Возачите на скутери и мотоцикли се опфатени со автоматското санкционирање за пречекорување на брзината преку „Безбеден град“. По надминувањето на техничкиот проблем со нивната идентификација, системот може да ги регистрира овие прекршоци на локациите опремени за тоа.
Проблемот бил во поставеноста на регистарските таблички. Како што претходно објасни министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, камерите за брзина го снимале предниот дел од возилото, додека табличката кај мотоциклите се наоѓа одзади.
МВР поставило дополнителна опрема на локации со соодветни технички услови. Тошковски на 27 август најави дека решението овозможува автоматско евидентирање на брзото возење и кај мотоциклистите.
На 1 септември министерот соопшти дека, според првичните податоци, во првиот ден биле регистрирани околу девет прекршоци за недозволена брзина. Претходно, преку системот кај мотоциклистите можело да се постапува за поминување на црвено светло.
Во меѓувреме, „Безбеден град“ се проширува и во други делови од земјата. Во Охрид, Струга, Дебар и Кичево системот е во употреба од 12 октомври, а според податоците што ги соопшти СВР Охрид, најголемиот дел од евидентираните прекршоци во првите десет дена биле за пребрзо возење

