Три од најголемите македонски банки наскоро ќе објават нови тарифници со пониски провизии за платни услуги – потврди гувернерот Трајко Славески во интервју за емисијата „Трилинг“. Одлуката доаѓа по неколкумесечен дијалог меѓу Народната банка и банкарскиот сектор, инициран од потребата граѓаните да добијат поефикасни и подостапни услуги.
Клучниот поттик е промената на моделот на функционирање на системот за меѓубанкарско порамнување МИПС. Со новите правила и пониските трошоци за користење на системот, банките ослободија значителни средства. „Нашата интервенција во МИПС го намали оперативниот трошок и отвори простор дел од заштедата да се прелиe кај клиентите“, изјави Славески, најавувајќи дека ефектите ќе станат видливи веднаш штом тарифниците стапат во сила.
Иако гувернерот не ги прецизираше точните процентуални намалувања, банкарските извори велат дека најголем удар ќе добијат провизиите за електронски трансакции и за меѓубанкарски налози, кои досега беа најчеста забелешка на корисниците. Народната банка очекува оваа мерка да ја зголеми конкуренцијата меѓу банките и да придонесе за поголема дигитализација на платниот промет.
Од најавата профитираат и стопанствениците, бидејќи дел од новите тарифници ќе вклучуваат поповолни услови за масовни плаќања и онлајн продажба. Граѓанските организации пак потсетуваат дека битката за поевтини банкарски услуги трае со години и дека регулаторниот притисок е единствениот начин ценовникот навистина да се коригира во корист на клиентите.
Со новите правила, Народната банка испраќа сигнал дека нема да толерира високи маржи во сектор кој има стабилна профитабилност и клучна улога во економијата. Прашањето е дали повеќето кредитни институции ќе ја следат иницијативата или ќе се обидат да ги задржат старите модели преку скриени надоместоци. За тоа ќе решава пазарот, но и внимателните очи на регулаторот.