Живот во Zeitenwende (2. дел)

Или: Како да се избегне самозалажувањето во ерата на Студената војна 2.0? – Политички есеј објавен во интернет порталот на англиски јазик Civil.Today; во соработка со Хедер Роберсон Гастон

ЏАБИР ДЕРАЛА

(продолжение од 1 дел)

Како чинители на граѓанското општество, ние сме подготвени да го преземеме нашиот дел од работата, да се ангажираме секој ден, да ги повикаме луѓето во демократското јато и да ја зајакнеме свеста за сè што им го попречува патот. Но, лидерите како што е г. Шолц поседуваат неизмерна моќ – моќ што ја гледаме секој ден како функционира – да ги обликуваат и прошируваат патеките кон демократијата по кои, разумно е да се очекува, луѓето сакаат да чекорат. Во тој процес, честопати, само една личност може да биде засегната од отворањето или затворањето на патот кон демократијата, а друг ден, тоа може да бидат само двајца или тројца.

Но, постоењето на такви патишта е, сепак, од клучно значење и честопати се сведува на дејствијата кои растечките автократи веруваат дека можат да ги преземат и до каде можат да ги турнат своите сојузи со моќни држави и институции. На крајот, знаеме дека не се работи само за еден живот, два животи или три, туку за ефектот на бранување што се проширува нанадвор од секој живот во нашиот меѓусебно поврзан свет. Тоа е ефект кој може да ја зајакне или поткопа демократијата на локално ниво, се разбира, но кој исто така, пред и да го видиме тоа, може да има трајни ефекти врз светот.

Путин води бескрупулозна, нехумана и брутална војна против Украина. Но, тој води и војна против западните демократии, и го обнови натпреварот за влијание во земјите на Западен Балкан во тој процес. Тоа што не го повлекол чкрапалото против цел свет не значи дека не сака. Единствената причина е што тој не може да го направи тоа.

Освен тоа, вклучувањето на регионалните и меѓународните коалиции не мора да значи дека антидемократските влади треба да се толерираат и дека тие и навистина ќе се толерираат. Ова е јасно наведено во Стратегијата за национална безбедност на Соединетите Држави, која г-дин Шолц ја цитира само делумно, веројатно за да му послужи на неговата теза во втората половина од неговиот есеј.

Стратегијата вели дека „за да ги направиме нашите коалиции што е можно поинклузивни, ние исто така ќе работиме со која било земја што поддржува поредок заснован на правила, додека продолжуваме да вршиме притисок и кај сите партнери да ги почитуваат и унапредат демократијата и човековите права“ (страница 16).

Според оваа политика, очигледно, клучно е не само да се интегрираат и поддржуваат оние држави кои го почитуваат меѓународниот поредок надворешно, во нивните интеракции со моќните држави, туку и оние држави кои го почитуваат сопственото население, промовирајќи демократски дијалог, човекови права, и слобода за сите во нивните граници.

„Овие демократски сојузници и партнери се, исто така, суштински за поддршка на демократијата и човековите права ширум светот. Активностите за зајакнување на демократијата и одбраната на човековите права се од клучно значење за Соединетите Држави, бидејќи не само што тоа е во согласност со нашите вредности, туку и затоа што почитувањето на демократијата и поддршката за човековите права промовираат глобален мир, безбедност и просперитет. Глобалните закани против одговорното и транспарентно владеење го загрозуваат и нашиот сопствен демократски систем. Постојано ќе го ажурираме нашиот опсег на алатки за унапредување на демократијата и спротивставување на авторитаризмот. Претседателската иницијатива за демократска обнова квалитативно ја зголемува нашата способност за борба против дефинирачките предизвици од 2020-тите, како што се големата корупција, дигиталната репресија и нападите врз изборите и независните медиуми“, се вели понатаму во Стратегијата (страница 17).

Сепак, г-дин Шолц дава прилично јасни и реалистични визии за светот во заклучокот на есејот, пишувајќи дека „… ние не можеме да го вратиме времето назад, но можеме да ја одвратиме плимата на агресија и империјализам.“

„Денешниот комплексен, мултиполарен свет ја прави оваа задача уште повеќе предизвикувачка“, пишува Шолц, „За да го спроведе тоа, Германија и нејзините партнери во ЕУ, САД, Г-7 и НАТО мора да ги заштитат нашите отворени општества, да застанеме во одбрана на нашите демократски вредности и да ги зајакнуваме нашите сојузи и партнерства“.

Овие зборови ми влеваат надеж дека германскиот канцелар останува бранител на демократијата и дека неговата политика ќе остане во склад со германската стратешка ориентација за поддршка на демократските процеси во земјите ширум светот.

Сепак, тој останува двосмислен до самиот крај, одразувајќи ги неговите не секогаш решителни политички ставови во критични моменти, како оној со повикот да се испратат Лео 2 за зајакнување на одбранбениот капацитет на Украина и борбата за слобода.

„Но, мора да го избегнеме искушението уште еднаш да го поделиме светот на блокови“, пишува г-дин Шолц во истиот пасус, цитиран погоре.

Се надевам дека тоа е само манир на изразување, дека тој не заборава кој го подметна пожарот и кој му се заканува на светот со нуклеарно оружје и уништување. Помина времето на дипломатска попустливост и дијалог заради дијалогот (т.е. одложување на решенијата). Путин му покажа на светот – на најкрвав начин – што значи кога Западот избира учтиво да ги затвори очите пред агресијата што се наѕира. Нема простор за дијалог, кога идеологијата на другата страна значи „смрт за Западот и неговата демократија“. Дијалогот за ликови како Путин значи слабост.

Г-дин Шолц и другите политички лидери би можеле да размислат за ревидирање на начинот на размислување и дејствување што може да имплицира прифаќање на можноста за „работа со не толку демократски влади“ – политика што ја поттикнува и легитимира автократијата. Особено затоа што надворешната политика на САД е многу посложена отколку што е опишано во есејот на г-дин Шолц.

И да – сите ние живееме во Zeitenwende.

1 дел

Целосниот текст во оригинал е објавен на 29 март 2023 под наслов Living the Zeitenwende (Civil.Today)

Хедер Роберсон Гастон е експертка за човекови права; експертка за Балканот; авторка на графичкиот роман Македонија: Што е потребно за да се запре војната; живее и работи во Шарлотсвил, Вирџинија и Њујорк Сити.

Извор: CivilMedia

Зачлени се на нашиот е-билтен