Жените сè уште не се добредојдени на раководните места во политиката

Родовата нееднаквост е сѐ уште широко распространета во нашето општество. Актуелната поделба на власта и управувањето сè уште е далеку од постигнување на целосен родов паритет – односно еднаква распределба на раководните функции меѓу жените и мажите. Тоа неминовно не води до заклучокот: Колку се подлабоки родовите разлики толку е понееднакво општество

А едно општеството е силно колку што е силна жената и затоа треба да се создаваат услови жените да се таму каде што се носат одлуките.

Во текот на изминатата деценија, во Република Северна Македонија беа спроведени многубројни иницијативи и активности насочени кон подобрување на статусот на жените во секој аспект на јавниот живот. Сепак, родовата нееднаквост е сѐ уште широко распространета во нашето општество. Актуелната поделба на власта и управувањето сè уште е далеку од постигнување на целосен родов паритет – односно еднаква распределба на раководните функции меѓу жените и мажите.

Ова се констатациите од последното истражување на Здружението „ХEРА“ – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

Овој индикатор е клучен за обезбедување еднакво учество на жените во власта, еднаков пристап до процесите на одлучување и рамноправна распределба на моќта во општеството. Решавањето на овие прашања не претставува само прашање на социјална правда, туку и стратешка неопходност за одржлив и правичен развој.

Што покажуваат податоците?

Жените сè уште се политички недоволно застапени на сите нивоа на власт. Можеме да кажеме дека најголемиот напредок е постигнат во Собранието и во општинските совети, бидејќи Изборниот законик предвидува најмалку 40 отсто од кандидатите да бидат од помалку застапениот пол. Како резултат на тие измени, значително се подигна застапеноста на жените во Собранието и во општинските совети.

Сепак, пристапот до структурите за одлучување за некои групи жени, какви што се Ромките, жените од руралните средини и жените со попреченост, и понатаму останува отворено прашање.

Таму каде што нема квоти, во континуитет гледаме мал број на жени. Доколку се погледнат составите на сите Влади во периодот 2014 – 2024, се забележува дека вкупниот број на жени министерки се движел од 2 до максимум 5 министерки, во владите на Заев (по 4 во двете) и во Владата на Димитар Ковачевски – 5). Овие исклучоци сепак не го порекнуваат фактот дека овој тренд на слаба вклученост на жените во високата политиката, е негативен тренд кој се провлекува со години наназад – од осамостојувањето до денес.

За вкупниот период од десет години, од 2014 до 2024 г., во кој во државата се смениле 8 претседатели на Влада (вклучувајќи 3 технички влади), вкупниот број жени на министерски позиции се движел од 2 до максимум 5 министерки во состав на владите. Пресметаниот процент изнесува од 14 % до 31 %, во зависност од бројот на ресорните министерства, кој се движи од 14 до 20 ресорни министерства низ годините.

Процентот на жени, пак, како дел од вкупниот број членови на Владата, вклучувајќи ги и министрите без ресор, е уште понизок и се движи од 8 % до 20 %. Тоа е една мошне разочарувачка статистика во разгледувањето на целокупната состојба на родовата застапеност во извршната власт

Навистина е обесхрабрувачко да се признае дека во текот на едно десетлетие нема потврден ниту некој особен нагорен тренд кој би се одржал во корелација со некое значајно зголемување на учеството на жените во извршната власт. Напротив, се забележува и одреден пад на застапеноста на жените, што несомнено предизвикува загриженост во врска со долгорочните импликации за постигнување родова еднаквост.

Албанија е лидер во регионот по застапеност на жените во извршната власт.
Од земјите во регионот високо се издвојува Албанија со 66,7 %, во која Владата формирана во септември 2021 г. од страна на Еди Рама ја сочинуваат 12 жени од вкупно 17 членови на Владата. Тоа е највисок процент во историјата на Албанија, иако според најновите податоци на ОН, кои датираат од јануари 2021 година, Албанија се рангираше на 5. место со 9 жени во кабинет од 16 лица.

Само 5 до 9 директорки во 128 културни институции за десет години

Во доменот на локалното управување постојат вкупно 128 јавни институции, кои се исклучиво посветени на унапредување и развој на културниот сектор (како народни театри, културни домови, библиотеки и сл.). Од добиените информации за директорки од 76 општини, следејќи го десетгодишниот период, бројот се движи од 5 до 9 директорки во 128 јавни институции од областа на културата на годишно ниво, или од 3,9 % до 7 %. Ако се анализира трендот низ годините, може да се констатира одредено зголемување на застапеноста на жените кои заземаат раководни улоги во јавните институции во секторот култура, особено евидентно во периодот 2019 – 2020 година. Зголемувањето, иако минимално, бележи повторен благ пад по 2020 година, што во целост предизвикува значителна загриженост. Линијата на ова минимално зголемување и намалување може да се забележи со следниот графикон.

Како и да е, може да заклучиме дека се работи за учество на жени на раководни функции во областа на културата на локално ниво кое се изразува во едноцифрена бројка и процент од 7 % и помалку, што воопшто не ја одразува родовата еднаквост. Особено затоа што во областа на културата бројот на вработени жени е речиси еднаков на бројот на мажи. Очигледно дека и таму каде што жените се доволно застапени, не успеваат да направат пробив до раководните функции.

Во образование повеќе жени генерално, но помалку од мажите на раководните места

Од сеопфатните 232 општински основни училишта, документирано е дека жените биле именувани за директорки со стапка од 30 % во 2016 година, а овој процент изнесува 38,7 % во 2022 година. Податоците укажуваат на поголема застапеност на жените директорки во рамки на образовниот сектор, за разлика од културните установи, во кои се 3-4 пати помалку застапени (иако и едните и другите се назначуваат од страна на локалната самоуправа).

Секако, овој процент има можност за понатамошен пораст до степен на целосен родов паритет, особено ако се има предвид дека бројот на вработени жени во основното образование е поголем од бројот на мажите и изнесува 66,1 %. Очигледно, и покрај големото присуство на жените во секторот, мажите како директори се застапени со околу 67-70 %, додека директорките со околу 30-33 % во просек. Ситуацијата повторно може да се припише на различни системски прашања, најверојатно поврзани со стереотипите и предрасудите за жени на раководни позиции, како и со перцепциите за можностите и способностите на жените да раководат.

Со други зборови, на 10 лица вработени во основните училишта, има околу 7 вработени жени и 3 вработени мажи. Сепак, соодносот е обратен кога станува збор за раководните лица на овие институции. Така, на 10 основни училишта има 7 мажи назначени како директори, додека само 3 жени се назначени за директорки.

Во средните училишта жените се мнозинство генерално, а малцинство на раководни функции

Во однос на жените на раководни позиции во општинските средни училишта, најмал процент е забележан во периодот од 2014 до 2016 година – 6,9 %, а највисок од 12,4 % во 2023 година. Сепак, овие бројки не ја задоволуваат родовата застапеност на жените во средните општински училишта, особено ако се има предвид дека жените во средното образование сочинуваат 58,6 % од просветните работници. И покрај тоа што застапеноста на жените се доближува речиси до 60 %, процентот на застапеност на жени директорки не бил поголем од 12,4 % за време на цело десетлетие. Трендот на директорки на општинските средни училишта се зголемува сосем минимално во периодот од 2014 до 2023 година и се движи во рамки на статистичка грешка секоја наредна година. Имајќи предвид дека има вкупно 129 средни училишта во целата држава, од кои 35 се во надлежност на Град Скопје, тогаш може да се види дека процентот на директорки е многу мал во споредба со директорите.

Како заклучок, би можеле да наведеме дека, без насочени иницијативи кон отстранување на бариерите за влез на жените на раководни позиции во областа на образованието и со минимален напредок во една цела деценија, ризикуваме да го попречиме потенцијалот за трансформативно лидерство во училиштата. Ова бара заеднички напор од креаторите на политиките, образовните институции и градоначалниците да создадат услови кои ќе го поттикнуваат женското лидерство.

Жените доминираат во сферата на детската заштита што го потврдува стереотипот.

Културолошките норми и традиционалните ставови наметнуваат да жените и понатаму се перципираат како главно одговорни за домашните обврски и грижата за децата, а помалку способни да бидат на лидерски и раководни позиции. Поради одговорностите за домашните задачи и грижата за деца или постари лица, жените се ограничени во учеството на настани, вмрежување или чести патувања кои се надвор од работното време, а кои можат да им помогнат во професионалниот напредок.

Препораки има, нема кој да ги примени

Во однос на раководните места во јавната администрација, во 2019 година, предложен е закон за висока раководна служба заснован на мерит систем и професионално унапредување, но истиот е повлечен за доработка и усогласување.

И уште е на доработка и усогласување.

Овој закон може исто така да предвиди афирмативни мерки во насока на селекција на помалку застапениот пол во услови на еднаква исполнетост на условите. На тој начин би можела да се надмине секторската нееднаквост која покажува дека жените доминираат во секторите како култура, здравство и образование, но се речиси отсутни во енергетиката, економијата и транспортот.

Промовирање политики кои создаваат подржувачка работна средина за жените, вклучувајќи флексибилни работни аранжмани, родителско отсуство и мерки против дискриминација. Овие политики можат да помогнат да се задржат жените на раководни улоги и да се поттикнат повеќе да влезат на теренот. Затоа е исклучително важно да се работи на системски решенија кои ќе значат и можност за баланс во професионалниот и личниот развој на жените. Носење на нов закон за работни односи кој ќе обезбедува родителско и татковско отсуство треба да биде приоритет.

Во делот на препораките е и потребата од континуирани програми за обука за надминување на родовите нееднаквости.

Се разбира, во овој дел од посебна важност е јакнењето на соработката со граѓанските организации и релевантните тела бидејќи нивното искуство од теренот и експертизата за овие прашања е исклучителен важен ресуср за пополнување на провалијата на нееднаквоста меѓу жените и мажите во нашето општество.

Зачлени се на нашиот е-билтен