Седите на вечера, а тинејџерот е некаде на друго место. Прашуваш како беше денес, а одговорот е „добро“. Следниот ден е исто, а по три дена си го даваш најлесното објаснување: „тоа е возраста, ќе помине“.
Таа реченица речиси секогаш е изречена од добра намера. Но има своја цена. Кога возрасните нешто го сметаат за „фаза“, тинејџерот добива порака дека нема причина да зборува, и колку подолго молчи, толку му е потешко да почне.
Тоа не е само чувство. Според студија поддржана од УНИЦЕФ, спроведена во 2022 година, околу еден од тројца адолесценти во Македонија пријавил симптоми на депресија, а 42 проценти имале умерени до тешки симптоми на анксиозност. Девојчињата имале шест пати поголема веројатност да пријават симптоми на депресија од момчињата. Повеќе од половина од оние што имале потреба од стручна помош не побарале.
Слична слика дава и истражувањето на СЗО за здравственото однесување кај учениците (HBSC) од 2022 година. Според него, 57 проценти од 15-годишните девојчиња чувствувале нелагодност речиси секој ден во последните шест месеци.
Зад овие бројки стои нешто што родителскиот совет не може сам да го реши. Не секој дом е место каде тинејџерот може слободно да зборува, понекогаш притисокот доаѓа токму оттаму, а не секој родител има знаење да препознае што се случува и да реагира соодветно. Кон тоа се додава и стигмата, па проблемот често се игнорира сè додека не стигне до кулминација. Затоа одговорот не може да остане само на родителите, туку и на институциите, а еден од најважните е сеопфатното сексуално образование.
Стресот кај младите не изгледа секогаш како паника или солзи. Може да изгледа како повлекување од другарите, раздразливост за ситници, замор, лош сон, паѓање на оценките или главоболки и болки во стомак без медицинско објаснување. Еден лош ден не е причина за тревога. Но ако промените траат подолго и се засилуваат, тогаш веќе не е фаза.
„Понекогаш тинејџерот може да изгледа сосема добро на површина, да оди на училиште, да се смее и да комуницира со околината, а во себе да се соочува со тага, вознемиреност или чувство дека не може да се справи со она што се случува“, објаснува Дарко Блажески, лиценциран психолог.
Според него, родителите треба да внимаваат на промени во однесувањето што траат подолго, како повлекување во себе, зголемена раздразливост, импулсивност, помалку социјални контакти, губење интерес за активности што претходно го радувале и избегнување на училишните обврски. „Важно е да се забележи дали овие промени се интензивираат“, вели тој.
Блажески потсетува дека анксиозноста и депресијата можат да бидат резултат на различни фактори, па затоа тинејџерот не треба да се обвинува.
„Кога детето знае дека може да зборува за своите чувства без страв или осуда и казна, полесно може да побара помош кога му е потребна“, додава тој.
Зошто тогаш добар дел од младите не бараат помош? УНИЦЕФ предупредува дека многу деца и адолесценти страдаат во тишина поради стигма. Дел од проблемот е и системот. Психолозите во училиштата кажуваат дека гледаат сè повеќе анксиозност, депресивни состојби, врсничко насилство и притисок за успех, а нема единствена програма за превенција и услугите се преоптоварени.
Што да му кажеш на тинејџер што молчи? Според Блажески, не постои една универзална реченица што секој родител треба да ја употреби, бидејќи секое семејство има своја динамика и начин на комуникација. „Сепак, важно е родителот да му покаже на тинејџерот дека е тука за него, дека може да разговара без страв од осуда и дека неговите чувства се важни“, вели тој.
„Активното слушање, почитувањето на личниот простор, следењето на промените во однесувањето и присутноста во секојдневниот живот се особено важни во адолесценцијата. На тој начин родителот постепено гради доверба и создава безбедна средина во која тинејџерот ќе се чувствува слободен да ги сподели своите грижи“, додава Блажески.
И кога треба да се побара помош? „Доколку промените во расположението или однесувањето се интензивни, траат подолго или предизвикуваат загриженост, важно е родителот да побара соодветна стручна помош“, нагласува тој.
Младите во Скопје можат да се обратат и во младинските центри „Сакам да знам“, кои работат на две локации: на Водно (ул. Елисие Поповски Марко бр. 2, тел. 070 227 386) и во Шуто Оризари (во Здравствениот дом, тел. 02/2651-955). Услугите се бесплатни и доверливи, а во центарот на Водно има и центар за поддршка и советување на мажи и момчиња, како и советувалиште за заштита од ризици и употреба на супстанции.
Здравјето на младите не смее да зависи од тоа во какво семејство растат. Потребен е системски пристап и одговорност на институциите, а сеопфатното сексуално образование е образовна програма што делува превентивно. Во безбеден простор во училница младите можат да разговараат за прашањата што ги мачат, да добијат научно проверени информации и да дознаат кои услуги постојат и како да ги користат.
Меѓународните технички насоки за сексуалното образование на УНЕСКО ги вклучуваат токму тие вештини за здравје и благосостојба: да ги препознаеш чувствата, да му се спротивставиш на притисокот од врсниците и да побараш помош. Знаење наместо предрасуди, училиште наместо ТикТок. Така се добиваат информирани млади што се грижат за своето здравје, без разлика на околностите во кои живеат.
„Ќе помине“ не е одговор на тинејџер што молчи. „Тука сум“ е, и тој треба да го слушне и дома и во училиште.

