Заверени заблуди и неточни или тенденциозни тврдења

Кога имаме вакви новинарки и новинари кои даваат се’ од себе да не убедат да се обесхрабриме и покрај сосема јасен исход од Самит на ЕУ, а кој има и историски карактер, со потврдена посветеност за забрзување на пристапувањето, секако дека тие кои обесхрабруваат и ние „обесхрабрените“ ги засилуваме апетите на трети страни. Кој всушност ги засилува тие апетити и со кои мотиви, проценете самите.

Тони ПОПОВСКИ

Koj e мотивот на Блажевска да ги доведува своите лојални читатели во заблуда.

Повторно еден куп или неточни или тенденциозни тврдења.

Блажевска: „Унијата донесе одлука да почне пристапни преговори со Украина и со Молдавија, ама без да ги антиципира штетите поради децениската стагнација на земји од Западен Балкан на европскиот пат.“

Во заклучокот број 3 на Европскиот Совет е наведено: „Проширувањето е геостратешка инвестиција во мир, безбедност, стабилност и просперитет. Тоа е двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани, намалувајќи ги нееднаквости меѓу земјите и мора да ги поттикне вредностите на кои е основана Унијата. Гледајќи напред кон перспективата за понатамошна проширена Унија, и ЕУ и ИДНИТЕ ДРЖАВИ ЧЛЕНКИ ТРЕБА ДА БИДАТ ПОДГОТВЕНИ. Претендентите членки треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеење на правото, во согласност со заслуги-заснованата природа на процесот на пристапување и со помош на ЕУ. Паралелно, Унијата треба да ја постави потребната внатрешна основа и реформите. Ќе ги поставиме нашите долгорочни амбиции и начините за нивно остварување. Ќе ги адресираме клучните прашања поврзани со нашите приоритети и политики, како и со нашиот капацитет да дејствуваме. Ова ќе ја направи ЕУ посилна и ќе го зајакне европскиот суверенитет“.

ЕУ ги антиципира предизвиците на обете страни и, како што може да се прочита, декларира посветеност проширувањето да се забрза, и предизвиците ефикасно да ги адресира, но бара тоа да го сторат и партнерите – државите кандидатки. За какво неантиципирање на штети пишува Катерина, во услови кога има политички пресврт во насока на определба за забрзано проширување. Или се работи за „преку леб, погача“.

Блажевска: „Украина со право може да биде горда. Во војна, во екот на руската агресија, успеа во она што на дел од земјите од Западен Балкан не им успеа во мир.“

Напишаново не точно. Украина заедно со Молдавија добија први одлуки за почеток на преговори. Допрва треба да се подготват и усвојат преговарачките рамки. Молдавија не е во војна. Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија добија први одлуки за почеток на преговори во услови на мир.

Блажевска: „Во неа беа нотирани и напори, преговарачките рамки и процедурите за Украина и Молдавија да бидат различни и поедноставни, со што членството ќе стане полесно отколку за балканските земји, но и дека ќе биде интригантно како тоа ќе се одрази на некои веќе почнати преговори во Западен Балкан.“

Прво, сите преговарачки рамки имаат ИДЕНТИЧНА основна структура која ја следи новата Методологија за проширување, и ПРОЦЕДУРАТА Е ИДЕНТИЧНА ЗА СИТЕ кандидатки, а разликите во преговарачките рамки се ограничени на неколку специфични предизвици кои се карактеристични за државата со која треба да се преговара. Ова треба да се појасни бидејќи во спротивно како што е напишано од Блажевска, се стекнува погрешен впечаток дека се работи за поедноставени и различни рамки и процедури. Сосема друго прашање е со кое темпо ќе се подготвува преговарачката рамка до нејзино усвојување. Притоа на патот на брзо подготвување и усвојување на преговарачката рамка за Украина, во моментов стои Унгарија. Како што на нашиот пат стоеше Бугарија, се’ до европскиот компромис.

Блажевска: „Извесно е дека исходот од овој самит нема да го охрабри регионот, но ќе ги засили апетитите на тие што имаат интерес тој никогаш да не се интегрира во ЕУ.“

Кога имаме вакви новинарки и новинари кои даваат се’ од себе да не убедат да се обесхрабриме и покрај сосема јасен исход од Самит на ЕУ, а кој има и историски карактер, со потврдена посветеност за забрзување на пристапувањето, секако дека тие кои обесхрабруваат и ние „обесхрабрените“ ги засилуваме апетите на трети страни. Кој всушност ги засилува тие апетити и со кои мотиви, проценете самите.

Блажевска: „Одлуката на ЕУ за Украина го фрли во вода фетишизирањето на некои билатерални пречки, како што уставните измени беа и останаа издигнати во камен на сопнување за Македонија. Се покажа дека кога има политичка волја, не постојат бариери. Дури и европскиот enfant terrible Виктор Орбан прифати да не употреби вето, туку доброволно да замине накратко од состанокот, за да им овозможи на неговите колеги да ја одобрат одлуката за Украина. Очигледно, за Македонија никој не морал да излезе од состанокот. А и зошто би излегол?“

Прво, одлуката за почеток на преговори за Украина, не значи дека Унгарија нема да продложи да биде „камен на сопнување“. Оттаму, ако некој фетишизира дека само нам ни е намерачена Бугарија, и дека само нам ни се прави „неправда“, тоа е Блажевска и други со сличен мајндсет и хелиоцентричен и идеалистички процесор. Блажевска (не)намерно бидејќи е добро информирана, пропушта да спомне дека и Грција има специфични барања кон Албанија, а претходно Србија има прифатено рамка во која има посебно Поглавје за нејзините односи со Косово, или дека идентично барање на Бугарија за посебно поглавје не е во нашата преговарачка рамка, одосно дека Бугарија се откажа од тоа можеби и најсуштинско маневарско барање со кое ќе и се овоможеше вршење на легитимен притисок, бидејќи заедно со поглавја одат и одредници.

Поентата со „одењето на кафе на Орбан“ како пример за недоследност на ЕУ кон нас, е неточна и како таква е тенденциозна, бидејќи одлуките за почеток на преговорите за Македонија и Албанија беа донесени едногласно кон крајот на март, 2020 година, односно немаше потреба некој да „оди на кафе или во тоалет“ односно – конструктивно да апстинира. Дали Орбан повторно ќе оди на кафе кога на дневен ред ќе дојде преговарачката рамка за Украина, допрва ќе видиме. Затоа Катерина, за Македонија никој не мораше да излезе од ваков тип на состанок за првична Одлука за почеток на преговори, а и зошто би излегол кога почетната одлука се донесе едногласно. Ветото дојде кон крајот на 2020-та на предлогот на преговарачката рамка на Европската Комисија и тоа на пониски тела на Европскиот Совет, и ветото траеше се до усвојувањето на европскиот предлог на рамка во кој ги нема основните и најрадикални барања од објаснувачкиот меморандум на владата на Борисов и Каракачанов (би било фер ова Катерина да го напише но не и влече тастатурата кон објективното и со цел сеопфатно да информира), но како компромисно решение ја има уставната измена.

Блажевска: Последново, колку што сведочи за „немањето исав“ кон земји чија конструктивност се чита како слабост и отвореност за нови условувања, толку сведочи и за дебакл на дипломатијата, во чија снисходливост и желба да се допадне во центрите на одлучување со неселективна „јес политика“, интересите на државата ги сведе на „дај што ќе дадеш“. Оттука, воопшто не е случајно што во европскиот речник доминираше терминот „зделка“ (најдобра зделка што може да ја добиете). ЕУ не е виновна што таква зделка била прифатена од наша страна и што никој од власта не се осмелил да каже „не“.

За „YES“ и одлучна „NО“ македонска дипломатијата, првата тековната и претпоставувам со носталгија кон втората односно претходната македонска „NО“ дипломатија, Блажевска (не) намерно заборава дека во Брисел на првиот – сеуште француски предлог, нашиот Премиер повеќе од одлучно кажа „НЕ“. Потоа следеше видоизменет европски предлог, од кој беше тргнат условот за прва Меѓувладина Конференција да биде уставната измена. МВК се одржа, и во меѓувреме успешно се реализира скринингот, а во тек се подготовки на патоказите и поврзаниот АП за човековите права, како документи чие усогласување е предуслов за отворање на првиот кластер на поглавја. Да постапуваме по ова што го сугерира умната Катерина, ќе ни требаше најмалку дополнителна година и половина да ги совладаме овие процедурални чекори. Односно да ја слушаме Катерина значи дека требало порано но и сега да „кренеме рачна“ (омилена фраза на дел од ЕУ експертите кај нас), да не прифаќаме компромис па и бенинген како што е уставната измена односно внесувањето на неколку делови од народи, односно да го „чекаме Годо“ кој може да ни упадне од трета страна, таа со апетит никогаш да не се интегрираме во ЕУ – како што во својата апсурдна контрадикторност пишува и самата Катерина .

Блажевска: Земјата што го спаси ОБСЕ, што се промовира како центар за дијалог во кој се бараат решенија и за билатерални спорови меѓу соседите во регионот, не успеа да ја спаси единствено својата Преговарачка рамка од монтирање услов во фазата на отворање на пристапниот процес, ниту да обезбеди двотретинско мнозинство за поддршка за уставни измени, бидејќи такво мнозинство, ниту беше градено, ниту беше информирано, ниту консултирано „кога се калеше челикот“.

Единствено својата – нашата преговарачка рамка сме дозволиле да не биде спасена, емоционално воскрикнува Катерина, иако повторно ако погледне малку кон север без ризик да го шине вратот, има рамка со посебно поглавје за билатерални односи меѓу Србија и Косово. Што ќе биде наведено во рамките за Украина и Молдавија допрва ќе видиме. Затоа вакви пишувања се тенденциозни, без оглед дали некој како мене ќе се обиде од петни жили да побара добра намера и да оправда посакување на некаков имагинарен златен стандард, иако не е реален.

А за последново дека опозицијата не била информирана, треба да се запрашаме како портали блиски до опозицијата први објавија извадоци од Извештајот на ЕК за нашиот напредок, и дали тие европски политички канали за информирање на опозицијата кај нас се отсега или се’ отпоодамна воспоставени? Ова настрана од тврдењето на позицијата дека ја има информирано опозицијата за мачниот тек на усогласување на преговарачката рамка, чија конечна верзија сите чинители ја добија пред крајот на француското претседавање со ЕУ, вклучувајќи ја и Владата. Вака според Катерина, опозицијата била недемократски држана во тунел, со превез преку очи и со затнати уши и дека и било оневозможено да се распраша , и дека не знаела ништо. Пренаивно и многу тенденциозно тврдење.

Последново за потрфлањето на позицијата да направи двотретинско мнозинство со опозицијата, Катерина треба да дообјасни, на кој начин со својата неспорна имагинација она замислува тоа да се направи особено кога една од страните печали политички поени сервирани на тацна. На кој начин да се „искали тој челик“ кога во преден план е партиски интерес, или наивно смета дека само со консултација, за која најсоодветно место е Собранието тоа можеше да се направи. Впрочем, видовме што се случи во Собранието кога опозицијата беше најдемократски „консултирана“.

Анализата на Поповски е реакција на колумната на Катерина Блажевска која може да ја прочитате на линкот подолу:

Заверено пророштво – Призма (prizma.mk)

Moже да ве интересира