Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Времето на трикови бргу ќе помине

Со трикови ги добија гласовите на Албанците, зошто со трикови да не влезат во владата. Од првичните изјави на ВМРО-ДПМНЕ има најава дека нема да прифатат финти во преговорите за владина коалиција. Но, да почекаме и да видиме колку ќе додржат на овие најави.

Зоран БОЈАРОВСКИ

„Аналитичарот“ Љуљзим Фаризи, кој во емисија на една телевизија посветена на резултатите од изборите призна дека за време на предизборната кампања бил промотер на програмата на ВМРО-ДПМНЕ меѓу Албанците, рече дека Коалицијата Влен (Вреди) лесно ќе ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ да биде дел од новата влада, иако голем дел од нивната програма е сосема спротивна на таа на победничката партија и тоа во однос на најважните национални теми.

Фаризи рече дека „трикови биле“ ветувањата на Влен (Вреди) дека ќе го „го редефинира уставниот поредок на земјата за да биде еднаква држава на двете мнозински заедници“, дека ќе се залага за основање на „академија на науките на Албанците“, дека „ќе се координираат и усогласуваат со властите во Албанија и Косово за „да се унифицира системот и наставните програми со оние во овие две соседни земји“. Дека трик било дека Влен (Вреди) ќе се залага „законот за празниците да ја одразува еднаквоста и целосно да бидат признаени и албанските национални празници“.

Уште се вели дека „за предметите јазици, книжевност, историја, географија и други поврзани со општеството и културата треба да се користат истите текстови и наставни програми со Албанија и Косово“.

Сето тоа биле трикови колку да се добијат колку што е можно повеќе гласови на Албанците за да се факторизираат како партија на која што победникот на изборите ќе ја смета за партнер за формирање на новата влада, ако се знае дека единствена заедничка точка на Влен (Вреди) и на ВМРО-ДПМНЕ, е ДУИ да бие испратена во опозиција.

Веројатно како трик на Влен (Вреди) треба да гледаме и нивното ветување дека нема да коалицираат со партија која е против брзото продолжување на преговорите со ЕУ.

Многу трикови од една коалиција на партии којашто ја доби довербата на сериозен дел на граѓаните Албанци во земјата и сега навистина е сериозно прашање како ќе го оправдаат тоа дека сите тие ветувања биле само „финти“ само за да влезат во власта.

Можеби тоа меѓу нив, меѓу лидерите на овие партии и може да помине, но Албанците што гласаа за нив паметат што им било ветено и нема да помине многу вода во Вардар во Гостивар и Скопје и во Пена во Тетово, пред да ги испорачаат прашањата „Што правиме со ветувањата? Кога ќе ги исполните?“.

Од ВМРО-ДПМНЕ веќе им беше испратена уште сношти пораката преку секретарот за меѓународна соработка на партијата Стефан Андоновски, дека во комбинација за да бидат дел од новата влада Влен (Вреди) ќе мора да се откажат од нивните екстремни барања.

Еве што точно кажа Андоновски:

„Ние сме партија за македонско национално единство и од тоа нема да отстапиме. Ние ќе ги дефинираме нашите рамки во делот на колицирањето од кои нема да отстапиме и според кои ќе се водиме. Помалите политички партии веќе активно ги ѕвонат телефоните во ВМРО-ДПМНЕ, но се надеван дека ќе бидат подготвени да напуштат дел од тие нивни идеи. Мене многу ми пречи кога ќе видам исклучиво едно знаме, на едно национално малцинство, на една заедница, а нема да го видам македонското државно знаме и не сакам да гледам знамиња на ‘големи држави’. Ќе треба да се внимава на чувствата на сите македонски граѓани“

Ова на Андоновски најавува сериозни преговори за условите под кои ќе се формира владината коалиција, иако, нели, во политиката сѐ можно, па кога веќе со трикови можат да се добијат гласовите, зошто да нема трикови и за формирање на новиот владин состав.

Да влеземе во влада, па после ќе мислиме на гласачите што ни ја дадоа довербата. Ќе смислиме нешто. Некој трик.

Има уште неколку прашања кои произлегуваат од оваа „трик“ концепција.

На пример, трик беше и ветувањето на Tаравари дека ќе поднесе оставка доколку ги изгуби изборите. А ги изгуби во однос на ДУИ. И сега се подготвува да преговара со ДПМНЕ за да партиципира во новата влада.

Сега како трик може да се гледа и на изјавата на Таравари од пред две години кога рече „кој е тој Мицскоски? Не сум чул за него.“

Со трикови ги добија гласовите на Албанците, зошто со трикови да не влезат во владата. Од првичните изјави на ВМРО-ДПМНЕ има најава дека нема да прифатат финти во преговорите за владина коалиција. Но, да почекаме и да видиме колку ќе додржат на овие најави

Во секој случај, она што ни следува сега е да гледаме кои трикови ќе ги применат и едни и другите за да излезат од националистичката реторика на која, и едните и другите, ги добија изборите. Изборите завршија, одговорноста е преземена. Таа најмалку треба да биде пропорционална на победничката разлика, која, за волја на вистината, е голема и е израз на волјата на граѓаните кои им го дадоа својот глас.

Moже да ве интересира