Медиумската платформа на Цивил е честа мета на сајбер напади. Утрото на 15 јануари (недела) започна масивен ботнет (botnet) сајбер напад на медиумската платформа на Цивил. Најверојатно се работи за SYN flood attack, што е тип на ДДоС напад (DDoS – Distributed Denial of Service) преку кој напаѓачите се обидуваат да ја срушат нашата медиумска платформа, пишува Џабир Дерала, главниот и одговорен уредник на Цивил Медиа, во денешниот едиторијал.
Сајбер нападите со кои ние се соочуваме, најчесто се изведуваат во текот на викендот или во празнични денови, но неретко и во текот на работната недела. Најновиот напад се за одбележување поради обемот, жестината и долготрајноста. Се работи за еден од најголемите и најскапите сајбер напади врз медиумската платформа на Цивил во последните неколку месеци, посочува Дерала.
Тој посочи дека со безбедноста на медиумската платформа на Цивил се занимаваат врвни професионалци во областа на сајбер безбедноста.
Тие се деноноќно на првата линија на сајбер одбраната на Цивил. Без нивната стручност, посветеност и будност, нашите читателки и читатели би биле далеку од можноста да ги следат содржините во продукција на Редакцијата и автор(к)ите кои соработуваат со Цивил. Читателките и читателите можат да препознаат кога ЦивилМедиа е под напад кога, пристапот до одредена содржина е побавен од обично или минуваат низ автоматизирана сајбер проверка. Таа постапка трае една до две секунди, по што тие можат сосема безбедно да ги проследат нашите медиумски прилози.
Дерала ги анализира ботнет нападите чија мета се онлајн каналите на платформата Цивил.
Ботнет напади (botnet attacks) е секој напад што користи ботнет – група на ботови и уреди поврзани заедно за извршување на истата задача – за дистрибуција и скалирање. Нападите на ботнет се користат од сајбер-криминалци за да извршат интензивно преземање на податоци (scraping), DDoS и други сериозни сајбер напади.
Инаку, термините бот и ботнет имаат различно значење. Бот (познат и како интернет бот, веб робот итн.) е софтверска програма, додека ботнет е група на уреди преку кои се извршува одреден тип на сајбер криминал. Терминот ботнет е, всушност, кратенка за „мрежа на роботи“, што се однесува на група роботски уреди (компјутери, мобилни телефони, IoT уреди) кои се под контрола на напаѓачот. Вообичаено, уредите во мрежата од роботски уреди, ботнет, се заразени со малициозен софтвер, а напаѓачот што го контролира ботнетот се нарекува „бот овчар“. Уредите, пак, што се под контрола „бот овчарот“ се нарекуваат „зомби уреди“.
Ова дотука е повеќе или помалку, вокабулар на информатичарите и експертите за сајбер технологии. Преведено на секојдневен јазик, можеме да констатираме: Нѐ напаѓаат криминалци, овчари и зомби, заразени со малициозност. Мора нешто многу добро да правиме штом толку многу пари трошат за да извршат такви жестоки напади против тоа што го мислиме, зборуваме и објавуваме. Злосторниците нѐ сметаат за опасни, па затоа и вложуваат толку напори и пари за да ни застанат на патот. Им благодарам за комплиментот, посочува Дерала.