УНРВА со години има проблеми со финансирањето. Сега десет значајни донатори ги „замрзнаа“ заложените средства. Како настана хуманитарната организација за помош на Палестинците? И зошто е толку контроверзно?
Десет главни земји донатори ја суспендираа до дополнително известување финансиската помош за УНРВА, Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за Палестинците. Меѓу нив се Германија, САД, Австралија, Јапонија, Италија, Холандија, Канада, Финска, Швајцарија и Велика Британија.
Причината за тој потег се приговорите против соработниците на УНРВА, односно обвинувањата за можно учество на персоналот на таа организација во терористичките напади на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Хамас е класифициран како терористичка организација во Германија и во некои други земји.
После тоа, главниот комесар на УНРВА, Филип Лазарини, апелираше до донаторите повторно да размислат за таа одлука: „УНРВА е најважниот актер во обезбедувањето хуманитарна помош во Газа“, се вели во официјалното соопштение на швајцарско-италијанскиот дипломат.
Повеќе од два милиони луѓе во Појасот Газа не би можеле да преживеат без помошта на УНРВА, додаде тој.
-Ние обезбедуваме домување за повеќе од еден милион луѓе, го снабдуваме населението со храна и најпотребните медицински материјали, рече Лазарини.
Но, што точно е задачата на таа меѓународна хуманитарна организација? А кои се обврските на УНРВА (кратенка за: Агенција за помош и работа на Обединетите нации за палестинските бегалци на Блискиот Исток)?
Зошто е основана УНРВА?
Организацијата за обезбедување хуманитарна помош за Палестинците е основана од Генералното собрание на ОН на 8 декември 1949 година. Таа започна со работа на 1 мај 1950 година. Нејзината цел беше да обезбеди помош на повеќе од 700 илјади Палестинци кои поради конфликт со Израел, беа протерани од својата татковина.
На 14 мај 1948 година, Израел ја прогласи својата независност. После тоа, заедничките воени единици на Египет, Сирија, Либан, Јордан и Ирак влегле на територијата која претходно ја контролирале Британците и ја нападнале младата држава Израел.
Според дефиницијата на ОН, УНРВА е хуманитарна организација чија цел е да им пружи помош и заштита на палестинските бегалци – додека не се најде трајно политичко решение за нивната незавидна, во суштина многу тешка ситуација.
Во својата работа на терен, организацијата се фокусира на образование, обезбедување медицинска нега, социјални услуги и други видови помош, подобрување на инфраструктурата и условите за живот во бегалските кампови, издавање микро-заеми и итна помош за палестинските бегалци.
УНРВА, како што наведува, инвестира половина од вкупниот буџет во образованието. Организацијата се грижи за повеќе од 700 училишта и е единствената организација на ОН во светот која обезбедува целосен училишен систем, според соопштението за печатот од мај 2023 година.
Како се финансира УНРВА?
Хуманитарната организација го „покрива“ речиси целиот буџет со помош на доброволни донации од земјите членки на ОН. Неодамна, САД беа најголемиот поединечен донатор, а потоа следат Германија, Европската унија и Шведска.
За 2023 година беше предвиден буџет од 1,745 милијарди американски долари, но досега УНРВА има добиено ветувања од донатори кои изнесуваат само 44 отсто од таа сума. Во 2022 година, донаторите ветија дека ќе стават на располагање 1,17 милијарди американски долари – од кои половината доаѓаат од земјите-членки на ЕУ.
Хуманитарната организација за помош на Палестинците имаше проблеми со финансирањето во последните десет години. УНРВА продолжува да добива помалку пари отколку што вели дека треба. На почетокот на 2023 година долговите изнесуваа околу 80 милиони евра. Причината за тоа не е само зголемениот број кризи и конфликти во регионот, туку и зголемениот број на палестински бегалци.
Како се дефинира кој е бегалец, а кој не?
Според дефиницијата на Генералното собрание на ОН од 1952 година, палестинските бегалци се „лица чие нормално место на живеење од 1 јуни 1946 до 15 мај 1948 година е Палестина, а кои поради конфликтот од 1948 година го загубиле и својот дом и средства за живеење“.
Според меѓународното право и врз основа на Принципот на заштита на семејното единство, статус на бегалци имаат не само бегалците кои морале да ги напуштат своите домови, туку и нивните деца и потомци. Тој принцип, како што е дефиниран од ОН, важи за сите луѓе, не само за палестинските бегалци – се додека постојат причини зошто некој е принуден да бега.
Која е разликата помеѓу УНРВА и УНХЦР?
И Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР, Висок комесаријат на Обединетите нации за бегалци) и УНРВА беа основани во 1949 година од страна на Генералното собрание на Обединетите нации.
УНХЦР се грижи за бегалците ширум светот и ги признава луѓето како бегалци врз основа на Женевската конвенција од 1951 година. Областа на дејствување на УНХЦР вклучува преселување на бегалците, како и нивно враќање во нивните матични земји.
УНРВА, од друга страна, е хуманитарна организација која не може никому да даде статус на бегалец, туку дава помош само на оние лица кои имаат право на тоа. Мандатот на УНРВА се протега и на помош на палестинските бегалци во пет области: Западен Јордан (вклучувајќи го и Источен Ерусалим), Газа, Сирија, Либан и Јордан.
Зошто ја критикуваат УНРВА?
Критиките искажани од политичари од Израел и од некои други земји, во повеќе наврати, се однесуваат пред се на дефиницијата на палестинските бегалци, односно на прашањето кому му е дозволено (а на кој не) да има таков статус?
Самиот факт што и потомците на првобитните бегалци од Палестина имаат право на тој статус го принуди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху еднаш да ја нарече УНРВА „институција за овековечување на бегалците“. Тој смета дека оваа задача не треба да биде во доменот на дејствување и одговорност на Обединетите нации.
Покрај тоа, често може да се слушне жалбата дека учебниците на УНРВА шират омраза и насилство. Германија, Израел, САД и некои други земји ја обвинуваат таа организација дека нејзините учители го слават теророт на Хамас, односно дека во учебниците се проповеда омраза кон Евреите.
Израелскиот институт Impact-SE, кој со години е вклучен во работата на УНРВА, во една од своите студии дошол до заклучок дека во училишните материјали доминира „делегитимизацијата и демонизацијата на еврејската држава“, односно глорификацијата на насилството.
Тешки се и последните обвинувања на Израел, кој тврди дека 12 лица кои работат за УНРВА и помогнале на терористичката организација Хамас во нападот врз Израел во октомври минатата година, односно дека му дале поддршка на Хамас во наредните денови. Во нападот на Хамас, според израелските изјави, загинале околу 1.200 луѓе во Израел, а околу 240 заложници биле однесени во Газа. мс/
Клер Рот/Астрид Пранге
(Дојче веле / МИА)