Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Задолжителен воен рок за културни војни

Од укинувањето на воениот рок во јавниот простор во редовен ритам се појавува темата за можност на негово повторно враќање. Мотивот секогаш е ист и се стреми кон понатамошна политичка поларизација: секако, националистите ќе бидат за, никогаш не се знае кога повторно ќе треба да се брани земјата, а либералите ќе бидат против зашто се пацифисти и зашто, наводно, цивилизациски сме го надминале војувањето какко такво. Значи, темата се појавуваше редовно, но поларизациските ефекти ѝ стануваа сè пооскудни. Имено, увезените културни војни се многу поприемчиви за нервите на нестрпливите корисници на социјални мрежи. Но се чини дека по повод новото, релативно пласирање на темата како наводен план на владејачите, рецепцијата и дискусијата се променија.

Секако, првенствена политичка цел сè уште е стекнувањето поени за десницата и сè уште не се знае како би се финансирал воениот рок. Но се променија геополитичките и идеолошките околности. Војната во Украина, но и окупацијата на Палестина но и многу други поблиски и подалечни, латентни и помалку латентни конфликти ширум светот полека се враќаат во општествената свест како реална можност. Во таков контекст задолжителниот воен рок полесно се продава како политичка идеја. Со оваа идеја, барем во контекст на нашата политичка сцена, и на радикалната десница и се ускратува потенцијалната атрактивност од сугерирањето за испраќање војска или „народни стражи“ на границите каде наводно треба да нè бранат од „инвазија на мигрантите“. Покрај овие околности кои барем малку подолго ќе ја задржат темата на медиумските радари, постојат уште неколку општествени тенденции кои ја прават поатрактивна отколку што се чини на прв поглед или отколку што била порано.

Генерациските дисквалификации на новите генерации се неизоставен дел на генерациското созревање откако постојат генерациите, а постојат од Француската револуција во политичка смисла и индустриската модернизација во економска. Пред овие тектонски промени, со исклучок на најтесната аристократија, генерациите живееле исти животи со векови и само го пренесувале истото знаење потребно да се преживее – со други зборови, не постоеле како општествени туку како биолошки категории. Технолошкиот развој, урбанизацијата и растот на продуктивноста имале неминовни ефекти: на новите генерации им требале сè помалку вештини за преживување (ако ја занемариме специфичноста на бројните аспекти на домашната работа) кои ги користеле нивните предци. Поделбата на работата и сè поефикасните машини на милиони луѓе им овозможиле да се прехрануваат, облекуваат и да ги извршуваат секојдневните нужности, должности и ритуали без да знаат како се произведени тие производи и како се одржува инфраструктурата на животот по која бродат.

Станува збор за мошне разбирлив ефект на технолошкиот напредок, но како што се случува вообичаено, на „проникливите“ толкувачи таквата разбирливост им станува сомнителна и во неа ги гледаат клучните причини за проблемите на современиот свет, а решението на проблемите го гледаат во враќањето на задолжителниот воен рок. Така младите ќе им се вратат на своите корени, веќе нема да бидат мутави и запуштени, веќе нема да готват бранчови и да прават апликации, туку со пушка на рамо ќе ја почувствуваат автентичноста на земјата по која чекорат и воздухот што го дишат. Во таквите конзервативни фантазмагории секогаш се појавува и еден парадокс: младите ќе станат посилни и посамоуверени, но истовремено и поподложни на авторитети. Што е со девојките? Ќе дојдеме и до нив, но пред тоа да нагласиме и дека либералните пацифисти, и покрај овие фантазмагории, го немаат политичкиот луксуз далечните војни за послободен проток на стока и малку послободен за луѓето да ги води професионална војска.

Ако внимателно ги слушнеме аргументите на конзервативните мислители и хаслерите од бизнис и фитнес поткастите, девојките исто така се дел од проблемот на генерацискиот развој. Имено, младите малку се изгубија со кревањето на нивото на родовата еднаквост. Тоа се случува кога се губат некои привилегии за кои отсекогаш се мислело дека се природни. Природноста и машкоста некако треба да се вратат, а за тоа нема подобри методи од воената обука. За време на обуката, освен ракувањето со оружје, мажите би требало да научат да готват и средуваат за подоцна да не мораат да го прават тоа дома. Приемчивоста на таквите пораки за младите мажи не произлегува само од „заканувачките“ родови активности туку и од тоа што родовата еднаквост често се третира како извор на други проблеми, социјална атомизација, осаменост и несигурност. Тоа го прави последниов бран повици за задолжителен воен рок малку попривлечен од претходните, бидејќи постои сериозна можност тој да се интегрира со културните војни. Додуша, мнозинството секако попрво би останало во рамките на културните отколку да оди во вистински војни.

Марко Костаниќ

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Ole Ukena

Извор: https://www.bilten.org/okno.mk

Зачлени се на нашиот е-билтен