Ајварот годинава поскап – цените на пазарот до 80 денари за килограм

Ајварот, еден од најпознатите симболи на македонската гастрономија, годинава ќе се продава по повисоки цени. Килограм пиперки за домашно подготвување на ајвар се движи од 60 до 80 денари.

„Ајварот ќе биде скап годинава“, велат продавачите, додавајќи: „И, ако го има.“ Подготовката на ајварот, која се пренесува од генерација на генерација, е дел од нематеријалното културно наследство, а за семејствата претставува и социјален ритуал на заедништво и соработка.

Производството на пиперки вклучува околу 13.000 мали земјоделски стопанства, додека индустријата за ајвар според Светска Банка вработува околу 70.000 лица. За домаќинствата, подготовката на зимницата обично се завршува до 11 октомври, а од 10 килограми пиперки се добиваат околу 2,5 тегли ајвар од по 800 грама.

И покрај повисоките цени, пиперките со црвена, слатка и сјајна лушпа полека исчезнуваат од пазарот, а граѓаните сè уште го гледаат ајварот како симбол на домашната кујна и македонската традиција.

Зачлени се на нашиот е-билтен