Убиен напаѓач пред израелската амбасада во Белград, црвен аларм за тероризам

фото: МВР Србија

Напаѓач е убиен откако со два ножа нападнал припадник на Жандармеријата кој ја обезбедувал Амбасадата на Израел во Белград. Полицаецот е полесно повреден, а српското Министерство за внатрешни работи го подигна нивото на опасност од тероризам на највисок, црвен степен. Министерот Ивица Дачиќ го квалификуваше инцидентот како терористички напад.

Нападот се случил околу 15 минути по полноќ во средата, 28 октомври, кога напаѓачот, според изјавата на Дачиќ, извикувајќи „Алаху акбар“, со два ножа се нафрлил врз припадник на Жандармеријата. Полицаецот употребил огнено оружје и го усмртил напаѓачот.

Повредениот припадник на Жандармеријата добил исеченица на лицето, но е во добра здравствена состојба и се очекува во текот на денот да биде пуштен од болница.

Според српските власти, постојат сомневања дека напаѓачот бил малолетник од Шабац, но неговиот идентитет сè уште не е официјално утврден.

Дачиќ изјави дека безбедносните служби претходно го следеле осомничениот и дека постојат индиции за негова поврзаност со терористичката организација Исламска држава. Како дел од овие сомневања, министерот наведе дека на профилот на напаѓачот на Инстаграм биле објавувани симболи на организацијата.

По инцидентот, српското МВР прогласи највисок степен на опасност од тероризам, што подразбира засилено полициско присуство и дополнителни безбедносни контроли на клучните локации низ земјата.

Ова е втор напад врз обезбедувањето на израелската амбасада во Белград во последните две години. Во јуни 2024 година, напаѓач со самострел тешко повреди припадник на Жандармеријата, по што беше убиен при полициска интервенција.

Истрагата за денешниот напад продолжува.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?