Петчлена комисија на Врховното јавно обвинителство на Србија почна проверка на законитоста на работата на Вишото јавно обвинителство во Белград. Меѓу првите предмети побарани од раководителот Ненад Стефановиќ се „Настрешница“, „Звучен топ“ и „Сењак“, објави „Данас“.
Според извор на весникот од Врховното обвинителство, контролата опфаќа јавно експонирани предмети за кои постојат сомневања дека биле користени за пресметка со политички противници или за поблаго третирање лица блиски до власта на Александар Вучиќ.
Доколку при проверките се појави основано сомневање за сторено кривично дело, според сознанијата на „Данас“, можно е поведување предистражна или кривична постапка и против обвинителот што го водел предметот.
Проверката се спроведува по задолжително упатство на врховната јавна обвинителка Загорка Доловац, доставено до сите 87 обвинителства во Србија, вклучувајќи го и Обвинителството за организиран криминал.
Главните обвинители и нивните заменици се должни без одлагање да ѝ овозможат на комисијата увид во секој конкретно побаран предмет и да обезбедат услови за нејзината работа. Упатството опфаќа надзор над постапувањето за повеќе видови кривични дела, меѓу кои и дела против изборните права, слободите на граѓаните и службената должност. Непостапувањето по него претставува дисциплински прекршок.
Вишото јавно обвинителство во Белград потврди дека на комисијата ѝ овозможило увид во сите побарани предмети. Оттаму наведуваат дека ова е четврти комисиски надзор во последните две години и дека во истиот период доставиле десетици предмети на контрола во Врховното обвинителство.
Белградското обвинителство ги оцени како несоодветни насловите и информациите во дел од медиумите, тврдејќи дека постапува исклучиво според Уставот и законите на Србија.
Предметот „Настрешница“ е поврзан со падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, додека „Звучен топ“ се однесува на наводите за употреба на акустичен уред врз учесници на протест во Белград. Контролата треба да го испита обвинителското постапување, а нејзините наоди допрва се очекуваат.

