За Стразбур не биле прекршени правото на правично судење и правото на слобода и безбедност

Љубиша АРСИЌ

Во својата одлука во предметот Талески и други против Северна Македонија Европскиот суд за човекови права едногласно ги прогласи апликациите за недозволени. Одлуката на судот е конечна, известуваат од Бирото за застапување на државава пред Европскиот суд за човекови права.

Одлуката е донесена од совет во состав од следниве седум судии: Арнфин Бардсен(Норвешка), претседател на советот, Паулин Коскело (Финска), Тим Ајке (Обединетото Кралство), Садет Јуксел (Турција), Лорен Шембри Орланд (Малта), Фредерик Кренк (Белгија), Диана Сарку (Република Молдавија).

Инаку, од Бирото потврдуваат дека апликантите се седум државјани на Република Северна Македонија (Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Сашо Мијалков, Владимир Талески и Тони Трајковски) и еден државјанин на Република Северна Македонија кој, исто така, е државјанин на Република Албанија Едмонд Темелко.

Апликантите се повикувале на член 6 став 1 од Европската концвенција за човекови права (право на правично судење) и се жалеле на тоа дека се кривично гонети откако биле помилувани од страна на претседателот Ѓорге Иванов. Со тоа сметаат дека се повредило владеењето на правото и дека одлуките за поништување на поранешниот Претседател на државата биле спротивни на принципот на правна сигурност поради нивното ретроактивно дејство. Понатаму, Талески и Темелко се жалеле врз основа на член 5 став 1 од Конвенцијата (право на слобода и безбедност) дека нивниот притвор бил арбитрарен.

Европскиот суд констатираше дека во 2015 година откако станува извесно дека се одвивало тајно снимање на телефонски разговори ширум Северна Македонија, и по предавање на датотеки кои произлегуваат од овие снимки на обвинителите, апликантите биле осомничени за разни кривични дела; дека на 12 април 2016 година Иванов, во својство на тогашен Претседател на државата ги носи одлуките кои се однесуваат на 56 лица, вклучувајќи ги и апликантите, што предизвика масовни улични протести – познати како Шарена револуција; дека по измените на Законот за помилување, во мај и јуни 2016 година Претседателот ги поништи сопствените одлуки, по што започнуваат или продолжуваат судењата против апликантите за наводните кривични дела во рамките на домашните кривични постапки против апликантите и тоа во предметите „Транспортер“, „Титаник 1“, „ТНТ“, „Тортура“, „Тврдина“…

Во однос на жалбените наводи по основ на член 6, Владата меѓу другото тврдеше дека тие се преуранети бидејќи жалбените постапки во предметите пред судовите на Северна Македонија се сè уште во тек. Владата, повикувајќи се на релевантните одредби од Законот за кривичната постапка, тврдеше дека жалбената постапка во Северна Македонија ќе им обезбеди можност на апликантите да ги изнесат своите аргументи во однос на одлуките на Иванов. Покрај тоа, Законот за кривична постапка овозможува вонредно преиспитување од страна на Врховниот суд, а Европскиот суд го имаше во предвид и ставот изграден во својата претходна судска практика во однос на Северна Македонија, дека таквото барање за вонредно преиспитување под одредени околности би бил ефикасен правен лек, на кој апликантите би можеле да се потпрат во однос на своите жалбени наводи истакнати и пред судот и доколку се успешни во постапката, во посебна постапка да бараат паричен надомест.

Оттука, Стразбур утврди дека апликантите пропуштиле да ги исцрпат домашните правни лекови и дека затоа жалбените наводи по основ на член 6 од Конвенцијата (право на правично судење) се преуранети бидејќи домашните органи имаат можност да се произнесат за тие наводи во тековните кривични постапки, односно дека домашниот судски систем, кој може директно да ја примени Конвенцијата, треба да добие шанса да се произнесе во врска со жалбените наводи и да ги исправи сите повреди на Конвенцијата кои евентуално би ги утврдил.

Во однос на жалбените наводи по основ на член 5, на Владимир Талески, Стразбур утврдил отсуство на потреба да ја испитува постапката во врска со неговиот домашен притвор по одлуката на поранешниот Претседател на државата од 12 април 2016, бидејќи тој бил пуштен на слобода повеќе од шест месеци пред тој да ја поднесе апликацијата до судот.

Од друга страна, во однос на неговите наводи дека истрагата требало да биде запрена, судот истакна, особено дека правниот лек кој Талески го искористил и за кој тој тврдеше дека бил ефективен, бил отфрлен како ненавремен, со одлуки на домашните судови кои не се чинат неразумни и арбитрарни.

Во врска со жалбените наводи на Темелко според член 5, судот утврди дека тој бил или во притвор или во домашен притвор помеѓу 26 септември 2017 година и 16 мај 2018 година. Решенијата со кои му биле определени мерките за обезбедување на присуство биле предмет на судско преиспитување од страна на домашните судови. Сепак, тој тврдеше дека домашните судови требало по сопствена иницијатива да испитаат дали постоеле некакви основи (помилување од претседателот) што го исклучуваат кривичното гонење, кои притворот би го направиле незаконски. Европскиот суд зазеде став дека дури и да било така, сè уште постоела обврска за апликантот, пред домашните судови да ги изнесе своите жалбени наводи според Конвенцијата. Оттаму, тој не го сторил тоа и не изложил никаков аргумент зошто тој правен лек би бил неефикасен, односно дека Темелко, не ги изнел неговите жалбени наводи според Конвенцијата пред домашните судови.

Со оглед на сето ова Европскиот суд одлучи дека жалбените наводи по основ на член 5 и член 6 од Конвенцијата за човекови права се недозволени, односно недопуштени поради неисцрпување на домашните правни лекови.

Треба да знаете
Moже да ве интересира