дома, сеедно дали како пешаци, на велосипед или во автомобил, мора задолжително да се ставиме во модус за преживување и да ги вклучиме на максимум сите сетила за да не бидеме изгазени, нападнати, испцуени, а тоа сепак да ни се случува барем дватрипати во денот? Ќе почнеме ли конечно звучното загадување да го третираме како штетно за нашето тело и психа во иста мерка како она на воздухот, водата и почвата, та во јавните објекти да можеме да разговараме нормално и покрај музиката во позадина, а дома да можеме да си го најдеме мирот наместо да доживуваме редовна агресија од прегласната, па згора на тоа ем лоша ем лошо изведена музика од блиската кафеана? Каква е таа европска престолнина, па уште на културата, во која на секој агол има по една обложувалница како бесрамен маркер за очајот во кој се западнати луѓето, очај во кој како за сламка се фаќаат за вербата дека нешто ќе им се ‘падне’?
Нашиот капацитет за сите неопходни промени зависи најмногу од тоа, да сакаме градот и животот во него да ни бидат пред сè убави и здрави за нас самите, независно дали ќе станеме европска престолнина на културата или не. Не сум сигурна дека за четири години ќе успееме на тој начин да се засакаме себе си, бидејќи до сега со децении наназад на дело го покажуваме обратното.“
Доротеј Нешовски, интердисциплинарен автор:
Независната културна сцена да создаде живописни културни искуства!
„Скопје не само што може да биде домаќин на успешна програма ‘Европски град на културата’ во 2028 година, туку и да создаде трајно наследство на културна живост и поддршка за уметниците во годините што доаѓаат.
Да останеме позитивни со добра мисла дека работите ќе се развиваат и придвижат во една современост и ќе успееме да се презентираме како мапа во глобалната културна сцена. Ние можеме и ние сакаме да го гледаме Скопје во една нова културолошка средина. Сакаме да му помогнеме да биде со достоинство и повторно ќе цветаме од радост.
Размислувајќи за Скопје ‘Европски град на културата’ за 2028, она прво што ми доаѓа во мислите е изобилство на проекти, настани, една динамика како на фестивал, каде во неколку денови имате безброј настани меѓу кои се мислиш што попрво да постетиш и постигнеш.
Тоа е онаа прва мисла која сакам да ја доживеам во Скопје за 2028. 365 дена култура!
Но, од друга страна, ме загрижува менаџирањето на културата во поставките на локалната власт, како таа ги третира уметниците и нивните проекти, кои не секогаш се поддржани и гледани толку сериозно како низ очите на авторот. Прашање е колку се грижиме за авторите од минатото и сегашноста, какво културно наследство поседуваме, каков треба да биде брендот за 2028 кои ние треба да го продаваме на светот низ една видлива дизајнирана приказна. Дајте да се обидеме да покажеме дека ‘уметноста треба да биде продадена’ преку видлива дизајнирана стратешка приказна.
– Музеите и галериите и културните институции треба да добијат содржина и програма, независната сцена да создаде вон институционална програма за јавен простор во нови потенционални географски средини во која ќе се валоризира културата.
– Не само да бидеме град на културата, туку и третманот и условите да се подобруваат до 2028 во кои ќе достигнеме ниво за во иднина да сакаме да создаваме.
– Имаме уметници кои се бренд за градот, затоа и треба да почнеме веднаш да градиме дизајнирана стратегија да бидаат видливи и да ги создадеме како глобални автори, да се создадат дизајнирани публикации и уметнички книги со преставување на авторите и нивното творештво.
– Мора да имаме визија за Скопје како ‘Европски град на културата’ во 2028 година, која опфаќа и богата културна програма и фокус на подобрување на условите за уметниците и културните практичари и реализатори. Во овие неколку годинини имаме можност да ги тестираме можностите како пилот спремање за тоа што нè очекува и да бидеме спремни.
– Спроведување политики и програми за поддршка на локалните уметници и творци, вклучувајќи можности за финансирање, резиденции и програми за менторство од сите потекла и дисциплини да имаат еднаков пристап до поддршка и ресурси.
– Културно наследство
Прослава и зачувување на културното наследство на Скопје со истакнување на историјата, традициите и знаменитостите на градот. Разни иницијативи за дигитализирање и архивирање на културните артефакти, правејќи ги достапни за идните генерации.
– Развој на бренд
Работа со експерти за маркетинг и брендирање за кохезивен бренд- идентитет за Скопје како европски град на културата. Овој бренд треба да ги истакне уникатните културни понуди на градот и да го позиционира како дестинација за креативност и иновација.
– Активирање на јавен простор
Независната културна сцена да создаде живописни културни искуства на јавните простори низ градот. Ова може да вклучува привремени уметнички инсталации, улични изведби и настани во заедницата кои подеднакво ги ангажираат жителите и посетителите.
– Глобална видливост за локалните уметници
Стратегија за промовирање локални уметници на глобалната сцена, прикажувајќи ја нивната работа на меѓународни фестивали, изложби и конференции. Ова може да вклучи партнерства со културни организации и институции ширум светот.
– Ангажирање на заедницата
Вклучување на жителите во планирањето и спроведувањето на културните иницијативи, осигурувајќи се дека нивните гласови се слушаат и нивните потреби се задоволени. Негувајќи чувство на солидарност, гордост во културниот идентитет на Скопје“.
Преземено од Фронтлајн.мк