За разлика од многу други работи поврзани со Трамп, неговиот А-тим за претседателската кампања е многу пофокусиран на победата на нивниот шеф и со огромна посветеност кон кризните ситуации што самиот тој ги предизвикува. Тоа за овој тим е втора важна работа – да се справува со неговите политички вратоломии и да бидат секогаш чекор понапред од нивниот сопернички тим на Бајден.
Стратегиски комуникатор и ветеран кој работел и на кампањата на Роналд Реган. Поранешен маринец ранет на Блискиот Исток. Поранешен церемонијал мајстор на Улимејт фајт борбите во хектагоналниот кафез. Носач на торбите со стапови за голф кој станал врвен менаџер на социјалните мрежи.
Во оваа анализа на Ројтерс се се претставени само неколкумина карактеристични фигури од потесниот внатрешен круг околу поранешниот претседател Трамо кој има намера повторно да се врати во Белата Куќа.
Овој А-тим од половина од дузината креатори на кампањата на Трамп е непоколебливо лојален на својот шеф и избра да остане главно во позадината, што отстапува од претходната, полабава орбита на советници на Трамп, која се карактеризираше со внатрешни борби, со протекување на информации до медиумите по што следеа и многу отпуштања.

„Одиме во војна со луѓе на кои им веруваме“, рече ко-менаџерот на кампањата на Трамп, Крис Ла Сивита, 57-годишен поранешен маринец ранет во Заливската војна во 1991 година, кој стана политички консултант.
„Нема забуна околу синџирот на команда“, изјави Ла Сивита за Ројтерс. „Тој (Трамп) е на врвот“.
Јавноста за прв пат го запозна Ла Сивита и неговата колешка од тимот на кампањата Сузи Вајлс кога Трамп излезе на сцената за да ја прослави својата победа на републиканскиот претседателски натпревар во Ајова минатиот месец, кога освои 51% од гласовите.
Зад него, во длабочината на бината, облечена во црвен блејзер со споени раце пред неа, стоеше Вајлс. Позади неа ѕиркаше ќелавата глава на Ла Сивита.
„Тие не сакаат признанија, тие само сакаат победа и сакаат повторно да ја направат Америка голема“, рече Трамп додека се сврте кон двајцата. „Тие не сакаат да зборуваат, не сакаат да имаат слики, тие само сакаат да ја завршат својата работа, нели?“
Така ги претстави Трамп двајцата ветерани, политички стратези и нивниот мал тим кој му помогнаа на Трамп да изгради огромна предност во трката за републиканска номинација. Тие му помогнаа да добие голема поддршка, лобираа во телата на Републиканската партија за да се променат на правилата во трката за номинација, немилосрдно им се потсмеваа на неговите ривали.
Најважно од сѐ во оваа фаза е што успејаа да развијат победничка стратегија за кампања за неговите повеќекратни кривични обвиненија и се погрижија настаните да бидат преполни со поддржувачи кои носат црвени капи.
„Повеќето луѓе не знаат која е Сузи Вајлс. Повеќето луѓе не знаат кој е Крис Ла Сивита. Тоа не е лошо“, рече во интервју за Ројтерс Кори Левандовски, оперативен менаџер на кампањата на Трамп во 2016 година, кој и сега остана блиску со него.

„Тие си ја вршат својата работа секој ден. Најважно е дека нивната работа Доналд Трамп ја оценува како добра“, рече Левандовски.
Досегашниот успех на тимот сугерира дека Трамп би можел да му даде на демократскиот претседател Џо Бајден многу потешка време отколку пред четири години во нивниот веројатен ноемвриски натпревар.
„Бајден овој пат ќе се соочи со првокласна операција на Трамп“, рече ветеранот, републикански консултант Скот Рид, кој работеше на претседателските и сенаторските трки.
Сепак, без оглед на советниците, Трамп нашироко се смета за архитект на неговата кампања и на неговите успеси и неуспеси, иако тој честопати излегува надвор од сценариото што ги исклучува клучните умерени и независни гласачи на општите избори.
Запрашан за изгледите во соочувањето со подисциплинирана кампања на Трамп, портпаролот на кампањата на Бајден, Амар Муса, рече дека Бајден – кој го нарекува неговиот ривал закана за демократијата на САД – ќе го победи без оглед на неговиот изборен тим.
„Гласачите гледаат колку опасно би било враќањето на Трамп во Овалната соба“, рече Муса.
Ултимејт Фајтинг и голф
Тимот на кампањата на Трамп во 2024 година е сосема различен од неговата битка против Бајден во 2020 година кога имаше повеќе центри на моќ. Тогаш, Бред Парскајл како менаџер на кампањата командуваше со структура од 10 „дивизии“, додека имаше уште десеттина други кои само правеа проблеми, вклучувајќи ги синовите на Трамп, Дон Џуниор и Ерик, ќерката Иванка, зетот Џаред Кушнер и претседателката на Републиканскиот национален комитет Рона МекДаниел.
На тој микс беше додаден голем апарат на Белата куќа во кој беа вклучени шефот на кабинетот Марк Медоус, советничката Келијан Конвеј, тогашниот потпретседател Мајк Пенс и многу други.
Овој пат, кампањата на Трамп во голема мера се потпира на Вајлс, која работеше на претседателската кампања на Роналд Реган во 1980 година и му помогна на Трамп да ја освои Флорида во 2016 и 2020 година како негов висок советник.
Вајлс надгледува сè, од буџетирање до патување, вели за Ројтерс извор од кампањата, директно вклучен во неа, но кој, како и многу други интервјуирани за оваа статија, побара да остане анонимен за слободно да зборува.
Вајлс донесе уште една клучна предност во тимот на кампањата: длабоко познавање на главниот ривал на Трамп во периодот на номинациите, Рон ДеСантис.
Таа му помогна на ДеСантис да биде избран за гувернер на Флорида во 2018 година, пред да се разделат не можејќи да решат многу недоразбирања. Тоа му помогна на таборот на Трамп рано да го дефинира ДеСантис, велат неколку извори свесни за стратегијата.
Ла Сивита и Сузан Вајлс имаат различни темпераменти, според луѓето што ги познаваат и според набљудувањата на Ројтерс за време кампањата. Ла Сивита е дружељубива и сака да разговара со новинарите, додека Вајлс е потивка и, во ретки случаи кога се соочува со новинари, обично дава кратки одговори.
Двојката секогаш му дава обединети препораки на Трамп, рече друг извор запознаен со внатрешните работи на кампањата.

Медиумската стратегија е управувана од Џејсон Милер, комуникациски стратег на кампањата и од Стивен Чеунг, кој порано работел како ПР за Ултимејт фајтинг шампионатот (UFC).
Исто така, во внатрешниот круг се Брајан Џек, поранешен политички директор во Белата куќа за време на Трамп, кој надгледува голем дел од пристапот до другите политичари и помага да се обезбедат поддршка, и Ден Скавино кој се справува со социјалните мрежи.

Скавино е еден од соработниците со најдолг стаж на Трамп и за него се вели дека му служел како носач на торбата со голф палки на Трамп уште од времето кога тој беше само тајкун за недвижнини. Заради неговата верност, тој беше со Трамп за време на сите негови претседателски кампањи и четири години во Белата куќа.
Ла Сивита изјави за Ројтерс дека не се обидува да ја заузда навиката на Трамп да бара совет од широк спектар на луѓе.
„Но, она што го имаме од гледна точка на структурата е тесна група“, рече тој на маргините на митингот на Трамп во Ајова.
Во едно од ретките интервјуа минатиот август, Ла Сивита зборуваше за борбеноста на нивните напори: „Знаете, за нас е лесно да водиме агресивна кампања и да бидеме многу агресивни кога имаме кандидат на кој не му е грижа и ни дозволува да го направиме тоа“.
Синовите на Трамп, Дон Џуниор и Ерик, остануваат активни учесници во достапноста во 2024 година, откако поминаа значително време на теренот во Ајова и Њу Хемпшир и честопати се појавуваа на ТВ во кампањата за придобивање поддршка за нивниот татко.
Утрински усогласувања во Палм Бич
Околу триесетина функционери од кампањата на Трамп работат во една зграда без адреса во Палм Бич, Флорида, во близина на домот на Трамп во Мар-а-Лаго, според еден од изворите за оваа статија.
Внатрешниот круг во кој се Вајлс, Ла Сивита и другите, започнува со работа секој ден со состанок во 9 часот за да се планираат, да се решат проблемите и, што е најважно, да се осигура дека сите ќе бидат слушнати за да се избегнат протекувања за внатрешни недоразбирања.
„Инсистираме да не оставиме состанок на кој не сме сите на одборот“, рече изворот за Ројтерс.
После тие состаноци Вајлс обично му ги пренесува предизвиците за Трамп, со кого таа обично се среќава неколку пати неделно.
Надвор од внатрешниот круг, поширокиот предизборен тим на поранешниот претседател ги вклучува Рос Вортингтон и Винс Хејли, кои работеа во Белата куќа за време на Трамп и останаа негови главни пишувачи на говори.
Говорите на Трамп се најдоа под микроскоп во последните неколку недели, откако тој им кажа на поддржувачите дека имигрантите ја „трујат крвта на нашата земја“ и ги означи неговите политички непријатели за „штетници“. После овие квалификации, критичарите го осудија Трамп како ксенофобичен со нацистичката реторика.
Остана нејасно дали тие квалификации ги напишаа Вортингтон и Хејли или излегоа од манжетната на Трамп. Изразот „труење на крвта“ го немаше во подготвените забелешки издадени до медиумите пред говорот на Трамп во Њу Хемпшир на 16 декември.
Ројтерс не беше во можност да контактира со Хејли и Вортингтон за коментар за оваа политичко салто мортале на Трамп.
За разлика од многу други работи поврзани со Трамп, неговиот А-тим за претседателската кампања е многу пофокусиран на победата на нивниот шеф и со огромна посветеност кон кризните ситуации што самиот тој ги предизвикува. Тоа за овој тим е втора важна работа – да се справува со неговите политички вратоломии и да бидат секогаш чекор понапред од нивниот сопернички тим на Бајден.