Вкупно 187 јавни обвинители денеска гласаат за нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Во трка се петмина кандидати, а гласањето трае до 16 часот, по што се очекува да биде познато кој ќе раководи со едно од најважните обвинителства во државата.
За функцијата конкурираат Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски.
Изборот се спроведува со непосредно и тајно гласање на јавните обвинители. По завршувањето на гласањето, резултатите ќе бидат сумирани на јавна седница на Советот на јавните обвинители.
Новиот раководител ќе има четиригодишен мандат и ќе го преземе обвинителството надлежно за гонење организиран криминал и корупција, во период кога довербата во правосудството и борбата против високата корупција остануваат меѓу најголемите предизвици за државата.
