Три дронови денеска погодија товарен брод во Црното Море, во близина на бугарскиот брег. Според првичните информации, спасени се сите 18 членови на екипажот. Нападот се случил токму за време на средбата на министрите за одбрана на Бугарија, Романија и Турција во Софија, посветена на безбедноста во Црното Море.
Бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов го потврди нападот на прес-конференција по тристраната средба, наведувајќи дека контејнерскиот брод бил погоден од три дронови, на приближно 21 наутичка милја југоисточно од Шабла.
Станува збор за бродот „CONTSHIP JET“, кој пловел под либериско знаме, на пат од израелското пристаниште Хаифа кон романското пристаниште Констанца.
По нападот, екипажот го напуштил бродот и се евакуирал со спасувачки сплавови. Според првичните информации, сите 18 морнари се спасени, а засега нема податоци за повредени или за степенот на оштетување на бродот.
„Додека траеше оваа средба, контејнерски брод во блиското море беше погоден од три морски дронови“, изјави Стојанов.
Инцидентот се случува во период на зголемени безбедносни ризици во Црното Море, каде што во изминатите недели се регистрирани повеќе напади врз трговски бродови.
На 16 октомври Европскиот совет ја посочи Русија како одговорна за претходните напади со дронови врз трговски бродови во економските зони на Бугарија и Романија, повикувајќи на обезбедување непречена и безбедна пловидба.
Сепак, засега не е утврдено кој стои зад денешниот напад.
Бугарија, Романија и Турција, сите три членки на НАТО, разговараат за засилување на соработката, размената на информации и воспоставување механизам за побрза реакција при закани за поморскиот сообраќај.
Бугарскиот министер за одбрана предупреди дека ризиците во Црното Море секојдневно се зголемуваат и дека трите држави мора заеднички да дејствуваат за да ја гарантираат безбедноста на пловидбата.

