Мариово – туристички бисер што чека да биде откриен

Мариово
„Филмскиот мост“ во селото Зовиќ / Фото: Емилија Мисирлиева

Мариово е регион со исклучително природно, културно и историско богатство, но неговиот туристички потенцијал сè уште не е целосно искористен. И покрај растечкиот интерес и поединечните иницијативи, недостигот од инфраструктура, сместувачки капацитети и поврзана туристичка понуда останува пречка за развојот. Што се прави за да стане оваа област одржлива туристичка дестинација и дали новите идеи и проекти можат да донесат живот во селата што постепено се празнат?

Автори: Иван Дургутов* и Емилија Мисирлиева**

Сместено во јужниот дел на Македонија, таму каде што со векови реката Црна ги длаби своите грандиозни кањони, опкружено со планините Ниџе и Селечка Планина, се наоѓа Мариово, една од последните еколошки оази на Балканот. Недопрена природа, богато културно и историско наследство, автентични села, цркви и манастири, традиционална архитектура, локалитети поврзани со Првата светска војна и приказни присутни во литературата и во народните преданија.

Но, и покрај тоа што неговиот туристички потенцијал е препознаен пред многу години, проучуван во научни истражувања и опфатен во стратегиски документи, Мариово сè уште нема развиена туристичка понуда. Дел од селата се речиси празни, сместувачките капацитети се ограничени, а туристичките активности во голема мера зависат од индивидуални иницијативи.

Токму затоа, прашањето не е дали Мариово има потенцијал. Тоа одамна е потврдено. Прашањето е зошто тој потенцијал сè уште не е претворен во одржлива туристичка приказна и што реално се прави за да се промени тоа.

Зовиќ – местото од каде што може да почне туристичката приказна

На патот од Битола кон Мариово постепено се менува пејзажот. Градскиот метеж останува зад вас, додека рамниот асфалтен пат ве води низ срцето на Пелагониската Котлина. По минувањето низ раздвиженото село Новаци и покрај високите оџаци на РЕК Битола, сликата целосно се менува. Рамницата полека почнува да се бранува, а патот да се издига кон Селечка Планина. Питомите ниви му отстапуваат место на суровиот камен, а пред очите се отвора простор во кој природата ја има главната улога.

Камениот мост, познат и како „Филмски мост“, Фото: Е.М.

Првата станица е селото Маково, кое со право се смета за порта кон битолскиот дел на Мариово, а веднаш по него е селото Рапеш. Урнатите ѕидови на старите камени куќи покрај патот се нем сведок на масовната миграција. Вистинската убавина на мариовскиот предел се открива петнаесетина километри подоцна, по тесниот пат што води накај срцето на oвaa област.

Токму тука е Зовиќ, мариовско село на околу 50 километри од Битола, кое денес изгледа сосема поинаку отколку пред неколку децении. Во 1961 година во Зовиќ живееле 388 жители, а последниот попис преброја само 11 постојани жители и уште неколкумина што повремено доаѓаат во обновените семејни огништа.

Само неколку стотици метри од центарот на селото се наоѓа Камениот мост, познат и како „Филмски мост“, бидејќи стана препознатлив и надвор од земјата благодарение на филмските кадри во делата на Милчо Манчевски. Изграден е од резбан камен и камени блокови, со лак приспособен на конфигурацијата на теренот. Под него тече Градешка Река, која извира од Ниџе и преку природни брзаци се спушта низ мариовскиот пејзаж.

Мостот, реката и клисурата околу него се природна сцена што привлекува посетители. Во близина се наоѓа и црквата „Св. Ѓорѓи“, со фрескоживопис од 1925 година, обновен во 2006 година. Тука почнува туристичката приказна.

Кањонинг – за гостите со авантуристички дух

Градешка Река не нуди само убав пејзаж. Нејзиниот кањон веќе е простор за активен туризам.

Пред околу една деценија, Петар Нолев со „Маунтин солушн“ почна да ја развива понудата за кањонинг во Мариово, следејќи ги искуствата од земјите во кои овој вид туризам е одамна развиен. Турата почнува во Зовиќ, под Камениот мост, а маршрутата е долга околу еден километар и вообичаено се минува за час и половина до три часа.

Кањонинг тура во Мариово / Фото: Петар Нолев

„Кањонингот е планинарење во река. Повеќе е спуштање низ реката, низ водотеци, скокање од карпи, лизгање по мазни камења – сè она што претставува еднодневна авантуристичка тура што е безбедна, но бара и издржливост. Ние обезбедуваме сè што му е потребно на човекот за да дојде на кањонинг – костум, сигурносни појаси, јажиња, шлемови. Единствено што им треба на нашите гости е авантуристички дух. Кањонот е долг седум километри и изобилува со невидени убавини. За да биде турата сигурна и безбедна, пред сè ни треба мирно време“, вели Нолев.

За ваквата активност се потребни соодветна опрема и обучен тим. Според Нолев, најдобриот период за организирање групни тури е во јули и август, а досега немале повредени учесници. Но кањонингот е важен и поради нешто друго, бидејќи покажува дека Мариово може да понуди повеќе од еднодневна посета.

„Нашата намера е да ги поврземе идеите, односно да бидеме достапни со неколку различни приказни и да се обидеме да ги убедиме гостите да поминат повеќе од еден ден во овој дел на Македонија. Најголемиот број заинтересирани се претежно странски туристи, на кои за време на престојот во земјава им се нуди ваква еднодневна тура“, вели Нолев.

Во најактивниот период се организираат и по неколку посети на кањонот неделно, а понудата не се задржува само на адреналинската активност. По завршувањето на турата, посетителите имаат можност да ја запознаат и локалната гастрономија преку дегустација на традиционални мариовски производи, така што туристичкото искуство се поврзува со локалните домаќинства и угостители.

И мала иницијатива носи промени

Зовиќ денес е еден од највидливите примери дека и мала иницијатива може да донесе промена. Покрај Камениот мост, во селото функционира и угостителско-сместувачки капацитет.

Етно-куќа „Кај Мостот“ / Фото: Фејсбук

Етно-куќата „Кај Мостот“ во Зовиќ е семеен бизнис на Митко Крстевски. Со голема љубов кон родното село, пред 11 години тој одлучил да вложи во Мариово. Во услови на мал број жители и недоволно развиена инфраструктура, тоа, вели тој, било вистински предизвик за семејството. И покрај неколкуте најави за отворање слични капацитети, Митко и денес останува единствениот во Зовиќ кој нуди автентична храна подготвена под сач и престој во етноуредени соби.

Негови гости најчесто се Срби, кои со организирани тури ги посетуваат локациите во должина на линијата на фронтот од Првата светска војна. Меѓу посетителите има и дипломати, кои често престојуваат за време на викендите, како и домашни гости.

„Започнав во 2014 година. Тогаш асфалтен пат имаше од Битола до Рапеш, а до Зовиќ доаѓавме по земјен пат. Но, секогаш нè охрабруваше интересот на домашните и на странските гости. И тогаш, како и сега, работиме исклучиво со претходна најава. Нудиме традиционална храна каква што подготвувале во Мариово нашите предци – месо печено под сач, домашен леб печен во фурна, сукани зелници, варива, манџи, домашни кашкавал и сирење, макала и други автентични јадења. Најчесто наши гости се учесници во кањонингот, планинари, но и други странски и домашни туристи. Често доаѓаат и дипломати. Имаме и 33 легла во собите, уредени во мариовски амбиент. Голем е интересот, но и натаму недостига добра инфраструктура, а проблем е и снабдувањето со електрична енергија“, вели Крстевски.

Но една атракција, изолирана приватна иницијатива и растечки интерес не се доволни за да се развие целата област.

Мариово не е само Зовиќ

Ако Зовиќ е една од највидливите точки, Мариово е многу поголема приказна. Регионот располага со природни предели, кањонот на Црна Река, планински терени, стари села, цркви и манастири, како и траги од различни историски периоди.

Меѓу нив се издвојува селото Градешница, препознатливо по автентичната мариовска камена архитектура и по големиот број стари цркви, претставувајќи значајно архитектонско и духовно наследство на Мариово.

Дел од богатото мариовско наследство е и селото Старавина, каде што се наоѓа родната куќа на Калеш Анѓа, симбол на македонскиот непокор. Куќата беше целосно реконструирана во 2014 година.

„Кањонингот е планинарење во река. Повеќе е спуштање низ реката, низ водотеци, скокање од карпи, лизгање по мазни камења – сè она што претставува еднодневна авантуристичка тура, која е безбедна, но бара и издржливост. Ние обезбедуваме сè што му е потребно на човекот за да дојде на кањонинг – костум, сигурносни појаси, јажиња, шлемови. Единствено што им треба на нашите гости е авантуристички дух. Кањонот е долг седум километри и изобилува со невидени убавини“Петар Нолев, „Маунтин солушн“.

Од друга страна, воената историја е силно присутна на Кајмакчалан, највисокиот врв на планината Ниџе, каде што се наоѓа спомен-комплексот изграден во чест на српските војници загинати во битката на Кајмакчалан. Тука е и планинското плато Добро Поле, каде што во септември 1918 година се случил пробивот на Македонскиот фронт за време на  Првата светска војна и каде што можат да се видат остатоци од ровови и бункери, кои раскажуваат приказна за овие историски настани и отвораат перспектива за развој на меморијалниот туризам.

Мариовски предел / Фото: Е.М.

Со цел туристите полесно и поавтентично да го доживеат културното и природното богатство на Мариово, во рамките на проектот „Рурална авантура“ се развиени аудиотури за локации во битолскиот дел на регионот. Содржините се достапни на четири јазици – македонски, англиски, француски и германски, а за македонскиот јазик се изработени и видеа на знаковен јазик. Идејата е посетителите самостојно да го истражуваат Мариово користејќи го својот мобилен телефон.

„Кај нас е проблем што нема туристички водичи за одредени локации и токму тоа беше мотивот за овие самоводечки тури. Станува збор за четиријазична алатка, која им овозможува на туристите самостојно да ги истражуваат и да ги доживуваат селата и локалните знаменитости. Тоа се прави преку веб-страницата www.ruraladventure.mk и преку апликацијата izi.TRAVEL. Се презема турата на мобилниот телефон, а од почетната точка се следи ГПС-траката. Кога посетителот ќе пристигне до одредена значајна локација, на избраниот јазик се активира аудионарација со туристички информации“, вели Јове Парговски, кој заедно со Митко Крстевски и други членови на Здружението „Оф роуд Македонија“ подолг период организира активности во областа на активниот туризам.

Тоа покажува дека регионот не почнува од нула. Постојат туроператори, сместувачки капацитети, локални угостители, патеки и туристички содржини. Но тие сè уште не се доволно поврзани.

Потенцијалот е одамна утврден, проблемите исто така

Мариово има значаен природен, историски и културен потенцијал, но туристичката понуда сè уште е недоволно развиена. Недостигаат сместувачки капацитети, ресторани, постојани кампови, професионални водичи и други услуги потребни за подолг престој. Ова го посочува во својата научна статија „Руралниот туризам како можност за економски развој на Мариовскиот регион во Република Македонија“ професорот Владимир Китанов од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Затоа, најголем дел од посетителите доаѓаат на еднодневни или кратки викенд-посети. Според Китанов, за да стане Мариово дестинација за подолг престој, не е доволна една атракција. Туристите треба да имаат избор од повеќе активности – пешачење, планинарење, велосипедизам, јавање коњи, off-road тури, лов, риболов и посета на културно-историски локалитети.

„Во Мариово само по себе нема или има многу мал туризам за подолг престој. Не е доволно Мариово да има единствена атракција. Кога ќе пристигнат, на туристите мора да им се понуди избор“, наведува тој.

Во тој избор, според трудот, треба да има и нешто што ќе го разликува Мариово од другите дестинации – можност посетителите да ги запознаат локалниот начин на живот, традицијата, производството и историјата на регионот.

„Нудиме традиционална храна каква што подготвувале во Мариово нашите предци – месо печено под сач, домашен леб печен во фурна, сукани зелници, варива, манџи, домашен кашкавал и сирење, макала и други автентични јадења. Најчесто наши гости се учесници во кањонингот, планинари, но и други странски и домашни туристи. Често доаѓаат и дипломати. Имаме и 33 легла во собите, уредени во мариовски амбиент. Голем е интересот, но и натаму недостига добра инфраструктура, а проблем е и снабдувањето со електрична енергија“Митко Крстевски, основач на семеен бизнис во Мариово.

Еден од најголемите потенцијали е развојот на руралниот туризам. Постојните домаќинства би можеле да се приспособат за сместување и пречек на туристи, но за тоа се потребни почетни средства, едукација, стандарди за квалитет и подобра организација.

Посебен потенцијал имаат традиционалната храна и локалните производи. Домашното месо и месните производи, сирењето, млекото, јајцата, домашниот леб, овошјето и зеленчукот можат да станат дел од туристичката понуда. Китанов посочува дека вредноста е токму во автентичноста – туристот да не добие само оброк, туку и да го запознае начинот на кој се произведува храната и традицијата на домаќинството.

Во истиот контекст го издвојува и традиционалното сточарство, кое може да се поврзе со руралниот туризам и со локалните производи. Така, зачувувањето на природата и на традиционалните дејности може да донесе и економска корист за локалното население.

Мариово располага и со специфични природни ресурси – планински предели, разновидни релјефни форми и пештери. Китанов ги издвојува Ниџе, Мелничката Пештера, со пештерски канали долги околу 700 метри, и пештерата Провалата.

Овие ресурси можат да бидат дел од специјализирана туристичка понуда, заедно со пешачките, велосипедските и off-road маршрутите.

Но, за да стане потенцијалот вистински туристички производ, потребни се подобра инфраструктура, уредени и обележани патеки, водичи, сместување и поврзување на различните услуги, се наведува во трудот.

„Напуштените села се составен дел од уникатната атмосфера на Мариово, обезбедувајќи им на посетителите чувство на изолација и бегство во недопрената природна средина. На овој начин, напуштените села би биле дел од туристичкото мариовско искуство“, посочува Китанов.

Општинската стратегија предвидува изградба на туристички населби во Мариово

Дел од проблемите идентификувани во научните истражувања се појавуваат и во Стратегијата за локален економски развој на Општина Новаци за периодот 2023–2028 година.

Општината како силна страна ги наведува „богатото културно-историско наследство и природните богатства“, кои нудат потенцијал за развој на рурален, меморијален и екотуризам.

Но, меѓу слабостите се наведуваат недостигот од сместувачки капацитети и незаинтересираноста на локалното население активно да се вклучи во развојот на општината.

Куќата на Калеш Анѓа / Фото: Општина Новаци

Во стратегијата како стратегиска цел е поставен развојот на руралниот, на меморијалниот и на екотуризмот преку искористување и промоција на културното, историското и природното наследство.

Предвидени се изработка на промотивни материјали, настапи на саеми, поставување табли и патокази, обележување туристички патеки, отворање туристички инфо-центар и изработка на физибилити-студија за развој на алтернативниот, на руралниот и на меморијалниот туризам.

Во Мариово се планирани и конкретни активности: уредување на патеката од Зовиќ до мостот, капалишта во Зовиќ и Градешница, летниковец во Градешница, едукативни екскурзии, фото-сафари, инфо-тури, етноработилници, астроучилница, како и велосипедски и 4×4 тури до Добро Поле.

Општината предвидува и изградба на туристички населби во Мариово од страна на приватни инвеститори, како и обезбедување сместувачки капацитети преку меѓународни фондови и донатори.

Општината ја става дигитализацијата во центарот на туристичката промоција

Од Општина Новаци велат дека развојот на туристичките потенцијали на Мариово и нивната поголема промоција се меѓу нивните приоритети. Во фокусот е проектот TOUR-HUB, преку кој се планира развој на дигитални содржини и интерактивни туристички искуства, со цел културното, историското и природното наследство на регионот да им биде подостапно на посетителите.

Во рамките на проектот се предвидени дигитални изложби, 3Д-реконструкции и други содржини со кои посетителите на современ начин ќе можат да ја запознаат историјата и традицијата на Мариово. Посебно место има дигиталниот музеј во Градешница, кој, според најавите, треба да се гради на местото на старата училишна зграда.

„Идејата е овој простор да биде повеќе од класичен музеј – да биде современ центар каде што историјата, традицијата и легендите на Мариово ќе се раскажуваат преку модерна технологија и содржини привлечни за сите генерации“, вели Стевче Стевановски, градоначалник на Новаци.

Во музејот се планира презентација на содржини поврзани со Првата светска војна, неолитското наследство, традиционалниот живот и локалните легенди. Предвидени се и документарни филмови, анимирани приказни и 3Д-реконструкции на значајни историски и културни локалитети.

„Особено ми е важно што преку овие содржини ќе им овозможиме на младите и на децата на интересен и современ начин да ја запознаат историјата на својот крај. Легендите и приказните, како онаа за Калеш Анѓа, не треба да останат само во сеќавањата на постарите генерации, туку треба да им ги пренесеме на младите преку јазик и технологија што ним им е блиска“, посочува градоначалникот.

Планот, сепак, не се ограничува само на дигиталниот музеј. Општината најавува поврзување на природните убавини, на историските локалитети, црквите и манастирите, на традиционалната храна, на пешачките и велосипедските патеки и на локалните приказни во единствена туристичка понуда.

„Нашиот план не завршува со дигиталниот музеј. Сакам Мариово да го поврземе во една целина – природата, историските локалитети, црквите и манастирите, традицијата, гастрономијата, пешачките и велосипедските патеки и локалните приказни. Само така можеме да создадеме туристички производ што ќе ги мотивира посетителите не само да дојдат, туку и да останат подолго“, вели Стевановски.

Според него, целта е од развојот на туризмот да имаат директна корист и жителите на регионот, преку отворање сместувачки капацитети, понуда на домашни производи и традиционална храна, туристички водичи и други локални услуги.

Од планови и иницијативи до одржлив туризам

Кога ќе се споредат научните истражувања, општинските стратегии и она што денес се случува на терен, јасно е дека голем дел од проблемите не се нови. Со години се посочуваат недоволната инфраструктура, недостигот од сигнализација и сместувачки капацитети, раселеноста, слабата координација и недоволната институционална грижа.

Во исто време, постојат нови планови, дигитални проекти и приватни иницијативи што покажуваат дека има интерес за Мариово.

„Нашиот план не завршува со дигиталниот музеј. Сакам Мариово да го поврземе во една целина – природата, историските локалитети, црквите и манастирите, традицијата, гастрономијата, пешачките и велосипедските патеки и локалните приказни. Само така можеме да создадеме туристички производ што ќе ги мотивира посетителите не само да дојдат, туку и да останат подолго“Стевче Стевановски, градоначалник на Општина Новаци

Но, за да стане Мариово вистинска туристичка дестинација, потребно е сите овие иницијативи да се поврзат во функционална целина – со инфраструктура, сместување, локални производи, патеки, водичи, активности и луѓе што ќе заработуваат од туризмот.

Затоа успехот нема да се мери само со бројот на посетители на Камениот мост или со бројот на организирани тури. Ќе се мери според тоа колку туристи ќе преноќат, колку ќе потрошат во локалните бизниси, колку домаќинства ќе се вклучат, колку стари куќи ќе оживеат и дали туризмот ќе создаде економска причина жителите да останат или оние што одамна се иселиле, да се вратат во Мариово.

Мариово одамна има потенцијал. Она што сè уште се чека е тој потенцијал да се претвори во реална, поврзана и одржлива туристичка приказна.

* Иван Дургутов е активист

** Емилија Мисирлиевски е новинарка

*Сторијата е преземена од Локал Актив Пелагонија, Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?