Со потпишувањето на договор за преземање на компанијата „Имлек“ од страна на двајца српски бизнисмени, индиректно нови сопственици добива и „Битолска млекарница“, една од клучните млечни компании на македонскиот пазар.
Фондот MidEuropa, кој досега го контролираше „Имлек“, постигна договор за продажба со инвестицискиот фонд AJFH, зад кој како водечки инвеститор стои бизнисменот Андреј Јовановиќ, и со актуелниот генерален директор на „Имлек“, Бојан Радун, кој влегува како коинвеститор. Според официјалното соопштение, токму ова партнерство треба да ја дефинира новата сопственичка структура и идната стратегија на групацијата.
„Имлек“, со седиште во Падинска Скела, управува со млекарници во Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, преработува речиси 400 милиони литри сурово млеко годишно и откупува млеко од над 3.500 земјоделци во регионот. Во групацијата лани биле вработени 825 луѓе, со остварен приход од околу 280 милиони евра и нето-добивка од 13,1 милион евра.
Новите сопственици најавуваат дека ќе се фокусираат на зајакнување на брендот и понатамошна модернизација на производните капацитети. Бојан Радун, кој останува на чело на „Имлек“, има повеќе од две децении искуство во индустријата за широка потрошувачка, како поранешен извршен директор на „Бамби“ и „Нектар“, а е и акционер во неколку регионални компании за храна и пијалаци.
Андреј Јовановиќ, пак, е познат како коосновач на „Марбо Продакт“, производителот на грицки кој подоцна го презеде PepsiCo, а подоцна беше и ко-сопственик на групацијата My Brands, во која влегуваа „Бамби“, „Књаз Милош“ и „Имлек“. Дополнително, има банкарско искуство преку „Директна банка“, која беше преземена од АИК банка. Денес е претседател на одборот на директори на „Имлек“.
Со оваа трансакција, „Битолска млекарница“ останува во рамките на истата регионална млечна групација, но под нова сопственичка структура. Официјалните најави се дека продажбата ќе биде целосно затворена во првиот квартал на 2026 година, по добивањето на сите регулаторни одобренија и исполнување на стандардните услови за ваков тип зделки. Тоа значи дека клучните промени – потенцијални нови инвестиции, можно проширување на асортиманот или реорганизации – би се очекувале по завршувањето на формалната процедура.
За домашните фармери и потрошувачи оваа смена носи две клучни прашања: дали новите сопственици ќе го задржат обемот на откуп на млеко и инвестициското темпо во локалните капацитети, и дали на долг рок ќе има стабилни цени и сигурен пласман за производителите. Одговорите ќе зависат од тоа колку навистина новата сопственичка структура ќе гледа на „Битолска млекарница“ како на стратешка точка на присуството во Македонија – или само како на уште една фабрика во регионалната карта на „Имлек“.

