Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зошто народите пропаѓаат?

Механизмот на одржување на постојана автократија – „екстрактивни институции“ – е комбинација од репресија, корупција, бирократска машинерија и комбинација на интересни групи – од политичари, бизнисмени под заштита на државата, локални „поглавици“, медиумите, па дури и верските водачи

Пишува: Александар САВАНОВИЌ*

Како што стареам, сè помалку читам „сериозна“ научна литература, а сè повеќе сакам литература. Сепак, неодамна добив препорака за книга чиј наслов е толку интригантен што човек не може а да не ја прочита – тоа е делото „Зошто народите пропаѓаат“ од 2012 година. Авторите Дарон Асемоглу, професор по економија на МИТ, и Џејмс Робинсон, професор по устав на Харвард, ја предлагаат и анализираат хипотезата дека економскиот, културниот и секој друг успех на нациите и државите е директно условен од политичкиот систем воспоставен во нив.

Тоа е класична тема на политичката теорија и варијација на прашањето што е постаро – кокошката или јајцето: дали либералните и инклузивни политички системи се услов за економски и друг просперитет на луѓето, или е обратно: политичките слободи се можни само во економски развиени и богати општества. Тоа ни е важно затоа што аргументот од типот: „прво треба да се консолидираме, па потоа да се занимаваме со индивидуалните слободи“ е омилената мантра на нашите реакционери и поддржувачи на автократиите. Секојдневно слушаме дека не можеме да избегнеме ниту драстични ограничувања на личните слободи, како што е „законот за клевета“, ниту пак значително да го подобриме стандардот на граѓаните, додека не се ослободиме од протекторатскиот статус во БХ. Асемоглу и Робинсон убедливо докажуваат дека работата е токму спротивното: индивидуалните и политичките слободи се директно пропорционални со нивото на благосостојба во едно општество и се неговата клучна причина.

1.

Авторите ја поддржуваат оваа теза со анализа на цела низа историски примери. Еден особено важен случај е „Славната револуција“ во Британија во 1688 година, која енормно го зголеми демократскиот капацитет на граѓаните, кои почнаа интензивно да учествуваат во политичкиот и економскиот живот. Тој пресврт на крајот доведе до огромен економски скок, кој денес го знаеме како „индустриска револуција“. Сличен тек на настаните може да се следи и во американскиот случај: САД создадоа Устав „кој се засноваше на демократски принципи, воведе строги ограничувања за употребата на политичката моќ и ја прошири оваа моќ на голем број членови на општеството“, кој ја постави основата за неверојатниот успех на САД.

Овде не можеме да навлеземе во опширен опис на историските специфики со кои се занимаваат авторите – како што се сегрегацијата, граѓанската војна, правата на жените итн. – но тие докажуваат дека и во овој случај важи основната хипотеза: „Уставот на слободата“ на крајот создава материјално и културно богатство. Одговорот зошто е тоа така е суштински тривијален: богатството е резултат на човечки труд и креативност. Колку повеќе слобода им е дозволена на овие сили, толку повеќе ќе создаваат. Можеби најдобриот дел од книгата е делот во кој авторите ја забележуваат важноста на системот за патенти и законите што ја оневозможиле корупцијата. Тоа ги мотивирало луѓето да создаваат, уверени дека нема да им биде конфискуван имотот во име на „повисоки“ или „национални“ цели што ги одредува некоја влада. Статистиката за патенти во САД покажува една важна работа: новите пронајдоци се подеднакво застапени во сите слоеви на населението, а не само во кругот на елити и земјопоседници. Всушност, повеќето од нив не потекнуваат од најбогатите или меритократските елити, туку од „обичните“ граѓани, кои се збогатиле врз основа на нивната креативност.

Тој систем функционира и денес: не е случајно што Бил Гејтс и Стив Џобс се појавија и ги создадоа своите огромни богатства токму во најслободното општество на денешницата. Значи, политичката револуција која воспоставила политички поредок кој ги гарантира индивидуалните слободи на луѓето (како што се имотните права, слободата на говорот итн.) го овозможила економскиот и секој друг подем на тие општества.

Зошто таква револуција не се случила во Мексико или Египет? Египет се ослободил од странска окупација во 1952 година, а сепак останал сиромашен: египетските граѓани останаа на околу 10% од приходот на граѓаните на САД или Велика Британија. Зошто? Бидејќи тие не ја извршиле истата револуција како Британците во 1688 година – дозволиле странските освојувачи да бидат заменети со домашен автократски режим (често обична марионета на надворешни експлоататори со кои го делат пленот на националното богатство). Наместо робување на странците, тие прифатиле ропство под „своите“. Револуцијата пропаднала затоа што оние кои го собориле странскиот окупатор не воспоставиле вистински демократски институции. Звучи познато?

2.

Посебно се уверливи компаративните анализи на општества/држави кои припаѓаат на иста културна традиција, составени од граѓани од иста нација и верска припадност, а се наоѓаат на иста географска локација, односно со исти природни ресурси. Ова е методолошки важно, бидејќи во ситуација кога имате среќа да имате нафта на вашата територија, тогаш можете да успеете економски под секој режим, вклучително и шеријатот.

Книгата започнува со анализа на градот Ногалес, чиј северен дел е во САД и јужен дел во Мексико: иако имаат речиси идентична етничка структура, тие дијаметрално се разликуваат во однос на приходите, здравјето и очекуваниот животен век на населението, образуваноста итн. На нашиот читател веднаш му паѓаат на ум многу попознати слични примери: Северна и Јужна Кореја, Источна и Западна Германија се парадигматични примери за ефектите на различни политички системи во услови кога сите други параметри се исти.

Зошто граѓаните во Северна Кореја или Источна Германија се толку многу посиромашни од нивните колеги од другата страна на ѕидот? Корените на овие проблеми се од политичка природа. Овие земји се сиромашни затоа што во нив нема вистинска либерална демократија, туку „владеат малубројни елити“ … „политичката моќ е концентрирана“ и се користи за целите на политичката и економската олигархија, а граѓаните ги изгубиле механизмите на потчинување на овие елити на нивната волја. Спротивно на тоа, земјите како Обединетото Кралство или САД „станале богати затоа што нивните граѓани собориле моќни елити и создале општество во кое политичките права ги имаат многу поголем број луѓе, во кое владата е принудена да одговара пред граѓаните и да реагира на нивните барања“. Во такви земји не е можно јазот меѓу мандатно избраниот претседател на државата и обичните граѓани да биде како, на пример, во Египет, каде претседателот Мубарак во моментот на соборувањето имаше богатство од 70 милијарди долари. Ниту да има сопственост и влијание врз десетици компании, како што е случајот во некои други „републики“.

3.

Книгата на Асемоглу и Робинсон го тематизира прашањето кое е можеби уште поважно за нас: зошто на некои народи им е толку тешко да воспостават вистински демократски институции? Сосема лесно можеме да прифатиме една убедлива основна теза: ако сите работи се еднакви, по дефиниција општеството што е послободно ќе биде побогато. Но, натамошното прашање е: зошто некои народи не воспоставија систем кој би спречил узурпација на политичката моќ од домашната политичка класа? Зошто истите луѓе со децении на власт во одредени „демократски“ земји се доживотни монарси. И конечно, но најважно: зошто луѓето прифаќаат да емигрираат во земји со вистински демократски политички системи наместо да градат такви системи во својата земја.

Одговорот се провлекува низ пасусите од целата книга, а особено убедливо е илустриран во поглавјето „Проколнатата спирала“. Го опишува добро познатиот механизам на одржување на постојана автократија, кој авторите го нарекуваат „екстрактивни институции“: комбинација од репресија, корупција, бирократска машинерија и комбинација на интересни групи – од политичари, бизнисмени под заштита на државата, локални „поглавици“, медиумите, па дури и верските водачи. Тие создаваат ѓаволска комбинација што го заробува општеството во стапицата на привидната демократија, која де факто е диктатура на која е тешко да се спротивставите. Во повеќето случаи, оваа домашна автократија според своите ефекти е потешка од странска окупација.

4.

Ако дијагнозата на Асемоглу и Робинсон е точна, перспективите за нас како народ се мрачни. Никогаш не сме живееле во неавтократски системи, а ни денес сè уште немаме воспоставено целосна и вистинска демократија. Од друга страна, живееме во свет во кој владеат нееднаквости. Во богатите земји луѓето се поздрави, живеат подолго и се значително пообразовани. Имаат неспоредливо повисок стандард и можат да си дозволат работи за кои сиромашните можат само да сонуваат.

Последиците се лесно предвидливи и очигледни: во Босна и Херцеговина и Србија се соочуваме со таков степен на иселување на населението што со право може да се зборува за вистински егзодус. Тој факт е доказ prima facie („на прва топка“) дека нешто не е во ред со нашиот политички систем. Според анализата на Асемоглу и Робинсон, само површинската причина за овој егзодус е сиромаштијата – таа е последицата – а суштинската причина е недостатокот на политички и индивидуални слободи. За евалуација на оваа теза многу е важно да се забележи каде одат нашите сограѓани: огромното мнозинство одат во правец на Запад, т.е. она што овие автори го опишуваат како место каде либералните права и слободи се темел на успехот.

Тоа се места каде што луѓето се сигурни дека владата нема повеќе или помалку отворено да им го конфискува имотот, да им наметнува незаконски данок или да ги апси, етикетира и прогонува поради нивните убедувања. Каде што луѓето можат слободно да го реализираат својот потенцијал, без мрежата од корупција што ги прекрива. Каде што политичката моќ не е узурпирана од политичка клика која ви дава лиценца за секој проект што сакате да го остварите. Каде што не мора да се понижуваш барајќи „врска“ за сè што нормално ти припаѓа како граѓанин. Онаму каде што не мора да имате политичка заштита за вашиот бизнис да успее. Каде што треба да го вратите заемот што го земате со кредитен ризик. Ако Асемоглу и Робинсон се во право – додека не воспоставиме таков политички систем, ќе исчезнеме како народ. Оттука следува уште еден заклучок: главниот непријател не е некој надворешен играч, туку сите оние директни и индиректни слуги на пеколната машинерија на екстрактивни институции што го заробија нашето општество.

(*Александар Савановиќ е професор по политички науки на Универзитетот во Бања Лука, БиХ.)

Извор: Магазин Бука (Превод и подготовка: С.С.)

Зачлени се на нашиот е-билтен