Директорката на Радио Телевизија Србија, Мања Грчиќ, поднесе оставка на 28 октомври, по барањата на дел од вработените и претставниците на студентската листа за нејзино повлекување. Во образложението навела дека одлуката ја донела по внимателно разгледување на околностите во кои функционира јавниот сервис, оценувајќи дека треба да се овозможи непречено продолжување на неговата работа.
Грчиќ побарала Управниот одбор да ги преземе потребните чекори за континуитет во раководењето и законско примопредавање на должноста. Навела и дека е подготвена да соработува за постапката да помине без последици врз работата на РТС.
Оставката следува по неколкудневни барања за одговорност во јавниот сервис. Дел од вработените, обединети во неформалната група „Наш протест“, побараа повлекување на целото раководство, особено на уредниците на Информативната програма. Тие ја поврзаа потребата од промени со досегашното известување и со почитувањето на професионалните стандарди.
Барањата ги поддржа и синдикатот „Слога“ во РТС, кој повика на одговорност за состојбата во медиумската куќа и нарушената доверба на граѓаните. Студентите, преку отворено писмо, побараа оставки на директорката, нејзиниот заменик и уредништвото на Информативната програма, како и привремена управа именувана во согласност со законот.
Само еден ден претходно, на 27 октомври, беше објавено дека Грчиќ на средба со претставници на два репрезентативни синдиката одбила да поднесе оставка. Според тогашните информации, повикувајќи се на извор од разговорите, таа образложила дека не може да ја остави институцијата без директор.
Управниот одбор ја избра Грчиќ за генерална директорка на 11 февруари годинава, со петгодишен мандат. Таа стана првата жена на чело на српскиот јавен сервис. Пред изборот работела во повеќе домашни и меѓународни медиуми, меѓу кои Би-би-си, Б92, „Пинк“, „Танјуг“ и К1.

