Со цел да им се даде ветер во грб на земјите-кандидатки за членство во ЕУ и со цел истите што побрзо да се подготват за интеграција во заедничкиот земјоделски систем, Европската комисија преку инструментот за претпристапна помош ИПАРД им нуди помош, можности и поддршка на земјите-кандидатки за членство во ЕУ со цел да достигнат задоволителен рурален развој, како и солидно ниво на одржливост и самоодржливост во сите земјоделски сектори.
На тој начин, преку ИПАРД се овозможува зголемување на ефикасноста и продуктивноста на земјоделското производство преку воведување на модерни и иновативни техники за обработка, рационализација на трошоците и зголемена конкурентност на пазарот на трудот.
Накусо кажано, ИПАРД е акцелератор на нашите интегративни процеси. ИПАРД како развоен фонд им дава директна поддршка на корисниците, ги зајакнува нивните капацитети, ги подобрува работните процеси и води кон позитивни промени и трансформација, а тоа истовремено се рефлектира и на животниот стандард и на економијата во државата.
КАДЕ БЕВМЕ?
Ако се вратиме само десеттина години наназад, ИПАРД беше неискористен, а парите враќани назад во буџетот на ЕУ. Добивавме помош која ја враќавме заради некадарноста да дизајнираме ефикасен процес за кревање на видливоста и олеснување пристап кон програмата. ЕУ тоа го квалификуваше како ”неефикасно спроведување на претпристапната програма за рурален развој”. Во одреден момент, заради лоши одлуки и погрешни стратешки определби бевме во ризик да го изгубиме овој исклучително важен инструмент. Во политичка смисла, успешен ИПАРД може да значи и отежнат пристап до потенцијалните гласачи, кои откако ќе стекнат самодоверба и самостојност, се потешко стануваат плен на политички манипулации. А, тоа не секому му оди во прилог.
КАДЕ СМЕ СЕГА?
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски говори каде сме денеска и што е постигнато со приближувањето и максималната искористеност на можностите за земјоделците од ИПАРД програмата
„Денес ИПАРД е видлив, денес ИПАРД е насекаде, денес секој знае за ИПАРД. Денес сме регионални лидери, а пред само неколку години бевме аутсајдери. Стотици реализирани настани на терен помеѓу земјоделците и преработувачите со цел да бидат анимирани и да добијат навремени и точни насоки. После ИПАРД 1 и 2, успешно пловиме кон максимална реализација на ИПАРД 3“, велиНиколовски.
Министерот укажува дека искористеноста на ИПАРД 2 достигна рекорд од речиси 97% искористеност на средства и дека денес речиси и да нема општина каде не се реализирал или е во реализација некој проект финансиран од ИПАРД.
„Заради одличните резултати, ЕК за ИПАРД 3 ни додели 97 милиони евра, додека заедно со кофинансирањето од државата и апликантите, вкупната вредност на Програмата ИПАРД 3 достигнува 210 милиони евра, средства кои треба да се реализираат во следните 7 години“, посочува Николовски.
За дополнително да се зголеми интересот и реализацијата на проекти, со новата ИПАРД 3 Програма предвидена е можност за авансна исплата до 50% од финансиската поддршка.
„Она што треба да се напомене е дека ова се неповратни пари, тоа не е задолжување на нашите граѓани, тие пари на ЕУ не треба да ѝ ги вратиме, а со нив ќе се финансираат проекти во земјоделството, во инфраструктурата, во нови работни места и локален економски развој“, укажува министерот Николовски.
Она што е посебно важно е дека ИПАРД програмата во Македонија е целосно инклузивна, овозможува фер услови и еднаков пристап за сите.
„Многу изградени инвестиции, многу реконструирани објекти, набавки на модерна механизација, изградба на инфраструктура, производство на алтернативни земјоделски производи, јакнење на руралниот туризам… Тоа овозможи да имаме зајакнат и модернизиран агросектор и рурален развој“ истакнува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Земјоделците се мобилизирани, вели тој и бројот на апликации руши рекорди, а ние фокусирано работиме на акредитирање на нови мерки за поддршка на земјоделците.
Од сето ова сосема е логичен заклучокот дека со заложбата за промоција и олеснување пристап до ИПАРД програмата, македонските земјоделци од аутсајдери станаа лидери во регионот!
Р. Р.