Дали треба секогаш да ја говориме вистината и зошто не? Претставата „Лагата“ пред преполното гледалиште на Античкиот театар понуди неколку одговори. И – сите се точни и сите се лажни истовремено
Стојан СИНАДИНОВ
Ако вистината и лагата во нашето животно секојдневие се соединуваат во некој амалгам како потрага по „алгоритмот на среќата“ – или како и да се вика тоа чистење на совеста во име на некој спокој во семејните, пријателските и останатите врски – тогаш што да се избере? Претставата „Лагата“ на Белградскиот драмски театар (Београдско драмско позориште) на затворањето на годинешното, 63. издание на „Охридско лето“ пред преполното гледалиште на Античкиот театар понуди неколку одговори. И – сите се точни и сите се лажни истовремено.
Претставата „Лагата“ е работена според драмскиот текст, праизведен во 2014, на францускиот писател, сценарист и режисер Флоријан Зелер (Florian Zeller), еден од наинтригантните автори на денешнината, добитник на „Оскар“ за неговиот дебитантски филм „Таткото“ (The Father) во 2020 за најдобро адаптирано сценарио, меѓу останатите врвни награди и признанија. Неговиот текст можеби третира доста експлоатирана тема како што е неверството, но ракописот на Зелер доста умешно користи неколку пресврти кои и додаваат акцелерација (забрзување) на приказната.
Вечерата на два брачни пара, меѓусебно поврзани со долгогодишна пријателско-кумовска врска, веднаш започнува со дилемата дали треба на пријателите да им се каже вистината ако, случајно или не, сте дознале за неверството на едниот од брачните партнери? Потоа, што ако тие сознанија за неверствата се мултиплицираат, односно се прелеваат од еден брачен пар на друг, а потоа и ќе се измешаат односите меѓу двајца пријател(к)и од доверба во ривалство, па и повеќе од тоа? Како што вели еден од ликовите во драмата, лагата е полезна за одржување на љубовта и бракот, а вистината само ќе ги уништи. Тие „опасни врски“ се податна тема уште од францускиот романтизам, а алузијата на истоимениот роман на Пјер Шодерло де Лакло не е воопшто случајна, како и реминисценцијата дека токму на овој наслов има(ше) капацитет за неколку извонредни филмски верзии, како онаа на Роже Вадим, со Жана Моро иод 1959, или на Стивен Фрирс од 1988, токму со споменатиот Малкович во една од главните улоги.
Ваквата драмско-тематска структура воопшто не е новина во литературата и сцената. Но, ако ја парафразираме тезата на Фридрих Енгелс за филозофите, работата на писателите и режисерите не е да ја објаснуваат историјата на драмата, туку да ја менуваат нејзината структура и динамика. Во текстот на Зелер можеби ја имаме таа предвидливост на дејствието, но суптилноста во дозирањето на настаните ја гради интензивноста на драмата и ги моделира ликовите. „Опасните врски“ се некој далечен фон за „Лагата“, но и во двата случаи сведочиме на манипулацијата со чувствата и верноста како непресушна драмска инспирација.
„Лагата“ на Белградскиот драмски театар е „наменски“ проект во племенита смисла на зборот. Тој обединува скокотлива тема што ги засега сите, и актерски ѕвезди од рангот на Милош Биковиќ, Миодраг Радоњиќ, Тамара Крцуновиќ и Јелисавета Теодосиќ кои, повторно, им се доволно добро познати речиси на сите гледачи на претставата. Тоа е тој маркетиншки момент кој авторите треба внимателно да го дозираат за да добијат што поголема видливост (гледачи), но и квалитет за да не ја изгубат публиката за следната прилика.
Слично како и во изведбата на „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец” со Џон Малкович како „заштитен знак“ на проектот, и „Лагата“ веднаш ја отклонува можната стапица за гледачите. Неформалната дефиниција од историјата на медиумите, која вели дека филмовите ги паметиме по имињата на актерите, а ТВ сериите по имињата на ликовите, секогаш е мечот со две острици кој носи колатерална штета или добивка за некој проект. Свесни дека публиката и да сака не може да не ги препознава, барем „под око“, лицата на Мараш (Биковиќ), Баќа (Радоњиќ), Марија Ѓурашиновиќ (Крцуновиќ) во „костимот“ на актерите кои стекнаа огромна регионална популарност со филмовите и трите ТВ сезони од серијалот „Јужен ветер“ – како и на Тијана (Теодосиќ) од „Убијците на мојот татко“ – поставката ги „персонализира“ нивните улоги во „Лагата“ со личните имиња на актерите. Од друга страна, пак, да се направи хит-претстава во современиот театар на српски јазик, а без ниту една реплика што ќе почнува со веќе озогласеното „Брате, ово, оно…“ го покажува чесниот однос на режисерот и актерите кон текстот на „Лагата“.
Таа задача во „Лагата“, која не е ни малку лесна, паѓа првенствено врз актерските креации на Биковиќ и Крцуновиќ, како ликови од брачниот пар чии постапки го движат дејствието. Не дека тие не го третираат неформалното наследство на актуелниот медиумско-театарски миг, но јасно прават отклон кој ја држи „Лагата“ далеку, мошне далеку од некои естрадни води. Нивната „висококалорична“ игра создава полнокрвни ликови на кои безмалку им го чувствувате пулсот во публиката. Биковиќ во издание какво што не сме го виделе во филмовите и ТВ сериите: создава цела палета емоции на кршлив човек, слабак што не знае дали сака да си го спаси бракот или да испадне мачо-заводник, као неговиот пријател и кумот Миќко (Радоњиќ). И тука Биковиќ, без разлика што е далеку најпопуларното име во оваа актерска четворка, несебично избира да биде еднаков меѓу еднакво добрите актери. Крцуновиќ, пак, е моторот на сите тие емоционални пресврти во кои актерите внимателно внесуваат доза на комичност, токму толку колку што треба да се „релаксира“ публиката со смеа во оваа титанска борба меѓу лагата и вистината, мажот и жената, кумот и кумашинот, а Теодосиќ успешно се носи со стереотипот на нејзиниот лик како олицетворение на жена која не размислува многу кога во прашање е задоволството од сексот и шопингот.
Режисерот Никола Љуца, чие авторско портфолио е главно фокусирано на драмскиот жанр – прошарано со трилер елементи како во неговиот дебитантски игран филм „Влажност“, со кој постигна голем успех, а беше победник и на „Синедејс“ во Скопје 2016; но и во ТВ серијалот „Беса“, каде што е еден од режисерите – умешно ја дозирал играта, дозволувајќи им на актерите да се размавнат во одредени моменти. „Лагата“ е драма за, во основа, студените односи меѓу сопружниците и пријателите, кои со секоја наредна постапка и реплика ја откриваат лажната слика за некоја замислена верност и блискост.
Така, бришејќи ја етичката граница меѓу вистината и лагата, протагонистите во „Лагата“ стануваа потполно свои. Вистинско лажни или лажно вистински, тоа ќе биде сеедно за нив, бидејќи драмата и нема класичен крај. Крајот е само почеток на нов циклус вистини и лаги.