Дигитализацијата во високообразовните институциите денеска беше тема на јавната дебата што ја организираа Клубот за младински прашања и политики на Собранието, во соработка со Форумот за образовни промени Иницијативата #DigiU. На оваа дебата и претходеше дводневен Диги образовен хакатон на кој учествуваа претставници на универзитетските собранија, професори и пратеници од различни пратенички групи во Собранието.
Претседателката на Клубот за младински прашања и политики пратеничката Моника Зајкова вели дека на хакатонот се издвоиле две платформи Е-услуги и Е-учење, но и од самиот процес на работа се нотирани бројни законски пречки поради кои високото образование не е целосно дигитализирано. Во Собранието се очекува да пристигнат пет закони од оваа област, но она што е клучно, вели таа, е Законот за архивско работење којшто сега создава пречка за универзитетите целосно да се дигитализираат и тие се обврзани да водат хартиена архива, потоа законите за дигитална трансформација и за сајбер безбедност, бидејќи тие податоци мора да бидат заштитени во дата базите на универзитетите.
-Она што исто така е многу важно е националната платформа за интероперабилност и системите коишто ги има МОН, бидејќи веќе основното и средното образование се дигитално врзани и тие меѓу себе разменуваат податоци, но за да се запишете на факултет повторно мора да поднесувате документи. Сега институциите се повикуваат дека тоа е така заради автономијата која ја имаат универзитетите и дека тоа зависи од нив, а од друга страна ако ги слушнете универзитетите тие велат дека со свои ресурси се обидуваат да инсталираат систем во тој дел иако тие бараат да бидат вклучени да бидат вклучени во националната платформа за интероперабилност за да може да разменуваат податоци, вели Зајкова.
Се отвори и прашањето, посочува таа, дали е можно да се има некој унифициран софтвер којшто ќе го користат универзитетите а ќе го обезбедува државата.
-Во некои држави има пракса каде што самото Министерство за образование го воведува системот, односно платформата, го склучува договорот со давател на услуга и постоа ги става на располагање на универзитетите, а тие си ја одржуваат и ја полнат со информации, рече Зајкова.
Заклучоците од дебатата и хакатонот содржат единаесет препораки, а меѓу најзначајните е укажувањето до Министерството за финансии од потребата да обезбеди средства за подобрување и додавање на нова функционалност на дигиталниот систем на универзитетите, со што тој ќе се подобри и ќе се овозможи сам да ги генерира потребните документи во дигитална форма. Исто така се предлага МОН да формира работна група со претставници на засегнатите страни која ќе изготви предлог законски измени на Законот за високо образование за акредитирање на студиските програми за електронска работа и исклучиво користење на електронски индекс и нивно доставување до Собранието.
-За поздрав е што едниот заклучок ќе биде веќе реализиран а тоа е формирање на работната група бидејќи уште наредната недела присутните на јавната расправа ќе се сретнат со министерот за информатичко опшество каде ќе им биде презентиран планот од страна на Министерството што се превзема во однос на дигиталната трансформација и ќе се пристапи чекор по чекор во законски рамки да биде дигитализацијата, вели Закојва.
Повикувајќи се на дискусиите пратеничката на ЛДП посочува дека всушност најголемиот проблем при дигиталната трансформација има УКИМ.
Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири зборуваше за напорите за дигитализација што ги прави Владата, но исто така укажа дека како општество мора да бидеме во тек со потребите и промените во дигиталниот свет од аспект на инклузивност. Посочи на Предлог-законот за сајбер безбедност и критична инфраструктура со којшто е предвидено да се создаде агенција за дигитална трансформација и којшто наскоро ќе влезе во собраниска процедура. Според него, овој закон ќе биде „чадор“ на ниво на земјата за да може да ги следи тековните и дигитализацијата на ниво на нашето опшество.
-Зошто е многу битно? Битно е заради тоа што дигитализација без добра интероперабилност на институциите како држава нема да даде резултати, рече Шаќири.
Најави промена на Законот за архивско работење, која е во процедура. -Нема да се архивира само хартиен документ туку исто така таму предвидуваме дека и електронски документ може да биде архивиран и истиот да се употреби како таков, и мислам дека ова е голем чекор во дигитализација на нашето општество, рече Шаќири.
Министерот посочи на потребата од креирање активни хабови за иновативни решенија преку кои професорите, со приватниот сектор и со студентите да креираат за своите потреба или да разговараат за своите проблеми и да се решаваат на иновативен начин.
Проректорот за настава на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип проф. д-р Мишко Џидров изрази задоволство што неговиот универзитет се посочува како позитивен пример за дигитализација.
– Кај нас од запишување па до дипломирање сите процеси се одвиваат онлајн, рече тој.
Професорот Џидров смета дека универзитетите треба да развиваат и студентски програми што ќе нудат флексибилно студирање.
Ако веќе се размислува за поврзување на универзитетите би било добро, вели тој, и тие да бидат вклучени во тој процес.
-Штипскиот универзитет има веќе разработено свој систем, УКИМ има свој, Тетовски има… да не се доведеме во ситуација да се наметне некој нов систем кој што треба ние од ново да го адаптираме, рече проректорот на штипскиот универзитет.
Посочи и на проблемот со кадар барајќи да се размислува за една централизирана канцеларија која што ќе може да ги опслужува и универзитетите. (МИА)